Во водата е животот

Настани, симболи, алузии

Време е на одмори, сезона на одмори. Некој веќе бил, некој се подготвува да оди, некој си останува дома. Секој има природно право на одмор зашто и Господ откако ги создаде небото и земјата, животните и растенијата, а на крајот и човекот, за шест дена, седмиот ден си го зеде за себе за да отпочини, да одмори. Одморот симболизира прочистување, обновување, време за земање нова енергија, за полнење на батериите, како што се вели денеска. Одморот, иако релаксирачки, е период на преиспитување на направеното и достигнатото и полн со мисли што ќе се прави кога ќе заврши, кога ќе се вратиме дома и на работа. Има симболика на творечка пауза пред почетокот на нешто ново, на нови дела и подвизи.

Летните одмори се највидливата и најомилена годишноодморска приказна, поврзани со сонцето, водата и воздухот, со сино небо, ноќни ѕвезди, песочни плажи, патувања и авантури. Милиони луѓе бараат спас од високите температури покрај реки и езера, покрај мориња и океани.

Симболичките значења на водата може да се сведат на три доминантни фактори: извор на животот, средство за очистување и средиште на обновувањето. Водата е извор на сите работи, таа е извор на животот и извор на смртта, творец и разурнувач, таа создава и урива, истовремено. Добар слуга, но лош господар, особено кога ќе се налути од неправди. Вода е дождот, вода се реката, морето, росата, мразот, пареата. Водата нема боја, но со неа може сѐ да се обои, нема вкус но ги развива сите вкусови, нема мирис а сѐ омирисува. Како дожд водата е плодност, како роса духовно закрепнување.

Може да горат луѓе, дрвја и камења, сите живи суштества, само водата не може да гори. Водата е единствена што го гасне огнот. Сѐ што е живо има во себе вода, или има потреба од вода за да преживее. Нејзиното значење ги надвишува сите симболи, како по бројност на употреба така по разноликост. Водата не е само библиски туку предбиблиски симбол што се среќава во многу религии и митови и што означува праелемент од кој се развил, од кој се појавиле првите знаци на живите суштества, од кој се развил животот.

Изворите, реките, езерата и морињата биле решавачки фактори околу тие локалитети да никнуваат живеалишта, села и градови, цркви и манастири.

Реката ги симболизира човечкото постоење и неговиот тек со цела низа од желби, чувства, намери, разноликост, бујност на животот. Реката може да проголта, да наводени или поплави, да потопи. Филозофот Платон рекол: „Не може да се влезе двапати во иста река“, зашто коритото е едно, но водата што тече никогаш не е истата. Реката никогаш и ништо не враќа во изворот, како што и човекот не може да се врати во младоста или да живее втор живот.

Езерото е Земјиното око низ кое жителите на подземниот свет можат да ги видат луѓето, животните, билките и сѐ на овој горен свет. Се верувало дека езерата се подземни палати со дијаманти, накит, кристали, од каде што излегуваат самовили, вештерки, кои ги навлекуваат луѓето на опасни искушенија, што, од своја страна значи дека езерските води ја поттикнуваат бујната фантазија. Во некои легенди, настанокот на езерото е приказна за пролеани женски солзи. Таква е легендата за некоја си убава мома Преспана, која со своите солзи го наполнила полето создавајќи го Преспанско Езеро.

Што се однесува до морето, постојат народни верувања и древни митови дека од морската вода излегол и првиот живот во облик на јајце. Морето е симбол на динамиката на животот и на изобилството, океанот на мудроста. Нурнувањето во морските длабочини, во пенливите бранови од солената вода, симболизира раскинување со вообичаениот живот, коренита промена на идеите, ставовите, однесувањето. Сината боја на морето и на небото симболизира лојалност, мудрост, искреност, самодоверба и рај, таа е поврзана со спокојството и смиреноста, поради што и одморот на море се препорачува за корисен, како за телото така и за умот.

Водата се споменува во Библијата 442 пати. Во неа пишува дека и земјата е создадена од вода. А има причина така да се рече, зашто водата покрива речиси 70 отсто од површината на Земјата, од што најголемиот дел, дури 97 отсто, е солената вода во океаните и морињата. Водата претставува 60-70 отсто од телесната тежина на едно човечко тело, а ако е за верување на медицинските проучувања, околу 80 отсто од тежината на нашиот мозок е вода.

Може да се рече дека капењето во (со) вода, на универзално ниво, кај многу народи е еден од првите ритуали со кои се потврдуваат големите етапи на животот: раѓањето, пубертетот, староста и смртта. Во христијанската традиција водата означува регенерација, обнова, духовно покрстување и прочистување. Ја мие душата, но не ги мие гревовите и лошите дела, ниту рацете од одговорноста. Водата е живот и од неа сѐ е создадено, како што без неа сѐ може да биде уништено, испоумрено.

Потопувањето на телото при крштевањето (попрскување со света вода) е еден од главните обреди во христијанството. Најпознатото капење што ја промени историјата на човештвото е „потопувањето“ на Исус Христос во водите на реката Јордан, направено од неговиот прв братучед Јован Крстител. Како што е познато, по тој чин, Исус излегува чист и прочистен и тогаш ја започнува својата света мисија зa спас на светот.

Одморот, макар и краток, на минута, на час, дневен, неделен или месечен, без разлика во која годишно доба, е спас од негативни емоции, од лутење, од стрес. Ако човек не може да си дозволи да биде на море, на езеро или покрај река, секогаш може да си дозволи чаша обична вода, туш или када. Водата, не само според врачовите, ја „брка“ црната негативна енергија од човековото тело, ги исфрла насобраните отрови од него.

Толку за водата и летото. Пливањето низ големите бранови на животот се одвива на суво.