(Сеќавајќи се на Кафка и на Јозеф К.)
За Кафка, знам, не само што си чул, драг читателу, туку си го запознал и неговиот славен литерарен лик Јозеф К. од романот „Процес“. За помалку упатените, Јозеф К. во тоа култно дело на модерната литература е осуден од локалниот суд со универзално значење невин, без да знае зошто, влечејќи се со денови и месеци во длабока меланхолија низ недогледниот и замрсен судски лавиринт.
Сум го читал неколкупати тој фасцинантен роман на мојот драг литерарен пријател и сѐ си мислам дека Јозеф К. е некој вид негов хипохондриски автопортрет на банкарски службеник седнат пред шалтерот, кој за него бил некој вид отворен прозорец на затворската ќелија од која го гледал светот. А за таквата моја хипотеза ми дава за право и Кафкината епистоларна преписка со Милена Јасенска, која во едно писмо до Макс Брод вели дека Кафка немал волја за живот. А сега, кога гледам дека како кула од карти без поголем отпор се урива и нашиот идентитет, јас по аналогија го доведувам тоа во врска со македонскиот наслабнат колективен нагон за постоење. Оти клучот на универзалната аналогија што го озакони и теориски Бодлер како поетички принцип на симболизмот функционира пошироко од поезијата.
Тоа. Неопходен или излишен вовед, ти одлучи за тоа, драг читателу, но јас сум сигурен во својата макар и интуитивно изведена хипотеза. Сеедно. Тоа јасно укажува на психолошката и онтолошката состојба на Јозеф К. што шета меланхолично во судскиот лавиринт низ страниците на романот на Кафка низ кој и самиот автор скита. Една замрсена метафизичка ситуација во која не се знае кој од нив двајца кому му е двојник, дали Кафка на Јозеф К. или, обратно, тој на Кафка. Или, едноставно, тие заедно се два дела на кентаурска целина, позната и од митот за андрогинот. Така стојат работите со нив. Па, во таа аналогна смисла и Јунг пишува за личност број 1 и личност број 2 кај секој еден човек, само со таа разлика што не е секој свесен за таа невина и природна шизофренија, како што е свесен за неа Франц Кафка, а во заднината и неговата личност број 2 Јозеф К.
Да. Но да видиме сега каков е судскиот лавиринт низ кој талка невино осудениот Јозеф К., а со него барабар сомилосно и Кафка. Тој е, драг читателу, за разлика од митскиот лавиринт на Тезеј, целосно безнадежен и без никаков ориентир за излез од него. Тоа е по аналогија лавиринтот, ако може така да се рече, на модерната бездушна цивилизација, чиј архетип е сега Јозеф К. Цивилизацијата од чиј судски лавиринт нема излез, освен ако тој не е смртта. А дури и таков, за да се излезе од него е потребен ориентир за да се најде неговиот центар. Но проблемот е во тоа, знаел мојот пријател Кафка, дека модерниот судски лавиринт нема центар, бидејќи во него се центар само безнадежноста и неможноста човекот да излезе надвор. Да, оти во него го нема конецот на љубената Аријадна што го извлече на виделина Тезеј. А го нема и оној црн бик со кој се бореше тој и доби митска слава. Во лавиринтот на Јозеф К. како типична слика на модерната западнолибералкапиталистичка цивилизација нема ни Аријадна, ни конец-патоказ за излез, ни бик како мотив за борба и слава. Тоа е бездушно празен лавиринт во кој се присутни само буквите на секој список од натписот на вратата од Пеколот на Дантеовата Божествена комедија: „Оставете ја секоја надеж“.
Тоа е тоа. Но што се случи со Јозеф К. на Кафка, кој не знаеше зошто е обвинет и зошто го влечкаат со денови и месеци низ ходниците на судските палати, задушливи и спарни, без можност да дојде до здив на свеж воздух. Но додека тој размислуваше така, се случи еднаш ненадејно, а за него веројатно и очекувано, да го фатат подмишка двајца во долги кожени мантили, од тајните служби со блескав нож во рацете, да го изведат во ноќта кај каменоломот под полна месечина и да го заколат, извршувајќи ја пресудата, која нему и не му беше соопштена. Тоа. Но сега прашањето е дали Јозеф К. всушност макар и заклан излезе од лавиринтот, бидејќи ја виде може и како убаво откровение пред смртта полната месечина во ѕвездената ноќ. Не, драг читателу. И тој наизглед откровенски пејзаж на слободата што ја дочека ножот зариен во нејзиното грло е само, наизглед пооптимистички, дел од сликата на лавиринтот низ кој талка безнадежно Јозеф К. осуден невин до судниот крај.
