Посетата на директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, на Балканот изгледа како доаѓање на повозрасен авторитет што решил да заведе дисциплина меѓу немирните деца од проблематично маало, па подготвен е и да тегне уши бидејќи не го слушаат или се преправаат дека не ги слушнале досегашните опомени
Ненадејниот гостин дојде без најава и тивко. Дури толку тивко што многумина се прашуваа дали воопшто дошол. Се претпоставуваше дека навратил на неколку места за да пренесе конкретни, но не баш пријатни пораки за домаќините, да ги опомене, дури и да ги прекори поради нивното однесување. Сѐ со цел да ги потсмири тензиите и да се осигури дека несогласувањата помеѓу нив нема да се заострат. Посетата изгледа како доаѓање на повозрасен авторитет што решил да заведе дисциплина меѓу немирните деца од проблематично маало, па подготвен е и да тегне уши бидејќи не го слушаат или се преправаат дека не ги слушнале досегашните опомени. Приближно вака, на шеговит начин може да се опише балканската мини-турнеја на директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, за време на која тој ги посети БиХ, Србија и Косово. А дека шегата не е далеку од вистината, потврдува и изјавата на некогашниот амбасадор и шеф на мисијата на СР Југославија во САД, Небојша Вујовиќ, кој кажа дека „не би сакал да биде во чевлите на домаќините на Барнс, ниту во Сараево, ниту во Белград“.
Самото пристигнување на Барнс предизвика голем интерес, бидејќи тој е првиот шеф на американската разузнавачка агенција што го посетил Балканот уште од 2016 година, а згора, доаѓа во осетлив момент кога тензиите во регионот се зголемуваат, поттикнати од запалива политичка реторика, додека истовремено се водат војни во Украина и на Блискиот Исток.
Безбедносни експерти, новинари и политичари од сите земји опфатени во турнејата на Барнс истакнаа слични ставови во обидите да ја протолкуваат посетата на шефот на ЦИА. Во Србија велеа дека функционерот од Америка пренел силни, сериозни и тешки пораки, додека од косовската страна можеше да се слушне размислување оти Барнс упатил барање до властите во Приштина да го прекинат едностраното дејствување, да се вратат на дијалогот и да го координираат дејствувањето со сојузничките држави. Во БиХ, пак, посетата ја сметаат како доказ за поддршката на САД за територијалниот интегритет и суверенитет на државата, бидејќи сецесионистичка реторика на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, беше посочувана како можен повод за доаѓањето на Барнс во БиХ.
Познато е дека Вилијам Барнс, кој поседува долгогодишно искуство во дипломатијата, важи за човек од доверба на актуелниот американски претседател Џо Бајден. Барнс стекна репутација на „тајно дипломатско оружје“ поради неговите многубројни ангажмани во осетливи дипломатски мисии и учество во тешки преговори. Се смета дека токму неговата булдожер-дипломатија ќе придонесе и за намалување на тензиите во БиХ, која заедно со Косово е означена како можно кризно жариште на Балканот.
Извесно е дека официјален Вашингтон им посветува големо внимание на случувањата на Балканот и се обидува да ги менаџира состојбите со сите политички актери пред ситуацијата да излезе од контрола. Новинарот од Приштина, Џезаир Даши, посочи дека Барнс дошол во Западен Балкан за да им каже на „непромислените и авантуристички лидери што бараат гласови во Србија, Босна и во Косово оти САД нема да дозволат безбедноста да биде загрозена“. Колку Американците се сериозни во нивната намера за одржување на мирот и безбедноста може да се согледа и во навидум изразената подготвеност да најдат замени за балканските политички „бељаџии“ од чии потези се незадоволни и до кои веќе испратија предупредувања. Тоа е јасен сигнал до оние што планираат чекори за дестабилизација во обид да остварат лични политички цели, какви што има и кај нас.
Активности на пресретнување секаков обид за потенцијална дестабилизација се спроведуваат во повеќе држави од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, од страна на активни, но и од поранешни американски разузнавачи што соработуваат со властите, бидејќи Американците се свесни дека ако се распали каков било конфликт од етничка природа, тој може да доведе до несогледливи последици по целиот регион. Вујко Сем затоа е решен да ги згасне балканските кризни жаришта, пред да биде предоцна.