Мислев дека и врапчињата знаат дека Центарот за глобални промени на Филозофскиот факултет, кој го раководам, организира меѓународна конференција на светско ниво. Помагач ни е Матицата на иселениците од Македонија. Темата е сосема невообичаена за ова наше поднебје; ќе зборуваме за можноста за воспоставување кооперативен мултиполарен систем – зашто алтернативата е варварство! Се наоѓаме на чекор од трета светска војна, а ние како научни работници и интелектуалци мораме да бидеме совест и аларм за политичките центри на моќ. Таква беше нашата идеја водилка. Се повикавме на старата мисла на Грамши (кој се покажа пророк во предвечерјето на ужасите од Втората светска војна): стариот свет е на умирање, а новиот се бори да се роди; ова е време на монструми. Мојот сега покоен гуру, Хакан Виберг, знаеше да каже дека светот (мислеше на нашиот, академски) се дели на две групи луѓе: на оние што некогаш организирале конференција и на преостанати што никогаш не го направиле тоа. Ние, првите, сме паталци. Би требало најтешката работа да биде суштинската, програмската – да се осмислат темата и поттемите, да се споделат меѓу врвни колеги низ светот и, конечно, тие да се убедат дека вреди напорот да се дојде во Скопје, периферија на перифериите (особено во академскиот свет). Во оваа ситуација, охридскиот шарм и убавина се прескапи за да ги ловиме гостите со нив. Првиот со кого разговарав за можно учество беше Џефри Сакс, кој не само што е исклучителен експерт на ОН, професор на универзитетот „Колумбија“ од Њујорк, туку и еден од оние што се морална вертикала во светот што се распаѓа пред наши очи, а кој умира болно во Газа. Тоа беше есента 2023 година. На мое изненадување, тој со ентузијазам ја поддржа идејата, иако не можеше да ми вети дека токму во октомври 2024 година ќе може да дојде во Скопје.
Почна долга преписка со неговата сопруга и тимот што му помага, бидејќи ако е некој на листата на најбарани говорници во светот, тоа е тој. Конечно, во февруари знаевме дека распоредот нема да му дозволи физичко присуство. Сепак добив позитивен одговор: каде и да се наоѓа, во која и да е временска зона, тој во живо ќе се вклучи во нашата програма и ќе комуницира со сите нас околу половина час. Втората ѕвезда на програмата е професор Жџанг Веивеи, кого западните кругови го нарекуваат „кинескиот Фукујама“ – но јас ве уверувам дека тој е во друга орбита, далеку подобар од истрошениот Фукујама со сите погрешни прогнози за „крајот на историјата“ и триумфот на западниот либерализам. Со професорот Жџанг, кој е исто така член на Меѓународниот борд на Центарот (како и Џефри Сакс, Ричард Фолк, Јан Оберг и многу други блескави имиња), договорот одеше многу поедноставно: тој доаѓа заедно со уште петмина колеги. Да не бидам погрешно сфатена, сите колеги ни се еднакво важни и се чувствуваме почестени што ќе дојдат во нашата Недојдија, во НАТОленд во кој сонцето изгревало на запад. Како во изреката за Мухамед и ридот, ако ние не можеме во светот, ајде да го донесеме светот кај нас.
Но се покажа дека најтешкиот и најмачен дел од организациските подготовки е финансискиот. Дури и средствата што ги добивме како почетна основа од УКИМ, сè уште не ни се на располагање поради голем број административни и финансиски регулативи, тендери (!?), и на крајот годишни одмори. Со колегата со кого најмногу соработувам во организациските работи си го натоваривме крстот на плеќи, па често си зборуваме дека на крајот можеби ќе треба кредити да подигнеме и да се задолжиме. Така сами ќе ја платиме нашата хиперамбициозност поради која сака(в)ме да го престориме Скопје во центар на слободна и критичка мисла, макар за два дена во октомври. Нашата потрага по донатори и спонзори уште не е завршена, трае и трае… Одиме со бавен чекор, а октомври е веќе зад ќошето. Ги крпиме потребите една по една, по приоритет. Ни одмор видовме, ни ништо. Покрај праќањето писма буквално до сите компании, банки, здруженија на Македонци, фондации, амбасади итн. – едвај и да имаше некој интерес. Велат, да почекаме да се вратат од одмор. Сепак, како што обично бидува во животот, оние од кои не очекуваш ништо ќе те изненадат, а тие за кои веруваш дека ќе те разберат – ќе те разочараат. Главната кампања ја водиме преку социјалните мрежи и со помош на Матица. Некои велат недоволно професионално, но ние немаме пи-ар агенција, па ни професионална интернет-страница (само еден блог што го одржува доброволец). Како и да е, конференција ќе има!