Да. Ама гледам дека си веќе малку изнервиран, драг читателу, оти ме прашуваш кај е сега, по вториот продолжен вовед, македонската кафкијанска приказна најавена, како што велиш, во насловот на овој халуцинантен есеј? Кај е врската? Во ред, ама и досега таа по аналогија, како што се вели, лебдеше во воздухот. Само требаше да се дофати. Така, оти македонската колективна судбина, како и на секој Македонец што ја манифестира индивидуално неа, е безмалку поклопувачка со судбината на Јозеф К., кој за чудо, како што се случува и со Македонците што ја победуваат како Исус со смрт смртта, оживеа и откако беше невино суден и заклан.
Го оживеа неговиот двојник Кафка во новиот „Процес“. Така. И Јозеф К. во тој нов роман стигна дури и пожив од пред својата смрт, без разлика што и во него тој е во истиот лавиринт од пред тоа, со истото талкање невино осуден низ него сè до финалето на крајот со луѓето со долги кожени мантили од тајните служби и со блескав нож во решителните раце.
И сè така, со секој нов читател во романот на Кафка стотици, илјадници пати се повторуваше одново судбината на Јозеф К., сè додека еднаш не се случи чудо тој да излезе, никој не знае како, надвор од него. На слобода. Но го збуни таа него, бидејќи се најде во една семантичка веавица од сообраќајни знаци што покажуваа разни правци и места во кои може, кога ќе се тргне, да се стигне. И Јозеф К. почна да чита кај водат стрелките? Брисел (со посебна ознака ЕУ), Вашингтон (со ознака империја), Лондон (со забелешка ризично), Париз (со пази: Маркиз де Сад), Москва (со: ако не си западен граѓанин), Пекинг (со: ако си за БРИКС и „Појас и пат“). Големи и блескави стрелки-патокази, а сосема на крајот од нив и една малечка сива табла со одвај видлива стрелка на која пишуваше: Скопје, Македонија, со една додавка во заграда заради претпазливост на патниците што ќе се запатат во тој правец: „Кога ќе пристигнете таму, не смеете да го изговарате името на земјата без северна“. Да. Но како што вели Цепенков „ѓаволот ни ора ни копа“, Јозеф К. не од друго туку од љубопитност (иако јас мислам и од некоја кармичка интуиција) тргна следејќи го правецот на таа стрелка и по само два дена пеш стигна во главниот град на таа, како што му се стори пред да тргне кон неа, мистична земја. Беше кога стигна темна ноќ без ѕвезди и без месечина, што го окуражи, бидејќи месечината ја запамти како симбол на неговата смрт што се случи со оние двајца со долги кожени мантили од последните страници на романот на Кафка. Така. И си помисли тој, добро е штом нема месечина, а чувствуваше и дека од некој ќош на вселената таа темна македонска ноќ го гледа закрилнички окото на Господ и тоа посебно го правеше спокоен во непознатиот предел. Единствено нешто што го збунуваше, тоа беше фактот што целиот главен град на земјата во која пристигна беше темен, без ниеден осветлен прозорец, сè додека пред него како на сон не светна еден од нив со сив сјај. Се приближи. Тоа беше крчма над чија врата имаше наслов „Северна“, но него, бидејќи беше натприродно интелигентен, не го збуни осаменоста на придавката. Сфати дека именката веројатно некаде се засолнила од неа, откако оценила дека е таа опасна по нејзиниот живот. Сеедно. Јозеф К. плашливо ја подотвори тешката врата со железен опков и влезе во матно осветлената крчма, во која имаше седнати до шанкот пред замастениот крчмар две атрактивни со сламени шапки дами. Кога им се приближи и се претстави, и тие отпоздравија и се претставија. Дамата што беше налактена на шанкот и полупијана рече: „Јас се викам Прусковска, а другата што се клатеше до неа: а јас сум Калцарска“. Потоа, љубезни, атрактивните дами го понудија Јозеф К. да седне до нив и му нарачаа ракија, па почнаа како вешти истражители да го прашуваат од каде е и што бара тука во ниедна доба. И тој, искрено невин, им ја раскажа целата приказна: дека е тука стасан од романот на Кафка (на овој збор тие ги ококорија очите), од кој по долги години успеал да излезе на виделина и да дојде тука во ниедна доба, иако им рече дека можел да тргне и кон Лондон, Брисел, Вашингтон, Москва или Пекинг, но нему најмистично му звучеле Скопје и Македонија. Потоа тој открај-докрај им ја раскажа и целата негова животна приказна со неговото судење без да знае зошто е суден и најпосле епилогот од сето тоа со двајцата со долги кожени мантили што ја извршуваат пресудата кај каменоломот со нож во ноќ со полна месечина.
