Олимпијадата првично започна како серија на натпревари помеѓу претставници од градовите во Стара Хелада. Спортските настаните беа атлетски, а победниците беа овековечени преку статуи или песни. Денес за олимпизмот се вели дека е животна филозофија што ги обединува квалитетите на умот, волјата и телото, како и дека поттикнува меѓународна соработка, културна размена и солидарност
Во индивидуалистичките општества поединецот е тежиштето. Оваа индивидуалистичка култура промовира самоувереност, наметливост и независност, а практична примена има во индивидуалните спортови како што се натпреварите во кревање тегови или натпреварите во џудо. Но индивидуалноста не секогаш е доволна! За човекот се вели дека е социјално суштество, односно дека функционира преку заедничкото општење со другите индивидуи, а од тоа заедничко општење произлегува и самата цивилизација. Не случајно напредните општества, нации и држави, како што е Норвешка, имаат колективистичка култура и колективистички вредности како што се самопожртвуваноста, доверливоста, дарежливоста, тимскиот дух и подготвеноста да им се помогне на другите, но и да се соработува со другите. Овој колективистички дух е особено видлив во колективните спортови како што се ракометот, фудбалот или кошарката.
Постојат одредени индивидуалистички теории што велат дека колективизмот е негативна појава бидејќи ја потиснува индивидуалноста, а класичен симбол на овие екстремни индивидуалистички видувања е митскиот титан Атлант, кој се одликувал со огромна сила и го придружувал небесниот свод на своите раменици. Совршен пример за ова е Алис О’Конор (позната и како Алиса Зиновјевна Розенбаум или Ајн Ранд), истакната филозофска мислителка што го промовираше т.н. рационален и етички егоизам како водечки морален принцип. Таа велеше дека поединецот треба „да постои заради себе и да не се жртвува себеси за другите“, за неа егоизмот беше доблест на себичноста.
Меѓутоа нештата не се толку едноставни. Тимскиот дух и тимската соработка имаат извонредно значење, а тоа е видливо и во т.н. теорија на игри (гранка на применетата математика), а особено во кооперативната теорија на игри (гранка на теоријата на игри). Кооперативната теорија на игри се занимава со проучување игри во кои играчите можат да формираат коалиции, да соработуваат едни со други и да склучуваат обврзувачки договори. Оваа теорија нуди математички методи за анализа на сценарија во кои од двајца или повеќе играчи се бара да направат избор што ќе влијае на благосостојбата на другите играчи. Кооперативните игри имаат неколку сегменти, а тоа се заеднички интереси, неопходност од размена на информации, доброволност (еднаквост и заемна корист) и задолжителен договор. Со други зборови, во кооперативните игри играчите делат заеднички интерес за постигнување одредена цел, тие споделуваат информации за полесно остварување на целта, доброволно се здружуваат и формираат коалиции за да ја остварат целта, играчите си веруваат меѓусебно дека ќе ги одржат обврските за да ја остварат целта.
Кооперативната теорија на игри потврдува дека целта полесно се остварува преку заедничка тимска работа. Замислете што би се случило доколку во колективните спортови, како што е ракометот или кошарката, доминира видувањето дека поединецот постои заради себе или дека не треба да се жртвува за тимот. Секако дека би настанал целосен хаос. На сличен принцип дејствуваат општествата, државите и нациите бидејќи тие се колективна рожба.
Доколку Македонија како нација и општество сака да напредува и прогресивно да се видоизмени, тогаш македонските граѓани, без разлика на нивната етничка и религиозна припадност, треба да разберат дека успехот, како што е членството во Европската Унија, во најголема мера зависи од нашата тимска работа и кооперативност.