Тука сакам јавно да им се заблагодарам на сите што имаа(т) трпение и разбирање за мојата летна преокупација со конференцијата. И, секако, особено на тие што донираа или во Македонија или надвор од неа. Истовремено, имам потреба јавно да кажам колку ми е непријатна оваа позиција на професор што моли (да не речам проси) за донации. Се срамам што морам да го правам тоа за кауза што очигледно малкумина ја разбираат… Но оние што ја сфатија ми заблагодаруваат што се вложувам во еден толку важен настан во критично време за нас и за светот. Поранешен студент на Џефри Сакс, покрај тоа што е врвен економист и сега активист, е вџашен од слабиот одзив на дијаспората. На негово инсистирање ја отворивме апликацијата GoFundMe. Долго време одбивав. Мислев дека овде, меѓу нашите државни и недржавни субјекти, ќе се појави интерес за поддршка на настан од светски ранг. Се покажа дека се лажам. Мојот поддржувач од САД беше убеден дека со над 24.000 следачи (followers), 5.000 ФБ-пријатели и сите оние што ме следат по разни основи, ќе се соберат доволно средства за кус период. На моите забелешки дека ми е срам да барам донации, тој одговори: ако на Камала или на Трамп не им е срам дневно да ми праќаат по неколку е-пораки со барања донации, зошто вие би се срамеле? Ама, далеку е Америка…
Ние сме земја во која со донации се лекуваат деца, се спасуваат животи или опожарени подрачја добиваат нужна и/или хуманитарна помош. Дијаспората нема слух, со ретки исклучоци. За нашата јавност е необично универзитетски професор да бара донации за академски настан. Можеби мнозина мислат дека „аздисувам“, дека сето ова нема никаква смисла во Македонија, дека е елитизам на некои си високоучени луѓе итн. Мнозина следат од сеир или од други причини. Сиромашниот, се разбира, мисли дека не е тој што треба да финансира вакви настани – и во право е. Во секоја нормална држава сега ќе имав пристоен буџет да не ја срамам државата.
Зошто, пак, мене на 65 години ми треба ваква конференција, и тоа во Скопје?! За афирмација? Навистина, за што? Но како непоправлив бунтовник и борец за подобар свет и подобра наука, мислев дека треба да бидеме дел на глобалниот дијалог за мултиполарниот свет, кому не му требаат монструми, туку мировници. Доста со оние бла-бла конференции на рециклирани трудови за НАТО и ЕУ. Мене лично ми се смачи да го слушам тој рефрен.
И што е уште полошо, ништо ново не се кажува, само се делат хвалоспеви на „нашите стратегиски сојузници“. Сакам да го разбрануваме овој жабурник, со инакви идеи и погледи на светот, кој не само што се менува туку тргнал кон амбис. Врвните учесници, всушност, нам ни прават услуга кога доаѓаат во академски неатрактивна дестинација. Овде повеќе од половина професори не знаат ни англиски, а камоли да водат дебата со нив. Нејсе! Се согласија, доаѓаат – сега е на мене да најдам начин како ќе ги дочекам и како ќе ја претставам нашата потреба да комуницираме со светот. Не, на оваа конференција нема да има сплавови, бродови, жива музика и џангарака… Овде нема глумење меѓународна конференција (со 2/3 колеги од регионот), ниту кабини за симултан превод (за оние до Табановце да можат да чујат нешто, инаку обично молчат). Ова е сериозен настан и ако има и трошка сериозни новинари уште сега ќе контактираат со мене за да обезбедат интервјуа со учесниците.
Уште не знам како ќе излезе сè на крајот. Даваме сè од себе и се заблагодаруваме од срце за секои 500 денари/долари донација. Она со што можеме да вратиме е настан со кој сите ќе се гордееме и ќе докажеме дека Македонија, во интелектуална и научна смисла, ако не е папокот на светот, тогаш барем не е ни слепо црево. Дека имаме што да кажеме, имаме и што да научиме за новиот свет во настанување. Научната мисла не може и не смее да оди по паметот на Груби или Бујар дека кај нас сонцето изгрева на запад. Тоа е нонсенс, во секоја смисла. Сакав само да знаете дека сум свесна каде живееме и со што се справуваме. Дека со длабока благодарност ја прифаќам поддршката и длабоко се срамам што дури и странските колеги ги молам за вклучување во акцијата (инаку, за ваша информација, и нашите семејства веќе донираа, дотаму стасавме).
И сега откако ја ислушавте мојата жалопојка, можете да замислите како ја примив веста за донаторската кампања на министерот за здравство Таравари. Шлап! Еден милион евра донација! Од најбогатата албанска фамилија во Македонија. И тоа се пари дадени за она што државата мора да го покрива со својот буџет. Само што министерот не се срами, туку се фали. Моите донатори, неретко и сиромашни луѓе, издвојуваат без да очекуваат нешто за возврат. Не знам дали е исто и со донаторот на еден милион евра, кој се разбудил едно утро и си рекол: ај, да донирам за болница.