Така. И уште не ја беше завршил до детаљ приказната, Јозеф К. виде како двете атрактивни дами Прусковска и Калцарска, како што се претставија, нешто си шепотат на уво, давајќи истовремено некаков магичен знак со ишарет, и оп! брзо потоа во крчмата влегоа неколку крупни мажи во полициска униформа, зграпчувајќи го него за врат. Притоа, суперинтелигентен, нему му се отворија чакрите во умот.
Веќе знаеше дека ја избрал погрешната стрелка како патоказ по излегувањето на слобода од мрачните страници на романот на Кафка и дека сега во земјата во која стигнал кармички влегува во нов темен лавиринт. Судски секако. Брзо дозна дека една од двете дами (Калцарска) е судијка, а другата (Прусковска) обвинителка. Но и сега, како во романот на Кафка, не знаеше ниту му кажуваа зошто е обвинет. Едноставно знаеше дека и тука сега двете дами од крчмата што беа задолжени да ја обвинат неговата невиност уживаа речиси еротски во судскиот процес. Попусто Јозеф К. мрмореше безволно дека е невин, додека тие триумфално само му повторуваа дека невиноста е највиновна за злото во светот и затоа треба да се сотре. „Имаме доволно искуство како судии и обвинители со невиноста, не грижи се“, му велеа. И тој навистина, поучен и од своето претходно искуство што го раскажа, не се сомневаше во тоа. А, искусен, не се исплаши ни кога се најде во една поворка од накази, и тие со долги кожени мантили, што го водеа на погубување, но сега не кај каменоломот и по месечина како во романот од кој излезе, туку под блескаво пладневно сонце во еден убав предел полн со златни јаболка со мистично име Преспа. Кога стигна во него виде дека тука има подготвено гробница за него, но многу огромна, колку за да собере во неа еден цел народ. Му рекоа патем дека тоа е место за преспивање, како што сугерира и името на пределот, ама преспивањето тука може да биде и со мртовечки сон, во кој може да се преспие и целата вечност и пак да не се разбудиш. А потоа уште една вечност, и уште една, сè додека не се разбуди Господ и не ги извади од неа на виделина закопаните.
Така. И тамам се најде на работ на таа гробница во Преспа со ножот на неговиот врат со чуден натпис на него „Меѓународна заедница“, Јозеф К. првпат крикна во животот и се разбуди пак на последната страница на романот на Кафка од кој излезе, и одбирајќи ја меѓу сите кобната патоказна стрелка стигна во проколнатата земја, во која го снајде повторно, и уште пострашна, веќе преживеаната судбина. И кога се разбуди, се стресе во јанѕа оти иако мислеше дека им избегал на убијците, сепак со ужас виде како ја држи во рацете пресечената глава во Преспа на чие теме со црн печат пишуваше МАКЕДОНИЈА: Тогаш тој се збуни, па не знаеше дали е тоа неговата глава што му ја свалија од рамењата двајцата со кожени мантили и по месечината во романот на Кафка, или е тоа главата на народот во земјата во која ненадејно се најде тој. Можеби според сличноста на судбината, си помисли. Знаеше и дека во случајот се работи за некој вид „сон во сонот“, како што вели блискиот пријател на Кафка Е.А. По. А тогаш и го виде покрај себе, наведнат над него својот писател како плаче, прекорувајќи го што од толку многу патокази кога излегол од неговиот роман се упатил по одвај видливиот и проколнатички патоказ баш кон таа несреќна земја. Плачеше и постојано повторуваше: „Заклана е, убиена е невиноста во светот. Боже, зошто го дозволи тоа?“