Реформите се пред вратата. Но реформите кога ќе влезат, тие во општеството и во државата ќе бараат континуитет и доследност во планот на спроведување. Кризата со пожарите, која го обележи целото лето, само на драстичен и опасен начин повторно ни укажа на принципите според кои се спроведуваат реформите – во економијата, во правниот систем, во здравството, во образованието, во земјоделството, во енергетиката… Кога еднаш ќе започнат, динамиката треба да биде во континуитет и мора да се одржува, а стратегијата и планот треба да се спроведуваат без драстични промени на поставените цели и определби
Уште да ја надминеме оваа криза…, уште да добиеме позитивен сигнал…, уште да го исполниме овој услов… и започнуваме со реформи! Во таков, по малку афористичен манир, накратко може да се претстави постојаниот предизвик на Македонија со реформите, кои, според реториката на политичарите, треба да ја однесат во ЕУ, а некогаш и ЕУ да ја доведат кај нас. И така триесетина години на реформскиот пат се движиме во ритамот чекор напред, два назад, или во најоптимистичка варијанта – напред два ситни чекора, назад поголем чекор.
Летото со пожари во земјава, кое може да се каже дека и покрај сите системски и организациски напори за нивно гаснење или ставање под контрола, сепак стивна со помош на природата – со дожд, на мошне драматичен и жесток начин ја покажа потребата од реформи, и тоа по итна постапка. Пожарите како приоритет ја наметнаа реформата на системот за управување со кризи, за која директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, во секое интервју во текот на кризната состојба поради пожарите, потсетуваше дека зборува веќе три-четири години. Во интерес на вистината, пожарите во Македонија летово започнаа веројатно во првите две седмици на воспоставувањето политичка влада, по четири-петмесечен мандат на техничка влада, што се покажа како отежнувачки административен фактор во првите денови на борбата против огнената стихија. Имено, поради ограничените надлежности на техничката влада, Дирекцијата за заштита и спасување остана без пилоти што би ги управувале противпожарните авиони. Пилотите што претходно заминале во пензија не можеле да бидат заменети со новоангажирани, ниту пак истите да бидат ангажирани со договор, поради ситуацијата во која за време на мандатот на предизборна техничка (пржинска) влада не смее да има вработувања во државната администрација и јавните претпријатија. И така, меѓу првите предизвици на новата влада во справувањето со „природната“ стихија беше отстранување на административните пречки за активирање на системот за управување со кризи. Во текот на оперативното справување со пожарите, може да се каже и дека некако започнаа „реформите“ во овој систем со одлуката на Владата за интегрирање на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Сепак, вообичаените искуства од реформи започнати во кризна ситуација предупредуваат на практиката дека тие можат да запрат или стагнираат кога опасноста ќе биде надмината, а циклусот на расправи, анализи, дебати повторно да започне кога ќе се појави иста таква опасност.
А опасноста од пожари е мошне предвидлива секое лето, како и непријатностите од снегот во зима. Но системот за управување со кризи е наменет и замислен за дејствување и во помалку предвидливи несакани ситуации (како земјотреси и други природни непогоди), кои не оставаат простор за кампањски системско-административни реформи во последен миг, кога кризата веќе започнала.
Реформите на секој план во општеството и во државата бараат континуитет и доследност во планот на спроведување. Кризата со пожарите, која го обележи целото лето, само на драстичен и опасен начин повторно ни укажа на принципите според кои се спроведуваат реформите – во економијата, во правниот систем, во здравството, во образованието, во земјоделството, во енергетиката… Кога еднаш ќе започнат, континуитетот мора да се одржува, а стратегијата и планот треба да се спроведуваат без драстични промени на поставените цели и определби.
Во тој контекст, стратегиска цел на Македонија, определена уште пред триесетина години, во почетоците на нејзината државна независност, останува членството во Европската Унија. Уште тогаш Македонија ја изрази својата подготвеност за реформирање на општеството и политичкиот систем во насока на постигнување и усогласување со вредностите и принципите на Европската Унија, наведени како копенхашки критериуми за проширување.
За овие триесетина години, и покрај тоа што копенхашките критериуми останаа формално да постојат, на Македонија ѝ беа поставувани уште многу специфични вонкритериумски услови од земјите членки на ЕУ, само за да стигне до позицијата за исполнување на критериумите. Таквите вонкритериумски услови на ЕУ се покажаа како субверзивно-опструктивен механизам за одржување и спроведување на континуитетот на реформите што се бараа од Македонија и кои таа ги прифати. Па, така, реформите во судството, наместо во насока на владеење на правото, скршнаа во насока на задоволување на политичкиот опортунизам и сега се доведени во состојба на два отсто доверба во македонската јавност, реформите во здравството до несигурност на пациентите, а медицинскиот персонал да си ја „бара среќата“ на печалба во странство… Успехот на реформите во образованието се сведе на навреме започната и завршена учебна година, со неизвесност дали сите ќе добијат учебници…
Дождот ги згасна пожарите и се чини дека (повторно) е вистинско време да почнат реформите, за еднаш да се воспостави континуитет во заложбите за подобар живот на македонските граѓани, па и за оние реформи предвидени со копенхашките критериуми на ЕУ. Кога ќе биде постигнат стандардот на тие европски критериуми, поаргументирано се докажува непринципиелноста на вонкритериумските услови и уценувања од соседните земји членки на ЕУ што ги опструираат македонските евроинтеграции.