Минатиот Илинден го дочекав во Крушево. Тоа беше една ретка можност заедно со колеги да го одбележиме јубилејот 120 години од востанието. Конференцијата беше не само скромна (со едвај собрани средства за собир во минималистички услови) туку и речиси субверзивна. Не треба да потсетувам дека тогашната власт имаше или протоколарен (од немај-каде) или дури и одбивен однос кон секое „бранување“ што би можело да ги наруши односите со источниот сосед. Покрај Крушево во празнично руво, конференцијата што остана забележана и во посебен зборник (благодарение на Матицата на иселениците), признавам дека за првпат бев и во јуначко Смилево и се поклонив на костурницата на Даме Груев. Можеби некој ќе се сети дека тогаш отворено признав дека во убавиот музеј на Смилевскиот конгрес, некоја стерна пукна во мене. Солзите течеа и покрај сите напори да се воздржам. Едноставно ме „уби“ пресилниот збор и фотографија на некои луѓе, предци мои, кои не си го жалеле животот и влегле во нерамноправна битка. А околу мене народ западнат во апатија и беспомошност… Контрастот беше тоа што болеше.
Во предвечерието на годинашната прослава како да се чувствува поинаква атмосфера. Се очекува рекордна посетеност, многу гости и веројатно голем дел од членството на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира, сега нема да ги има оние (простете на зборот) морони што (за инает или по наредба, не знам) на Мечкин Камен скандираа „Северна, Северна“. Останува да видиме дали пак сега ќе смеат да скандираат „Никогаш Северна, само Македонија“ – особено откако Владата со амандмани ги менува актите во кои случајно останало старото „Република Македонија“. Слоганот на годинашната прослава е „Борбата трае“, а човек се прашува каде е борбата? Или се бориме за право на лично самочувство, лично самоименување, лично самоопределување, и тоа ќе го прогласуваме за достигнување и храброст? Искуството од изминатите триесет и нешто години на плурализам доволно ни зборува дека сè ќе биде варијација на веќе видени свечености од ваков вид.
Сепак, овде сакам да зборувам за Крушево – не за Илинден (за кој имам објавено барем триесетина колумни и научни трудови на македонски и англиски јазик). Сакам да го погледнеме тоа наше сакано Крушево – еднаш во годината. А потоа заборавено, до следниот Илинден, коњаниците, огнометите… Можеби единствени што не го чекаат празникот за да уживаат во неговите убавини се параглајдеристите, кои најдоа своја „Мека“ токму на падините на планината. Се разбира, има и понекој залутан турист, кој ќе поседи во градот за да побегне од летните горештини, или случаен патник намерник што ќе дојде да ги посети Македониумот, гробот на Тоше, а можеби и Мечкин Камен (каде што самува јунакот со карпата дигната високо). Како тргна со климатските промени, веќе нема ни снег да падне, па барем и зимски распуст да се помине. Но, сепак, најмалку размислуваме за крушевчани, за луѓето што љубезно ќе нè дочекаат со прекрасниот локум и насмевка, а потоа ќе ги оставиме без да размислуваме каков е животот во Крушево во преостанатите 364 дена. Е, за тие луѓе ми е прашањето, за тој град Крушево, кој не е накитен со аурата на Илинден во остатокот од деновите.
