Дали е време за нова македонска национална визија? „Една група на луѓе што споделува свест за заедничко минато, но и која има заеднички проект за иднината“. Вака некако би гласела најосновната дефиниција на една нација. Секој обид да се извлечат други дефиниции преку културните белези, како јазикот, религијата, етносот, расата или што било друго, на крајот на успева да ги опфати сите појавни облици на нациите. Споделеното историско искуство е ковачницата на нациите и крстосницата каде што се калат, видоизменуваат, расчленуваат, обединуваат или исчезнуваат овие жилави модерни човекови творби. Современата историографија, политичка наука, социологија, економија и психологија докажуваат дека националната свест им овозможува на човековите заедници да создадат сложени системи, како државите, правните системи, пазарите, образованието, здравството, културата и сите други неопходни состојки на современото живеење. Без легитимитетот, она есенцијално лепило, кое изникнува од вербата дека припаѓаме кон една нација, невозможно е функционирањето во современи услови. Впрочем, во Македонија сведочевме што се случуваше кога се распаѓаше една сложена нација, југословенската, пред нашите очи кон почетокот на 1990-тите, како и кога македонската нација дојде на самиот раб во 2001 година. Безмалку прекуноќ уредените човекови заедници се претвораат во апокалиптични сцени на хаос и анархија само затоа што луѓето веќе не веруваат дека припаѓаат кон иста национална заедница. Имајќи предвид колку се значајни нациите, современите држави ја негуваат националната свест низ културата, образованието и заедничките симболи. Што би претставувало националното знаме доколку не ја содржи во себе симболиката на споделеното минато и на заедничкиот проект за иднината? Веројатно едно безначајно парче ткаенина.
Дел од симболите на нацијата се и празниците кога се одбележуваат значајните датуми од споделената историја. Не случајно овие јубилеи се ритуализираат, затоа што нацијата и нејзините припадници преку заедничките прослави ја обновуваат вербата во споделеното минато и во проектот за заедничка иднина. Притоа, секое ново историско искуство, секој нов национален пораз или национална трагедија, секој триумф или катастрофа, секоја нова национална дебата, поделба или обединување, ја менува траекторијата и му дава нова содржина на проектот за заедничка иднина, но често предизвикува и да фрлиме поглед наназад, па да утврдиме каде во заедничкото споделено минато се наоѓаат точките од каде што тргнала врвицата кон дилемите што нацијата ги има во сегашноста. Всушност, нацијата е еден бучен колектив каде што постојано трае дебатата за споделеното минато и за проектот за заедничката иднина.
Осумте децении АСНОМ се интересен повод за размисла „Шчо напраифме, а шчо требит да направиме“, како што тоа убаво го напиша Крсте Петков Мисирков во неговиот обид за создавање современа македонска национална програма во 1903 година. Придобивките од АСНОМ се колосални. Македонија, во рамките на Југославија, го направи џиновскиот развоен скок, па од „темниот вилает на Балканот“ успеа за само една генерација да се модернизира, индустријализира и урбанизира. Се изградија современото образование, од јаслици до универзитет, современото здравство, тие неопходни белези на актуелната доба. Покрај тоа беа воспоставени и клучните национални културни установи, се кодифицираше јазикот, почнаа да се печатат и да зрачат средствата за јавно информирање на мајчиниот јазик, па затоа денес македонскиот јазик не се наоѓа на листата на загрозени јазици. Едноставно, Македонија си ја градеше и заокружуваше својата државност во рамките на југословенскиот сојуз, кој беше поставен да овозможи културна автономија и национална афирмација на секој народ и народност. Наедно, македонската национална приказна се ткаеше со сите различни етнички, јазични и верски конци на разноликото население на земјата.
Независноста и демократизацијата донесоа свои предизвици. Без заштитничката моќ на Југославија, Македонија беше препуштена на немилоста на негаторската политика од соседите, прво од Грција, кога изби проблемот за името, чие ехо продолжува и по потпишувањето на контроверзниот Договор од Преспа, а сега и од Бугарија, која го спори правото на македонската нација на сопствено споделено минато и на заеднички проект за иднината. Исто така, демократизацијата го отвори и албанското прашање во Македонија, кое првично се решаваше низ бавен демократски дијалог, а потоа се претвори во воен судир, за на крајот повторно да се дојде до усогласување низ демократските институции.
