Французите целосно ја утнаа работата со свеченото отворање на ЛОИ и сега се вадат, ама тоа го прават невешто, да не речам наивно и уште повеќе ја кашкаат работата. Имено, освен „многу учените и култивирани Французи“, во светот има голем број луѓе што знаат историја на религиите т.е. дека богот Дионис е бог на вегетацијата, виновата лоза, плодноста и дека нема ама баш никаква врска со спортот и со Олимписките игри, исто како што нема ниту гозбата на боговите. Во култот на Дионис има паѓање во екстаза и тоа е единствениот белег преземен во отворањето на ЛОИ, при што имало убивање деца од родители како казна за нивната непослушност кон богот, што никако не е во согласност со спортскиот дух на витештвото, натпреварувачкиот дух, тимскиот дух, борбеноста, ентузијазмот, космополитизмот… Тоа е сериозна грешка и се поставува прашањето што сакаше да каже Франција со таквата сценографија. Очигледно намерите биле амбициозни, арно ама, произлезе дека само ја покажаа својата декаденција, која сѐ повеќе зема замав во цела ЕУ.
Да потсетиме дека ако некој лик од античко време има врска со Олимписките игри тоа е Херакле, кој во хеленската (старогрчката) митологија е херој т.е. полубог кому според легендите му се припишува основањето на Олимписките игри, во светилиштето што го изградил во чест на неговиот татко Зевс. Но дури од хеленистичко (македонско) време Херакле е прoгласен за заштитник на атлетиката и на младината. Всушност првите натпревари биле трка со коли за раката на Хиподамеиа, ќерката на Пелопс, епонимот на Пелопонез и се држеле во чест на победникот Ојномај.
Во Македонија, пак, Херакле бил почитуван како бог и родоначалник на Македонците, што значи дека станува збор за божество со погрчено/грцизирано/хеленизирано име (Хелените имале обичај сродните божества и појави да ги нарекуваат со хеленско име, т.н. хеленско толкување). Кралот Архелај (413-399 год. ст. ера, од македонската династија Аргеади) во семакедонското светилиште – светиот град Дион – на македонската страна на пл. Олимп (граница меѓу Македонија и Тесалија), востановил македонски олимписки игри, зашто Македонците немале право да учествуваат на хеленските Олимписки игри бидејќи не биле Хелени. Тоа е јaсно кажано (Херодот, Тукидид и др.) во одбивањето на барањето на македонскиот крал Александар Први (498-454 год. ст. ера) за учество на Oлимписките игри, со што сакал да се наметне и да влијае во тогашните хеленски односи, зашто на Олимписките игри учествувале Хелени од хеленските колонии на запад до оние на север – устието на Дунав и Црно Море.
Е па, толку за „просветување“ на учените и култивирани Французи.
Наде Проева
Авторката е универзитетска професорка по античка историја