Можете да речете дека (повторно) сум „расипувач на забави/празници“ кога наместо да пишувам за нашето востание и за бугарските аспирации (за нашата немоќ да им го раскинеме Договорот, зашто таквото пријателство е полошо од непријателство) – јас пишувам за „обичните луѓе“. Минатата година на доаѓање/заминување од празнично Крушево во очи ми паднаа неколку детали: единствената бензинска пумпа не работеше! Како е можно тоа? Има една аптека и еден лекар (другата лекарка, како што ни кажаа, веќе се спакувала и заминала за Германија). Дете да ти дигне температура или, не дај боже, да фати ларингитис треба да палиш автомобил (ако го имаш) и да брзаш до Прилеп. Исто е и за секој друг здравствен проблем, на сè повозрасната популација. Деновиве ми пратија фотографија од единственото детско игралиште – срце да ти се скине од таа руина. Нашето сакано, историско и јуначко Крушево е како слепо црево, бидејќи од главниот град или од кој било друг град не можете да стигнете со јавен превоз. Единствената линија што функционира е таа до/од Прилеп. Тоа значи дека крушевчани се „отпишани“ од картата на земјичкава, затоа што веројатно економската (а не човечката) логика вели дека е неисплатливо да постои редовна автобуска линија на релацијата Скопје-Крушево, Крушево-Охрид или Битола. Годинава, за беља, токму во пресрет на празникот беше упатено јавно соопштение дека пристапот до Крушево ќе биде отежнат поради работи на главниот пат, па се препорачуваше оние што ќе слават Илинден да планираат патување „одоколу“, по локалните патишта. А на нив нанижани мали гратчиња, местенца како бисери, ама запустени и заборавени и од бога и од луѓето…
Разговарав со крушевчани, кои кога ќе ги прашате кои ви се главните животни/комунални проблеми, речиси збунето ви одговараат: многу ги има! Едноставно, како да не знаат од каде да почнат со редењето што сè недостига. Освен она за детското игралиште, кое не личи на ништо и на кое не би сакале да го оставите детето да си поигра, можеби несвесно ми го спомнаа и неодржувањето на гробиштата. Тоа е таа дијалектика на животот/раѓањето и смртта/заминувањето. Да не е заради историските настани и славната Крушевска Република, градот по речиси ништо не би се разликувал од голем дел речиси напуштени гратчиња низ земјата (особено во источниот дел). Локалниот фолклор се одликува со лоша инфраструктура, локални шерифи од кои ниту мал бизнис не може да пркне, партизација, депонии (да, да, и во нашето сакано Крушево среде лето се палат, а граѓаните дишат… тоа што мораат да дишат). Еден помлад крушевчанец ми вели: Професорке, градот умира. Младите заминуваат, а она што останува зад нив е не жив град (или туристичко место), туку старечки дом или евентуално викенд-населба (како Маврови Анови).
Коњаниците гордо ќе прошетаат низ тесните крушевски улици, срцата ќе зачукаат побрзо за време на симулацијата на востаничките пукотници; под августовското сонце набрзо ќе овенат венците цвеќиња положени на Мечкин Камен, на гробовите на Карев, Гули и другите борци на илинденската и партизанската епопеја. „Мерцедесите“ и службените возила на владејачката елита ќе дојдат и ќе заминат – како и досега. Понекогаш се прашувам дали ако соседите не нè задеваат таму каде што нè боли, ако не ни ставаат сол на отворена рана, дали и тогаш толку ќе се удираме в гради – обично за празници. Животот е она што се одвива од празник до празник, а за него најмалку се мисли (исклучок се изборните карвани, кои исто така знаат да внесат „живост“ во инаку заборавените маала).
Републиката ни е во пламен. Буквално. Во земјава има повеќе луксузни службени возила од пожарникарски и амбулантни возила. Наместо систем и функционални институции, преживуваме според паролата „снајди се“, „барај донации“ – или бегај подалеку оттука. Не може Илинден да ни биде среќен ако меѓу два Илиндена не заживеат не само идеалите (обично се сведуваат на празни зборови и говоранции што ќе се заборават веднаш по завршувањето на говорите на државните претставници – одново раштркани на повеќе места, вклучувајќи го и „новокомпонираното“ Пелинце, сурогат на вистинскиот историски мегдан) – ами луѓето. За обичните луѓе се работи… Бидејќи, и Карев и Питу и Даме – самите синови на својот „обичен“ и непризнаен народ – животот го дале за обичната раја, за нивната слобода и благосостојба. Не верувам дека ги болеле колената или ги вртеле рамената, тогаш кога било најтешко и најважно. Ако оваа власт навистина сака да биде народна, треба веднаш, од 3 август да засука ракави, наместо да планира годишен одмор (зашто веднаш по него ќе следува ново славење на 8 Септември и сè редум, по протокол). Крушевчани можеби за миг се среќни што градот е исполнет, ќе се сврти и малку пара за преживување, ама генерално им должиме извинување за тоа што се отсечени од светот (како во турско) и заборавени со години. Илинден е климакс, сè друго е антиклимакс. Пустош и сиромаштија.