Проф. д-р Солза Грчева
По самитот на НАТО во Вашингтон, тргнаа опозициските мегафони да ја омаловажуваат улогата на нашата делегација, а најотровните стрели се исфрлија кон премиерот Мицкоски. Папагалски се повторуваат неколку тези. Тој бил изолиран, не остварил важни средби, а кредитот од Унгарија бил неповолен. Демек, сѐ што направила старата влада, овие сега ѝ бришат, ѝ поништуваат. А направиле само зло. Од многу добрини, народот нив ги изолираше за долго.
Но, во нешто имаат право. Има разлика. Ако би го замислиле однесувањето на нивниот претходен лидер Заев, овој сигурно би ползел по подот, би им се обвивал околу нозете како бршлен, би им се поклонувал на сите од ред со рачето на мешето, би пелтечел на симпатичен есперанто, кој никој не го разбира, а секако во еден момент би го зграбил пенкалото на Столтенберг да го бакне како Тибетанците што го бакнуваат секој предмет што го допрел далај-лама. Не дај боже, можеби и ќе потпишеше некој договор од кој сите ќе збесневме, а државата и Македонците ќе се спасуваа како давеници. Тој немаше да биде изолиран, поточно самиот така ќе мислеше, ама ние дебело ќе ја платевме неговата селска дружељубивост, како што ја плаќаме секојдневно.
Мене ми е интересен овој феномен на СДС да ја омаловажува тукушто избраната влада со најголем легитимитет. СДС ги изгуби срамно изборите и како ништо да не правеле за да ја пеплосаат државата, сега, без никаква размисла и самокритика, тргнуваат во крстоносна војна. А војната им е изгубена однапред. Веројатно играат на картата на кусо помнење на народот, па мислат дека сѐ сме заборавиле и простиле. Тука се лажат. Таква погубна влада Македонија немала, и тоа на секое поле. Се однесуваат во стилот „ајде сега да ве видиме, каде ви се ветувањата?“, како да може некој одеднаш да го смете целото ѓубре што го оставија зад себе. Она што мене ме мори како прашање е дали ќе одговараат. Или ќе им се дозволи на нивните преплатени мегафони, НВО да ни ги полнат стомаците со отров и да продолжат да нѐ продаваат како најдолни вазали и заробеници на нивните кусогледи политики. Не смее да им се дозволи оваа замка, нивниот референтен систем мора да се тргне што поскоро од политичкото однесување. Инаку, тие секогаш ќе ја мерат и новата влада низ нивната диоптрија, за која мислат дека е единствена, незаменлива и „прогресивна“. Тие, кои народот ги изолираше токму поради нивната претерана сервилност и глупост во надворешната политика, корупција и други убавини, кои можам да ги редам до утре.
Да го видиме однесувањето на Мицкоски и на нашата делегација. Настрана фактот за успешноста на самиот самит на НАТО, кој е оценет како повик за ескалација на војната, но тоа е друга тема, нашите покажаа исклучително достоинство и конструктивност за Македонија. Мицкоски, покрај другите билатерални состаноци на маргините на самитот, оствари клучна средба со техничкиот премиер на Бугарија, Главчев, кој за првпат Македонците ги нарече со правото име „народ“. Колку и да звучи ова нормално, бидејќи сите знаеме што сме, ги знаеме позициите на Бугарија кога со неа преговараа СДС/ДУИ. Значи вредело да се инсистира на реципроцитет во односите, да им се каже отворено дека уцените отсега нема да се начин на комуникација меѓу две држави што мислат да бидат пријателски. Ова е секако чекор напред, кој не знаеме дали пошироко ќе биде прифатен во соседната земја. Но, чекорот е неспорен и e резултат на нашиот нов наратив.
Понатаму, се сретна со делегација на Унгарија, поточно лично со премиерот Виктор Орбан. Орбан, кого ЕУ го третира како „црна овца“, па дури и се подготвува на Унгарија да ѝ го одземе претседателството со ЕС. Но истиот тој Орбан, можеби единствениот суверенист во ЕУ што гледа како да ја подигне својата држава, излезе голем играч. Тој зборува за мир, а не за војна. Замислете колку е „омилен“ среде вжештените глави што повикуваат на нови, европски воени сојузи за кои веќе пишував. Орбан секако го читал Орвел штом не ја прифаќа тезата дека „војната е мир, слободата е ропство, а незнаењето е сила“. Во потрага по мир за Украина и престанување на војната, за една недела ги посети Киев, Москва, Пекинг и Вашингтон. На овие врати многумина тропале, но Орбан успеа да ги отвори. Тој прв пред години се спротивстави на мигрантскиот бран, за што Унгарија беше казнета со 200 мил. евра, а сега гледаме дека на тоа исто прашање паѓаат или се нишаат многу европски влади. Неговата улога допрва ќе расте. Ете со тој и таков човек седна нашиот Мицкоски (а не со премиер на некоја политички неважна држава) и договори поволен кредит од 500 мил. евра, од кои половината ќе бидат капитални инвестиции. Нагласувам поволен, бидејќи разговарав со двајца врвни економисти. Што донесе СДС за да има право сега да прашува „каде е ветената милијарда?“ Нека се стрпат, ќе ја видат.
Но, друг ми е зборот. Оваа средба не е важна само поради кредитот, туку покажува дека и ние чекориме по патот на суверенитетот, кој го заложивме во продавница за стари работи, без потреба и интерес. Голема храброст е да се седне со „непослушниот“, а силен Орбан, токму во оваа ситуација. Сега морам пак да се вратам на Заев или Ковачевски, сеедно. Тие ќе му бегаа од сенката, ќе гледаа случајно да не ги фати некоја камера, ќе умираа од страв да не им се налепи етикета дека го поддржуваат „авторитарниот“ премиер на Унгарија, кого ЕУ гледа како да го заобиколи. Има разлика, нели? Мицкоски знае дека народот бара суверени одлуки во негова полза. На овој сиромашен народ му е стемнето од седумгодишното играње на една карта. Бара да живее добро и ова го цени.
Друга погана теза на незрелата опозиција е дека Мицотакис го заобиколувал Мицкоски во голем лак. Ова го пишуваа и посакуваа и пред самитот. Триеја раце и се радуваа како дечиња, што Македонија ќе била игнорирана од светската сила Грција. Не ме чуди, бидејќи нивната дипломатија оди најдалеку до Евзони. Или до Нивици. И не знам кој кого заобиколувал. Но, за мене наводното „заобиколување“ на Мицотакис е добар знак за нас. За ветата со кои последниов се закануваше веќе пишував во минатата колумна. Вредат колку на кванташки пазар. Не ги дава Грција, туку оние што сѐ уште не ја гледаат Македонија во ЕУ.
Повеќепати сум изјавила дека никому не му давам бланко-чек за претпоставен успех. Ниту на оваа влада. Но, ако по утрото денот се познава, разликите се големи и очигледни во полза на новата власт. Завршивме со коленичење, се надевам исто така и со корупција, и влегуваме во обнова на разорената и опустошена земја. Се расчистува во здравството, образованието, инфраструктурата, влегуваме но нов инвестициски бран, а достоинството на нацијата полека се враќа. Ништо нема прекуноќ, но сигналите можат да се исчитаат. За злонамерните, ова секако е невидливо. Но, попрво би рекла, недостижно.