За разлика од интегративците, јас од прва рака видов и слушнав како функционира Белгија додека престојував во Брисел во 2013 година. Па, читајќи ги повторно моите пишани материјали, решив да споделам некои од видувањата. Можеби ќе бидат од корист за ДУИ и нивните соработници експерти што го посакуваат белгискиот модел за Македонија, за да ги увидат и неговите недостатоци
Во ДУИ веројатно мислат дека белгискиот модел носи чоколадо и вафли, а не и поделби и нефункционалност. А како би знаеле што значи нивниот посакуван систем за Македонија, кога баш тој училиштен час на кој се учело за кралството што преставува крстопат на Европа, зелените изгледа не го следеле, бидејќи тогаш посетувале самоорганизирана настава во природа. Ова си го помислив кога слушнав дека белгискиот е еден од двата разработени модела (заедно со оној од Северна Ирска) од американски експерт ангажиран од ДУИ, според кои целат да се преуреди земјава.
Но јас, за разлика од интегративците, од прва рака видов и слушнав како функционира Белгија додека бев на престој во Белгија, односно во Брисел, во 2013 година. Препрочитувајќи ги обемните материјали што ги забележував оттаму, решив да споделам некои од видувањата. Можеби ќе бидат од корист и за ДУИ и нивните соработници експерти, за да ги увидат и недостатоците на заговараниот модел.
Пред повеќе од десет години, во административниот центар на Европската Унија, забележав дека поделбата помеѓу Фламанците и Валонците не се спомнува во секојдневниот живот, но колку и да се обидуваа Белгијците да го намалат нејзиното значење, таа постои и може да се почувствува на секој чекор. Јазичната бариера помеѓу Фламанците, кои зборуваат холандски, и Валонците од француското говорно подрачје, воспоставена во 1963 година, е најлесно забележлива, но всушност постои многу комплексен проблем заснован врз економски, политички, културни, социјални и историски разлики помеѓу северот и југот, кој ниту самите Белгијци не можат да го објаснат најдобро.
Значајна причина за денешните несогласувања се големите економски разлики помеѓу богатиот север и посиромашниот југ што настанале кога рудниците во Валонија, важни за тамошната економија, биле исцрпени во 60-тите години на минатиот век. Северот денес е незадоволен бидејќи од политичарите е обврзан да му помага на југот. Според законот за солидарност, инвестициите мора да се рамноправни во двата дела и секое вложување во северниот дел мора да се повтори и на југот, без разлика дали има услови за тоа. Внатрешните несогласувања во тој период ја оставија земјата без влада вкупно 541 ден, што беше тогашен светски рекорд, подоцна соборен исто така од Белгија, кога помина 652 дена без влада, сѐ до октомври 2020 година. Треба да се истакне дека Белгијците не забележаа никакви разлики во секојдневниот живот за време на транзицискиот период, во кој нивната држава претседаваше и со Европската Унија. Белгија така стана синоним за држава со постојана институционална нефункционалност што не може да формира влада.
Покрај сите различности, заедничко за Фламанците и за Валонците е што се сплотени кога станува збор за поддршката за белгиските национални селекции и прославата на спортските успеси, како што ми нагласи и белгиски спортски новинар, велејќи „сите навиваат за Белгија и спортот ни е заеднички“. Ќе се согласите дека ваквата практика за обединување преку спортот не е баш секогаш вообичаена кај нас, барем кога станува збор за политичарите. Тоа беше забележливо минатата година кога македонски владини функционери, меѓу кои и кадри на ДУИ, наместо да ја бодрат фудбалската репрезентација на Македонија на дуелот против Англија во Скопје, во квалификациите за Европското првенство, отпатуваа да навиваат за селекцијата на Албанија во Тирана. Тоа секако е нивно лично право, но можеби ќе беше подобро тие да се фотографираат и да ѝ пружат поддршка на македонската репрезентација на трибините на националната арена во Скопје и така да покажат лојалност кон државата на чиј платен список се наоѓаат. Баш затоа и не е тешко да се заклучи дека политичарите се тие што создаваат поделби, дури и со вакви гестови. Тоа веројатно важи насекаде, па и во Белгија и во Македонија.
– Политичарите се единствените што создаваат раздор меѓу народот. Ние никогаш немавме посериозни безредија, ниту насилство на улиците во Белгија. Фламанците и Валонците во секојдневниот живот не споменуваат некаква поделба, такви разговори се водат само во парламентот – ми кажа еден повозрасен Белгиец од Брисел, кој беше расположен да ја објасни поделбата меѓу народот во неговата земја, доловувајќи ја суштината.
Земајќи ги предвид сите информации за Белгија, извесно е дека ДУИ со својот модел само би ја продлабочила нефункционалноста во Македонија, а со евентуалната поделба на региони со повеќе службени јазици по белгиски терк, како краен резултат би се разбил унитарниот карактер на државата. Тоа, пак, би донело ризик за одвојување територии од земјава и нивна асоцијација со соседни држави, на што веќе укажа „Нова Македонија“ во написите посветени на оваа тема.
Затоа, да се држиме ние до постојниот македонски модел на унитарност, со исклучителна меѓусебна почит и долга традиција за тоа, помеѓу жителите на Македонија. И, да ги оставиме настрана туѓите модели, зашто од нив можат да профитираат само скапо платените странски експерти и политичарите што ги заговараат. Да внесуваме нешто неиспробано на ова општествено поднебје, да експериментираме со модели што не одговараат на карактерот на историските корени и стремежите на македонскиот народ и на сите овие што живеат рамо до рамо во заедничката татковина – не бива. Таков исчекор на „здрава нога во трн“ може да направи само некој што нема чувство за љубов кон својата родина, родна грутка, семејство…