Македонија со полно право и со гордост може да ги повторува одново пораките од илинденците. Нивните мудри мисли и херојски дела имаат посебно значење за македонскиот народ, во чиј идентитет се длабоко врежани. Благодарение на нивните идеали и жртва, Македонија денес е слободна држава и треба да продолжи да го негува духот на заедништвото што тие го пропагираа
Одбележувањето на големиот македонски празник Илинден традиционално потсетува на многу пораки за заедништво и обединување од востаниците, кои денес треба да одекнат уште посилно, во ситуација кога Македонија се соочува со внатрешни обиди за нарушување на националното единство и на соживотот градени со векови, за кои, пак, светол пример претставуваат токму идеалите на илинденците. Како што се наближуваше празникот, со кој се одбележуваат 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република и 80 години од Првото заседание на АСНОМ и формирањето на првата современа македонска држава, се чинеше оти само се засилуваат провокациите и нападите што задираат во македонскиот уставен поредок, суверенитет и идентитет. Тие доаѓаа и однатре и однадвор, а некогаш беа и вкрстени. Тргнаа со резултатите од пописот во Албанија, продолжија со закани за вето, употреба на тајни оружја и ставање црни печати во македонски пасоши од страна на дел од соседите, па потоа и со идеи однатре за федерализација на државата, за сега да слушнеме и барања за формирање албанска академија на науките и уметностите во земјава.
Слободна и самостојна Македонија ги има трите Илиндени – на Илинденското востание и Крушевската Република, на НОБ и антифашистичката борба и на јасно изразената народна волја за суверена и меѓународно признаена држава, а т.н. албанска академија има три лица – три називи, од кои ниту еден не ѝ дава никаков легитимитет. „Нова Македонија“ единствена ја демаскираше идеологијата на академијата, прикажувајќи ја токму каква што е, односно како класичен политички иредентизам.
Оние што се залагаат за паралелна академија се оглушуваат на апелот од Крушевскиот манифест, кој го објавила востаничката власт во Крушево во 1903 година, а кој повикувал братски да се поддржи и помогне борбата на сите обесправени во Македонија, без разлика на нивната вера, народност, пол и убеденија. Тие немаат слух ниту за крајната цел на востанието – воспоставување праведно општество за сите, кон која тежнееме и денес. А ако меѓу нив има историчар, тој би можел барем да им укаже на овие лекции од минатото. Токму тие треба внимателно да го прочитаат манифестот, кој е пример за соживот и толеранција.
Кога сме кај пораките, особено силни и инспиративни беа оние што ги испрати актерот Никола Ристановски при одбележувањето на Илинден на Мечкин Камен во 2021 година. Всушност, тогашното обраќање претставуваше комбинација помеѓу негови автентични мисли и цитати од познати македонски дејци. Мене секако ми останаа во сеќавање, а годинава поради домашните предизвици, но и светските конфликти, вреди повторно да се споменат.
– Зарем не е време за култура на автономност и интегритет во јасно исцртано заедништво? Само така ќе можеме да ги помириме минатото и сегашноста во реална визија за иднината. Само така, создавајќи прецизно артикулирано множество различности што имаат заемна доверба, можеме да ја продолжиме пловидбата со овој кораб низ сите бурни мориња и предизвици што светот ги носи со себе. Сами не сме ништо. Сами времето не нѐ сака. Заедно сме сѐ – кажа тогаш Ристановски.
Оние што се залагаат за паралелна академија се оглушуваат на апелот од Крушевскиот манифест, кој повикувал братски да се поддржи и помогне борбата на сите обесправени во Македонија. Немаат слух ниту за крајната цел на востанието – воспоставување праведно општество за сите, кон која тежнееме и денес
За постигнување на посакуваното заедништво, помирувањето и стекнувањето заемна доверба, кои актерот ги поставува како цели, секако нема да помогнат раздорот, тензиите и немирот што се создаваат со туркање неостварливи фантазии, како што е т.н. албанска академија.
Но, додека науката се злоупотребува за пропагирање сепаратизам, Македонија, односно Битола преку фестивалот „Илинденски денови“ ги зближува различните нации, славејќи ги убавината и богатството на народните традиции од целиот свет. Овој фестивал, со ваква порака, е формиран пред повеќе од половина век како културно ехо на манифестот од 1903 година.
Македонија затоа со полно право и со гордост може да ги повторува одново пораките од илинденците. Нивните мудри мисли и херојски дела имаат посебно значење за македонскиот народ, во чиј идентитет се длабоко врежани. Благодарение на нивните идеали и жртва, Македонија денес е слободна држава и треба да продолжи да го негува духот на заедништвото што тие го пропагираа.
Затоа, нека е честит и вековит Илинден и да продолжат заедно да го слават македонскиот народ и малцинствата што Македонија ја чувствуваат како своја држава.