Заклетвата беше „Слобода или смрт“. Во името на слободата, македонските револуционери ја избраа смртта. Својот живот и смртта беа влогот што востаниците одлучија да ги дадат за ослободувањето на Македонија од вековното турско ропство. Иако речиси сите беа во цутот на својата сѐ уште нерасцветана младост, тие одлучија да се фатат за своите пушки малихери и да ја почнат борбата за ослободување од вековното ропство и да му покажат на светот дека македонскиот народ одлучи сам да им каже НЕ на Османлиите, НЕ на теророт, НЕ на угнетувањето, НЕ на петвековното ропство
Пред големиот христијански празник Илинден, 1903 година, пред точно 121 година, македонските револуционери и востаници требаше да ја донесат историската одлука дали да се кренат на востание или, пак, да продолжат да го трпат теророт на Османлиите, за кои, покрај сите наметнати давачки што ги даваа во натура, плаќаа дури и данок во крв.
Иако свесни дека која било одлука да ја донесат последиците ќе бидат тешки и скапо платени, со голем број човечки животи и дека нивните шанси да му се спротивстават на далеку помоќниот турски аскер се речиси никакви, Конгресот на Македонската револуционерна организација, одржан во Солун, донесе одлука да се крене оружено востание, при што започнувањето и водењето на востанието им беше препуштено на окружните комитети.
По таквата одлука во Солун, Конгресот на Битолскиот револуционерен округ, одржан во Смилево, одлучи да се крене општоослободително востание и избрал Главен востанички штаб состав: Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев, кој донесе одлука востанието да започне на денот Свети Илија, 2 август 1903 година.
Застанати под знамето на слободата, камата и пиштолот одлучија да се кренат на востание. Заклетвата беше „Слобода или смрт“. Во името на слободата, македонските револуционери ја избраа смртта. Својот живот и смртта беа влогот што востаниците одлучија да ги дадат за ослободувањето на Македонија од вековното турско ропство. Иако речиси сите беа во цутот на својата сѐ уште нерасцветана младост, тие одлучија да се фатат за своите пушки малихери и да ја почнат борбата за ослободување од вековното ропство и да му покажат на светот дека македонскиот народ одлучи сам да им каже НЕ на Османлиите, НЕ на теророт, НЕ на угнетувањето, НЕ на петвековното ропство.
Водени од својот вековен идеал за слобода и своја автономна држава, македонскиот народ и народите што живееја на напатената македонска земја одлучија да се кренат на востание.
Иако слабо вооружени, само со пушки малихери и едно црешово топче, македонските востаници тргнаа против далеку повеќебројниот и помоќен турски аскер да ја освојат слободата.
Тоа во што никој не веруваше, се случи. Македонија ги порази Турците и создаде своја република, прва на Балканот, Крушевската Република.
Крушевската Република беше симбол на слободата и на остварувањето на вековните идеали на македонскиот народ за своја самостојна, независна, суверена автономна држава Македонија. На Илинден 1903 година, камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден објавија дека околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Подоцна Републиката избра свој совет и привремена влада, избрани од народот.
Тие денови беше објавен Крушевскиот манифест, во кој се соопшти дека македонскиот народ се крена на оружена борба против тиранската власт и насилниците, а не против сиромашното муслиманско население, дека востаниците не се разбојници, туку револуционери, па затоа тоа да не се плаши, да остане мирно и дека во автономна Македонија сите ќе имаат еднакви права и слободи. Слободната Република траела десет дена.
Но на истекот на десеттиот ден од Крушевската Република, под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргна во пресметка со македонските востаници за враќање на власта во Крушево.
Далеку помоќниот турски аскер со сите сили и орудија тргна во контранапад и со жестоко бомбардирање на Мечкин Камен крваво го задуши востанието. Крушевската Република не само што беше крваво задушена, туку турскиот аскер жестоко се пресмета со македонските востаници и револуционери. Крушево беше буквално пеплосано. Но во тие разрушени и пеплосани куќи остана да тлее вековниот идеал на македонскиот народ за слобода и своја автономна независна и самостојна држава.
Тој идеал го препозна дури и турскиот аскер, кој воодушевен од храброста на македонските востаници, на Мечкин Камен, со свечен плутон им оддаде почит на загинатите херои и востаници. Низ историјата Македонија во неколку наврати била пред дилемата дали да каже ДА или НЕ.
