Политизацијата и етнизацијата речиси на секој сегмент од живеењето во македонското општество се веројатно критичната слабост и пречка за напредокот и развојот на државата и сите нејзини граѓани. Предизвик со кој во овие триесетина години не успеавме да се справиме во Македонија и покрај спроведувањето различни политички експериментални решенија, како Охридскиот договор. Иницијативите за „уставен поредок според демографската реалност“ и етничка академија на науките и уметностите, иако навидум доаѓаат од спротивставени политички опции, сепак се две фосфорни стапчиња од една кутија кибрит и имаат пиромански ефект врз мултиетничноста на македонското општество, запалив потенцијал за безбедноста на државата и комуникациски тензии во заедничкото живеење на граѓаните во Македонија
Пироманијата, потпалувањето е опасна „игра со кибритчиња“, дури и кога се споменува во метафоричен контекст. Во реалното постоење една искра може да направи огнена катастрофа, додека потпалувачкото поигрување со зборови е „чакмакот“ што ги разгорува недовербата, поделбите, ограничувањето на просторот и комуникацијата меѓу луѓето, носи и ризик за разгорување на целиот општествен амбиент.
Македонија летово веќе цел месец се соочува и се бори со предизвиците на летните пожари, го преиспитува системот за справување со природни катастрофи, додека со оние потпалувачки метафорични „инспирации“ на политичките субјекти е на штрек речиси постојано, од прогласувањето независна и самостојна држава. Најлесно „запалива материја“ во наративите од внатрешнополитички вид се вообичаено етничките прашања, кои се употребуваат и злоупотребуваат за наметнување и контрола на политичките процеси во земјава, без оглед на навидум консензуалните приоритети и аспирации: суверена и независна држава, демократско граѓанско општество што подразбира еднаквост за сите и во правата и во обврските, членство во Европската Унија според принципиелни критериуми и вредности, кои важат за сите постојни членки и земји кандидати… Но се чини дека сите овие декларирани принципи и амбиции на политичките субјекти во Македонија, веднаш паѓаат во втор-трет план на листата на приоритети пред загрозеноста од губење на власта и императивот на етничката афирмација, па дури и доминација во внатреетничката конкурентност. Темите и наративите се рециклираат триесетина години, секогаш со пиромански потенцијал на закана за загрозување на безбедноста и уставниот поредок на државата.
Новата летна „офанзива“ на политички „игри со кибритчиња“ ја отворија сега опозициската партија ДУИ од блокот на албански етнички партии и нејзините коалициски партнери во т.н. Европски фронт, измислувајќи неологизам во политичката терминологија – етнички легитимитет.
Откако по последните парламентарни избори, ДУИ односно коалицијата што ја предводеше не беше земена предвид за коалицирање во извршната власт, таа настојува на различни начини да го доведе во прашање легитимитетот на актуелната влада, наведувајќи дека нема „етнички легитимитет“, затоа што не коалицирала со ДУИ, која се смета себеси за победник меѓу албанските гласачи. Иако таквиот принцип „победник со победник“ за формирање влада не е наведен ниту во Уставот ниту во некој закон (дури ни во Охридскиот договор), а воопшто не е својствен ниту познат во демократските држави, ДУИ не се откажува од идејата за негово озаконување, иако веќе еднаш самата го прекрши, додека т.н. „мајски договор“ функционираше како „непишано правило“. На партиски состанок во Гостивар, ДУИ донесе и три резолуции, и тоа: за легитимитетот, Охридскиот, Преспанскиот, Договорот за добрососедство и за измени на Уставот, како и за дејствувањето на партијата. Дури ангажираа и американски адвокат да им напише закон со кој ќе се легализираат тој неологизам „етнички легитимитет“ и принципот „победник со победник“. За целосна етничка поделба на Македонија ја лансираа и идејата за етничка регионализација на државата, наводно според моделите на Белгија, Швајцарија, Ирска… Свој „придонес“, а веројатно и клучна поента во идејниот проект на опозицискиот албански блок партии даде и лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, (всушност на еден дел од поделената партија, која е партнер во Европскиот фронт) со „понуда со која уставниот поредок на Македонија ќе биде регулиран според демографската реалност“…
Додека опозициските партии од албанскиот блок со својата „иницијативност“ да си обезбедат трајно и непроменливо учество во власта одат по работ на активирање на Кривичниот закон за дејства и активности поврзани со загрозување на уставниот поредок (едно од најтешките кривични дела), веројатно за да парираат пред етничкото албанско гласачко тело во Македонија, партнерите од коалицијата „Вреди“ во актуелната коалиција во извршната власт – повторно ѝ дадоа гласност на нивната предизборна понуда за паралелна на МАНУ, етничка (албанска) Академија на науките и уметностите, за почеток финансирана од општините (веројатно од оние каде што локалната власт ја предводат лидерите од „Вреди“), за со текот на времето за неа да се издвојуваат средства од државниот буџет. Реакцијата на сите политички чинители, интелектуални авторитети, општествената јавност… е дека оваа иницијатива на коалицијата „Вреди“ е за почеток логички контроверзна, зашто ниту науката, ниту уметноста во принцип не се и не смеат да бидат ограничени со етнички предзнак. Иницијативата за етничка академија беше дисквалификувана дури и од политичката конкуренција на „Вреди“ во албанскиот етнички блок, секако од политичко-конкурентски причини. Но, највисоката научна и уметничка институција е репрезент на научната, интелектуална и уметничка мисла на една држава и нација, симболизирајќи го она што како вредност се создава во општеството и нешто што како заеднички придонес од една земја може достојно да придонесе во напредокот на науката и уметноста во светот.
Политизацијата и етнизацијата речиси на секој сегмент од живеењето во македонското општество се веројатно критичната слабост и пречка за напредокот и развојот на државата и сите нејзини граѓани. Предизвик со кој во овие триесетина години не успеавме да се справиме во Македонија и покрај спроведувањето различни политички експериментални решенија, како Охридскиот договор. Иницијативите за „уставен поредок според демографската реалност“ и етничка академија на науките и уметностите, иако навидум доаѓаат од спротивставени политички опции, сепак се две фосфорни стапчиња од една кутија кибрит и имаат пиромански ефект врз мултиетничноста на македонското општество, запалив потенцијал за безбедноста на државата и комуникациски тензии во заедничкото живеење на граѓаните во Македонија. Иако често рециклирани, оценувани како апсурдни, овие идеи (што очигледно не згаснуваат) за етнички обележување на секој сегмент од животот, дури и како заталкана искра, го загрозуваат напредокот на Македонија и ја искривуваат перцепцијата за неа како земја што се стреми кон праведните европски вредности.