Помина времето на големи лидери, кога светот беше малку помирно место за живеење, кога таквите лидери знаеја да пресечат и да смират тензии со вртење на еден телефон, кога носеа мудри одлуки и имаа визии за тоа како треба да изгледа вистинска обединета Европа или како да се зачува светскиот мир, како да се намали јазот меѓу богатите и сиромашните, како да се спречи блоковската поделеност, како да се заштити природната средина и генерално планетата оти беа свесни дека со нивните одлуки и постапки ја креираат иднината на следните генерации.
Такви лидери веќе нема, туку има само случајни патници во политиката, кои во одреден момент треба да ја одиграат својата улога и потоа да бидат фрлени на буништето на политичката историја.
А кога не постојат вистински идеали и харизма со таквите идеали да се задојат широките маси, проработуваат светските моќни центри чија задача е да креираат лидери во одредени подрачја, кои треба да завршат одредена работа важна за некои повисоки стратегиски интереси.
Во тој контекст треба да се посматра „недисциплинираното“ однесување на косовскиот премиер Курти, кој на политичката сцена се појави фрлајќи чадни бомби и солзавец во косовското собрание, покажувајќи пркос кон тогашните косовски власти на чие чело беа поранешните команданти на УЧК, сите до еден извалкани со војната на Косово и со сериозни обвиненија за воени злосторства. Беа толерирани повеќе години само затоа што одработија за своите западни сојузници, но кога дојдоа нови генерации родени по војната, кои почнаа да прашуваат зошто во нивната држава има толкава корупција и криминал, употребната вредност на екскомандантите на УЧК помина и беа фрлени првите чадни бомби во косовското Собрание. Зад чадот и солзавецот секогаш стоеше Курти, како бунтовникот што сакаше да го ослободи Косово од стегите на поранешните команданти осомничени за криминал и воени злосторства и да го отвори патот за нови демократски сили, неизвалкани од војната, кои ќе работат во интерес на државата.
Така се делкаше Курти како нова политичка фигура, полека, трпеливо, додека да дојде вистинскиот момент. Почнаа апсењата за воени злосторства на поранешните косовски премиери и претседатели, мистериозно се самоубиваа клучните сведоци, но дамката остана. Беше јасно, старата гарда мора да си замине, а новата ќе мора некој да ја предводи. А центрите што креираат лидери точно знаат што сака да види народот. Тоа е пркос, пркос кон секој оној што посегнува по суверенитетот. Затоа Курти мува не го лази и кога еднострано престана да го имплементира Договорот за воспоставување заедница на српски општини, Косовскиот заштитен корпус го претвори во армија, го укина српскиот динар на северот, ги тргна српските регистарски таблички, ги затвори поштенските штедилници на северот на земјата за да го централизира платниот промет да оди преку Приштина, а не преку Белград, со други зборови, воспостави целосен суверенитет над целата земја. Сега најавува дека ќе го отвора и мостот на Ибар на поделената Митровица, невралгична точка што во минатото често беше место на судири меѓу Србите од северот со Албанците од југот на градот. И повторно, Западот демек бара од него да се воздржи од еднострани одлуки, дека против е САД, Квинтата, сите други, но тој си тера по свое. Да не се лажеме, никој, особено не на Балканов, не се однесува вака ако некој не стои зад него и не му ги одобрува постапките. А стојат сите што демек го караат, а всушност, кои го користат за свои потреби. Затоа неговите аспирации излегуваат надвор од косовските граници, па неговото движење го имаше на изборите во Албанија, индиректно го имаше и во Македонија, колку само да испрати порака дека има сериозни планови пошироко во регионот, а не само во Косово.
Неговите планови, кои веројатно претходно се некаде добро разработени, подразбираат негово промовирање во регионален сеалбански лидер. Затоа е тој отпор кон него што го има во соседството. Во Албанија косовскиот премиер му ги мати плановите на актуелниот албански премиер Еди Рама, кој амбициите да биде сеалбански лидер ги истакна токму на митинг среде Атина, каде што во познатата црно-црвена иконографија се извикуваа пароли за сеалбанско обединување. Пазете, среде Атина, што не е воопшто за потценување. Ни во најлудите соништа човек не би можел да замисли дека Грција ќе му дозволи на некој македонски премиер да одржи сличен митинг во Овчарани, а не, пак, во Атина. Една изложба нашиве направија во Солун, па дојдоа неонацистите од Златна зора да ја затворат.
Но на Рама му дозволија, веројатно сакајќи тој да биде сеалбанскиот лидер оти со него ги добија сите свои барања, особено во делот на проширувањето на поморската граница, а ќе ги имаат уште во текот на албанските евроинтеграции. Затоа Рама им е добар, кооперативен е.
Во Македонија од ДУИ не се среќни со промовирањето на Курти како некаков албански регионален лидер оти во тој случај отпаѓа нивниот претседател Али Ахмети, кој во неколку наврати сакаше да игра некаква регионална лидерска улога, но очигледно не е добро прифатен меѓу младите за кои Курти е многу поинтересен и нема багаж од војната. Во Македонија и дел од партиите на Албанците веќе отворено го поддржуваат Курти и прашање на време е кога ќе се претопат во неговото движење, кога и тоа да се официјализира тука.
Несомнено Курти е веќе оформен кандидат за сеалбански лидер и оние што ги креираат неговите постапки многу добро го знаат тоа, без брзање, чекор по чекор, за да може утре оние што ќе излезат на гласање во главата да имаат точна претстава каква личност сакаат да им ја води државата. А сите сакаат цврста и бескомпромисна личност, без разлика дали некој вештачки ја создал и ја одржува во политички живот. Некогаш и привидот на вистински лидер е подобар од понизниот однос, сервилноста и поданичките политики.
Вака или онака култот на Курти некој уште ќе го билда, ќе го издига на највисокиот пиедестал, сѐ додека не се расчисти чадот од чадните бомби и солзавецот што тој, или, некој друг, ги фрлаше. Тогаш веројатно работите ќе почнат многу појасно да се гледаат.