Интелектуалците од „Калиниќ пијаца“

Подемот на Заев – заедно со очигледниот антиинтелектуализам на една цела булумента на политичари, уште еднаш го отвори прашањето за улогата на интелектуалците во македонската политика. Поточно, политиките на Заев не само што го поддржуваа антиинтелектуализмот туку и им аплаудираа на кандидатите што ги презираат или не се способни за сериозен ангажман со интелектуалците. Затоа македонската политика стана полигон на глупоста. Видовме каков печат на македонската политика остави интелектуализмот од „Калиниќ пијаца“. Но, реално, политиките на претходната власт и односот кон интелектуалнатa мисла беа во согласност со старата македонска традиција на „антиинтелектуализам“. Оваа традиција ги сакрализира доблестите на политичарот од комунизмот, кој ветува а не исполнува, кој лаже обландирајќи ја вистината во празна реторика. Оваа традиција исто така создаде свест за интелектуалците како ексцентрични суштества што се безнадежни во справувањето со тривијалните аспекти на животот, како што се менување светилка или носење соодветни чорапи. Во овој уредно организиран универзум, каде што политичари и мислители живеат во паралелни универзуми, на интелектуалните политичари се гледа како на суштества што припаѓаат во музеите на љубопитноста. Ваквиот критички став кон интелектуализмот во јавниот живот одразува фундаментално неразбирање за улогата што идеите и интелектуалците ја играат во политиката. Поточно, македонската политичка традиција, ако воопшто постои таква, наместо да се фокусира на интелeктуалната мисла, создаде пропагандисти и кариеристи што го фокусираат својот поглед на истакнатите и привилегираните и моќните и на какви било предизвици што ги мачат. За македонската политика интелектуалците беа и останаа добри само за квизови (констатација на еден политички лидер).

Македонската политика никогаш, па ни денес, не разбра дека интелектуалците, академиците, експертите, оние што јавно зборуваат, играат клучна улога во политичкиот процес и во целина се во допир со реалноста, како и оние што тврдат дека се робови на прагматизмот и здравиот разум. Интелектуалците во политиката често се подалековиди од оние политичари од кариера што не практикуваат ништо друго освен политика. Најважната должност на еден интелектуалец е да служи како мислител, визионер, мобилизатор и чувар на знаењето. Тоа е човекот што може да ги собере и дестилира сложените современи предизвици и да понуди остварливи решенија, од кои некои може да бидат далекосежни и револуционерни. За разлика од политичарите, улогата на интелектуалците и експертите не застанува со политичка дијагноза. Тие исто така им помагаат на политичките актери, а особено на политичките партии, да развијат идеи и наративи што се во согласност со нивните идеолошки традиции и политички цели. Ако воопшто ги имаат. Конечно, интелектуалците можат да им дадат на политичките актери детални предлози за политики или клучни податоци што ќе им овозможат да ги развијат тие предлози во политики. Тие нудат причинско-последични објаснувања на политичките и економските феномени, нудат дијагностика и повремено рецепти за политички загатки. Во моменти на големи политички нарушувања, кога се доведуваат во прашање старите извесности за тоа како функционира светот, интелектуалците им помагаат на политичарите да ги разберат промените што ги предизвикуваат. Секаде, само не кај нас, зашто нашите политичари се потонати и живуркаат во сопствената глупост.
Жал ми е кога гледам како интелектуалците во Македонија едноставно не разбираат каде не се посакувани. А, секако, не се посакувани во македонската политика. Секако, со „чесни исклучоци“. Неприкладно е да го дадам примерот на лидерите од типот на Черчил, Кенеди, Хавел, Јејтс, Малро, Бегин, Троцки, Нехру и да направам споредба со еден Заев, Ковачевски и слични политички лидери, зашто нивниот интелектуализам даде одреден степен на кохерентност на нивната мисла, форензичко самоиспитување на нивните постапки, перспектива на нивното чувство за настаните и благодат за нивното справување со неволјите. Кај нас тешко оди разбивањето на тезата дека луѓето што по формација се интелектуалци не можат да продолжат да бидат добри политичари.

Според ваквата теза, реално не можете истовремено да бидете и интелектуалец и политичар што практикува власт, бидејќи тие се две различни улоги. Ако кон ова го додадам сфаќањето на многумина интелeктуалци дека учеството во политиката за нив е некаква форма на неверство и предавство и дека не им е местото таму, за да не бидат извалкани со четката на практичната политика, јасно е како им е отстапено местото во политичкиот простор на нискоинтелектуални политичари. Сакралниот антиинтелктуализам зачинет со пуританска вообразеност и замисленост очигледно го детерминира местото на интелектуалците во македонската политика. Секако, толку посакувана од македонските политичари. Но, има и такви интелектуалци што не сакаат да стојат настрана од политиката и кои сакаат да бидат осветлено, критичко, вистинито огледало на моќниот – огледало во кое политичарите ќе можат да се видат себеси без илузиите што ги потхрануваат корисните идиоти што ја опкружуваат моќта. За нив ми беше муабетов.

Проф. Звонимир Јанкулоски