Се чини дека кулминацијата на македонскиот национален проект дојде на 8 септември 1991 година, со прогласената независност, но дека оттогаш лутаме при обидите за повторна дефиниција на заедничкиот проект за иднината. Единствена точка каде што сè уште постои јасен консензус е европската интеграција. Граѓаните на Македонија, имајќи го предвид позитивното искуство од југословенскиот сојуз, со право сметаат дека отворениот европски економски и културен простор, создаден со Европската Унија, ќе даде дополнителен слој заштита за македонската нација, како и дека ќе им овозможи на македонските граѓани да учествуваат во создавањето на еден поширок европски проект.
Меѓутоа, кој е македонскиот заеднички проект за 21 век? Асномците беа единствена политичка генерација на македонската нација што успеа да ја претвори својата национална визија во реалност. Генерациите македонски политичари по независноста се изгубија некаде низ беспаќата на балканската политика по распадот на Југославија, па единствено Словенија и Хрватска дојдоа до реализација на своите национални програми со целосна интеграција во сите структури на западната алијанса, додека, пак, ние заглавивме некаде на половина пат. За волја на вистината, дури и Словенија и Хрватска лутаат во заокружувањето на својот специфичен национален проект за 21 век.
Ако се водиме по веќе излитените фрази, тогаш ќе треба да се повикаме на „аманетот на предците“, на „пораките на основачите“, односно во нашиот случај на илинденците и на асномците, па и на генерацијата политичари што ја демократизираа и ја осамостојуваа Македонија. За жал, таму може да најдеме само најосновни принципи, односно желбата, поривот и повикот да се изгради Македонија како посебна нација и да се приклучи кон пантеонот на современите европски и глобални нации. Проектот за заедничка иднина не може да се најде кај предците затоа што тие не се соочувале со актуелните предизвици на современата доба. Токму тие херојски предци денеска ги славиме затоа што се дрзнале да излезат од калапите на дотогашната историска матрица, се осмелиле да создадат нешто ново и се спротивставиле на анахронизмот, инерцијата и примитивизмот. До современиот македонски проект нема да се дојде со цртање и со прецртување на балканските политички карти, ниту пак со обидите за културна хомогенизација на населението во Македонија, одговорот не треба да се бара ни во негација на националните приказни на соседите или оспорување на нивните културни белези (онака како што тоа нам ни се прави). Битката помеѓу нациите во 21 век повторно ќе биде во сферата на културата, па и овој пат ќе се бие со квалитетот на секој граѓанин што ѝ припаѓа на нацијата. Во 21 век нема да има простор за автаркија, за затворање или каква било самодоволност. Сега борбата се води не само во опипливиот простор и на Земјината топка туку и во дигиталниот свет, во вселената и во биотехнологија. Нациите што ќе ги приспособат своите универзитети кон предизвиците на вештачката интелигенција, вселенските истражувања, тајните на медицината и на живиот свет, имаат иднина во 21 век, како и нациите што ќе обезбедат пристап до квалитетна храна и енергија, непречено функционирање на синџирите за снабдување, кибер-заштита и одбрана на суверенитетот во сите овие сфери. Тоа подразбира преобмислување на сите актуелни национални институции и изградба на целосно нови установи каде што ќе се бара македонскиот одговор за 21 век.
По независноста се чини дека малодушноста ја изеде Македонија. Генерацијата на асномците се осмели да отсонува и да изгради македонска држава. Дури и последната македонска социјалистичка генерација планираше изградба на нуклеарна централа во земјата. Оттогаш Македонците заборавија да сонуваат и ја потиснуваа својата вродена дрскост да му пркосат на светот. Никој не може да спори дека ние ќе останеме мала нација, но барем можеме да се осмелиме повторно да излеземе со свој нов проект за заедничка иднина, со смела, храбра и бестрашна замисла за развиена Македонија, способна да излезе на црта против далеку помоќните од себе во секоја сфера од живеењето. Политичката генерација на преродбениците ја отсонува македонската држава, илинденците се дрзнаа да се борат за нејзино формирање, асномците ја установија македонската државност, а генерацијата од демократизацијата ни ја овозможи македонската независност. Ајде сега да ја отсонуваме, исцртаме и оствариме Македонија од 21 век.
Ивица Боцевски