Долготрајноста на политичката криза, која очигледно не се решава ни со избори (сѐ уште најбазичниот и најлегитимен израз на функционалната демократија), го наведе бугарскиот претседател Радев да си постави реторичко прашање, повеќе констатација на состојбата, дека „одењето на нови избори фрла сомнеж дали парламентарната држава кај нас функционира правилно“. Слушнато од македонска страна, гласно изговорениот сомнеж на бугарскиот претседател за „правилното функционирање на парламентарната држава“ во неговата земја има тежина на своевидно признание за нелегитимноста и непринципиелноста на уцените и барањата што Бугарија ѝ ги поставува на Македонија во процесот на евроинтеграциите
Додека администрацијата на Европската Унија си ги користи годишните одмори, одржувајќи ја традицијата на „ферагосто“ (августовска ферија), една нејзина земја членка како Бугарија не може да побегне од сопствената политичка реалност и одлучи да оди на нови парламентари избори, седми по ред во период од три години. Ваквата одлука е само уште една јавна потврда на продлабочувањето на политичката криза во државата. Претстојните избори веројатно ќе се одржат во октомври, кога Бугарите повторно треба да излезат на гласање и да ги изберат пратениците во 51-то Народно собрание. Во меѓувреме, своевиден предизвик за претседателот на Бугарија, Румен Радев, претставува и изборот на вршител на должноста премиер, а уште пред да започне процедурата, претседателот на бугарското собрание веќе ја одбил „честа“ за извршување на таа функција. Низата предвремени парламентарни избори во Бугарија започна пролетта во 2021 година. Долготрајноста на политичката криза, која очигледно не се решава ни со избори (сѐ уште најбазичниот и најлегитимен израз на функционалната демократија), го наведе бугарскиот претседател Радев да си постави реторичко прашање, повеќе констатација на состојбата, дека „одењето на нови избори фрла сомнеж дали парламентарната држава кај нас функционира правилно“.
Слушнато од македонска страна, гласно изговорениот сомнеж на бугарскиот претседател за „правилното функционирање на парламентарната држава“ во неговата земја има тежина на своевидно признание за нелегитимноста и непринципиелноста на уцените и барањата што Бугарија ѝ ги поставува на Македонија во процесот на евроинтеграциите. Токму со „заверка“ на парламентот, за кој самиот бугарски претседател се сомнева дека функционира правилно, од 2019 година Бугарија ги блокира евроинтеграциите на Македонија. Во тој бугарски парламент е изгласана Декларацијата за преговори на ЕУ со Македонија со дваесетина услови што ги засегаат историјата и идентитетот на државата и на македонските граѓани, а кои треба(ше) да бидат прифатени за напредок на патот кон Унијата. Во истото Народно собрание на Бугарија со „самоосомничен“ парламентарен капацитет и функционалност е „аминувана“ и актуелната преговарачка предлог-рамка за Македонија, т.н. француски предлог, со кој ултимативно се бара внесување на вештачки конструираното бугарско малцинство во македонскиот устав… Истовремено, од таа парламентарна институција, од која (би требало да) се креира политичкиот и демократски амбиент во Бугарија, се игнорираат 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, со кои се бара да се овозможат услови за здружување на бугарските граѓани што се декларираат како Македонци… Сигналите за проблемите со правилното функционирање на бугарскиот парламентаризам и бугарската диоптрија за европски вредности и демократија, се присутни и видливи толку одамна, што европското прогледување низ прсти за таквите слабости во Бугарија си го припишаа како „политички квалитет“ и „дипломатска вештина“, со кои дури можат да си дозволат уцени врз Македонија и „ревизија и толкување“ на меѓународното право според сопствените заблуди.
Но сега, кога има своевидно (само)признание, односно сомнежи од страна на претседателот на Бугарија, за стандардите на (парламентарната) демократија во неговата земја, се чини дека е даден релевантен аргумент за преиспитување на европските услови за Македонија, поставени по бугарско барање. Иако бриселската администрација можеби во најголем број е на одмор, признанието на бугарскиот претседател за дефектите во демократија и владеењето на правото во неговата земја не е од минлив карактер, па ќе ги има истата важност и тежина и по завршувањето на европското „ферагосто“. Реторичката констатација на Радев не е од минлив карактер не само поради тоа што е забележана од медиумите туку е потешко аргументирана со веќе хроничната политичка криза во неговата земја, која е видлива и од Брисел, колку и да ги шири и собира прстите, кога сака да ѝ прогледа на Бугарија „низ прсти“. За нејзини потреби, на Бугарија ѝ треба стабилна и функционална влада за да може го забрза финансирањето од Европската Унија, за да ја внесе земјата во еврозоната и целосно да се приклучи во шенген-зоната… За потребите, пак, на ЕУ, потребна ѝ е Бугарија што не ги погазува европските вредности и демократските принципи на Унијата. Потребна ѝ е земја членка што не ги злоупотребува инструментите на ЕУ, не уценува со идентитетските вредности на земја кандидат и не спроведува валкани трикови со европските (т.е. бугарските) пасоши за уставни „игри со малцинствата“. Таквата манипулација со демократските вредности во Бугарија, во Македонија е одамна „прочитана“. Еве, неодамна и бугарските претседател Радев ги согледа дефектите на парламентарната демократија во својата земја. Сега останува уште Брисел да „прогледа“ низ своја принципиелна утврдено-критериумска диоптрија, да го тргне шарениот бугарски калеидоскоп и да сфати дека Софија со досегашниот начин е несериозна, неверодостојна и конечно никој не верува во „добронамерноста“ на убедувачката реторика за Македонија – „уште само Бугарите во Устав и влегувате во ЕУ“!