Воден од вековната желба за своја суверена и самостојна држава, за воскреснување на идеалите на Крушевската Република, македонскиот народ и сите народи и народности што живеат во Македонија, по распаѓањето на поранешна Југославија, на 8 септември 1991 година, на референдумот со плебисцитарно изјаснување се определи по мирен и демократски пат да создаде своја самостојна, независна и суверена држава Република Македонија и да истапи од југословенската федерација.
Од Илинден 1903 изминаа 121 година, а од 8 септември 1991 година изминаа цели 33 години, но Македонија сѐуште се бори за својот идентитет и целосен меѓународен суверенитет.
Во изминатите 33 години, како и македонските револуционери и идеолози во 1903 година така и македонските политичари, како на 8 септември 1991 година така и денес биле и се исправени пред дилемата дали да кажат ДА или НЕ.
Исправени пред поставените ултиматуми и изборот да се каже ДА или НЕ, македонските политичари честопати не знаеле кој пат да го фатат, но црпејќи ја енергијата од правдољубивиот и слободољубив народ и искажаната народна волја најчесто носеле исправни одлуки.
Пред такви дилеми биле и денес се македонските политичари, кои цели 33 години се обидуваат да ја потврдат својата историска и вековна волја и желба на македонскиот народ за своја самостојна, суверена и независна држава, која би била дел од европското семејство.
Но, за жал, на тој пат над три децении нашите соседи, кои никогаш не ги криеле своите аспирации и апетити, не избирајќи средства и начини се трудат да нѐ спречат да бидеме тоа што историски сме, дел од Европа.
Кога се мислеше дека со смената на името и исполнувањето на условот на Грција, на Македонија широко ѝ се отвори патот за Брисел, стигна нов ултиматум, од источниот сосед, Бугарија, која не сака да ја пропушти шансата конечно да ги исполни своите вековни стремежи и апетити, да ја бугаризира Македонија. Иако Бугарија беше меѓу државите што први ја признаа Република Македонија по референдумот во 1991 година, сепак Бугарија никогаш не ги криеше своите отворени негации за идентитетот и македонскиот народ, јазик, историја, култура.
На неодамна одржаните претседателски и парламентарни избори и уверливата победа на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, македонскиот народ и граѓаните на Македонија речиси плебисцитарно се изјаснија во каква држава сакаат да живеат и дека сакаат нивната држава да стане членка на ЕУ, но не по цена да се обезличат и да се откажат од својот национален и државен идентитет.
На тие избори се поразени политиките на постојана понизност и попустливост. Македонија е изградена на цврсти темели, во кои се вградени илјадници млади животи, кои почнувајќи од првото востание се бореле за своја самостојна, суверена, автономна и независна држава Република Македонија.
Но во сите тие борби и востанија, кои најчесто биле крваво задушувани, сите борци и востаници биле обединети под една идеја и под знамето на слободата.
Оттаму, сега, пред претстојниот голем празник, Илинден 2024 година, се чини дека е моментот кога треба наместо Бугарите, ние да ја препрочитаме нашата историја и да се навратиме 121 година назад, во нашето славно минато, доколку сакаме да имаме светла иднина.
Македонскиот народ кога собра храброст на 2 август 1903 година, обединет под знамето на слободата, да му каже НЕ на Отоманското Царство, време е и сега, сегашните политичари да се обединат околу вековниот идеал на македонските револуционери и востаници и да кажат НЕ за сите поделби и делби и да се обединат околу единствената идеја, која сите нас нѐ обединува, а тоа е самостојна, суверена и независна Република (Северна) Македонија да влезе во ЕУ.
Македонија од нејзиното постоење е водена од европската мисла и идеја. Таа мисла и идеја и сега не нѐ напуштаат.
Кога станува збор за нашата сегашност и иднина, барем декларативно сите политички партии се за влез на Македонија во европското семејство.
На тој план има целосен консензус.
Оттаму, време е повторно сите да се обединиме околу таа идеја како што на 2 август 1903 година го направија тоа македонските револуционери и востаници, кои борејќи се за својата слобода под заклетвата „Слобода или смрт“ се определија за смртта, но со своите изгубени животи, на тогашните и на сегашните генерации да им донесат живот во слободна, независна и самостојна држава, која како и за време на Крушевската Република сама ќе го организира животот на овој напатен народ во своите граници.