Проф. д-р Солза Грчева
Повторно јужните комшии, или првата страна, ни се закануваат со фамозното вето за членство во ЕУ. Демнат кој и кога го изговорил „забранетиот“ збор Македонија без Северна, демнат (наместо да се извинат) дали претседателката ги примила децата бегалци од Егејска Македонија. Се закануваат дека ќе почнат да го следат примерот на „храбрата“, повеќе би рекла охрабрената Софија да ни става вета како ќе ѝ текне. Притоа Грција нема намера да ја опомене Бугарија дека нема никакво право од нас да бара ревизија на нашата историја, јазик и култура бидејќи прашањето е затворено токму во Договорот од Преспа. И исто така нема никаква намера да ги исполни своите минимални обврски од договорот. Една од нив е фамозниот протокол што никако не се наоѓа пред нивниот парламент, а се однесува на нашите евроинтеграции. Со еден збор, ние сме изиграни, поточно постојано изигрувани. И, колку ова да звучи цинично, тоа и го заслужуваме. Со „наш“ потпис и со туѓа рака се изведе целата срамна операција. Со испокршени ’рбети преговори не се водат, а најмалку се потпишуваат договори што ни ги одземаат суштината и идентитетот, а притоа го кршат и меѓународното право. Името на државата е нашиот идентитет. Сега го немаме. Останува да се надеваме и да се бориме (одново) еден ден, кога ќе се променат геополитичките односи пошироко, дека името Република Македонија ќе го вратиме. Две работи треба да ни бидат јасни.
Прво, само целосно немоќната дипломатија на несреќиве што до скоро владееја нѐ доведе во улога на боксерска вреќа. Со оние што не те признаваат ниту како народ ниту како држава не се преговара. Од нив можеш да очекуваш само непристојни предлози и уцени. И ако немаш дипломатија што може да одработи каде што треба и како што треба, а не кај губитници какви што станавме и ние, поарно молчи и чекај. Пиј кафе и уживај. Да почекавме, ќе влезевме во НАТО без никакви срамни договори. Тоа деновиве ни го кажа и бившиот премиер на Грција, Ципрас. Јужното крило на НАТО било важно да се затвори. Пази богати. Ова не го знаеја трговците со краставици и смокви? Но и да не се случеше тоа тогаш, сега, ирационалниот страв од Русија ќе ги натераше да ни дојдат со молење, а не со „тепање“.
Второ, на сите треба веќе еднаш да им биде јасно дека влез во Унијата за нас нема до оној момент до кога истата таа ќе има геополитички интерес да нѐ прими. Како што прави експресно со Украина и Молдавија. Набргу и со Грузија. Сето ова од познати причини. Ако навистина сакаше и Западен Балкан, во кој нѐ сместуваат, да стане член на сега веќе дебело збунетото и разнишано европско семејство, ќе го направеше тоа одамна. Ветата на Грција и Бугарија ќе им останеа во празните џебови, кои ЕУ им ги полни како на неодговорни деца.
Дипломатијата не е за наивни ниту за кучиња што следат една трага, макар ги однела и на буниште. Дипломатијата не е за оние што јавно декларираат љубов и зависност од еден центар. Ако не нѐ примите, живот не ни треба. Каква глупост. Според една индиска филозофија, ако нешто многу сакаш, не треба истото тоа да го покажуваш, ниту пак претерано да си ги врзуваш мислите и акциите околу таа желба. Така, дистанцирајќи се од сопствената желба, секако не повторувајќи како папагал еднозначни и пораки без отстапница, имаш поголеми шанси да го добиеш посакуваното. Нека учат малку од мајсторите на таа дипломатска игра, а такви имало и има и сега. Им припишуваат дека седат на повеќе столови. Па што? Битно е да ги остварат своите цели за доброто на своите граѓани. Но ако станувате секое утро и наместо на раат да си го испиете кафето, се вртите кон замисленото божество и јавно му се поклонувате, и така повеќе пати во денот, на крајот ќе ви се стемни. И вам и на тие што очекуваат од вас нешто. Дипломатијата е пред сѐ создавање пријатели (од интерес, се разбира) и многу итрина, но никако не е отворена љубов кон убавата и недостижна Беатриче. Љубете ја својата земја и направете ја убаво место за живеење.
Се сеќавам на едно време кога за лисецот Тито кружеше вицот дека води политика на „дај жмигавец за лево, заврти десно“. И цел свет го почитуваше, уште повеќе, му се плашеше. Тој стана стожерот на движењето на неврзаните и го разбрануваше тогашниот биполарен свет. Направи тешки раскинувања и на лево и на десно, но всушност го ценеа двата блока. Јасно е дека сега не очекувам такви подвизи, но очекувам поголема храброст да се нарекуваат работите со правото име. Тоа е секогаш ценета работа. А правото име е изигрување, лажење, кој како сака нека го нарече овој еклатантен пример на двојни стандарди што врз нас ги практикува ЕУ.
И што сме се уплашиле од силните вета со кои ни се закануваат нашите „драги“ комшии? Колку пати треба да го промениме нашиот устав, кој и сега личи на Франкенштајн? Ќе се смени нешто? Ништо, кога имате договори без никакви гаранции.
Што се однесува до „ветата“, во Брисел се одвива постојано јавна трговија со вета. Побезобразна од она поткупување на наши пратеници за да гласаат за уставните промени. Видовме сите како на „непослушниот“ Орбан му послужија кафе токму во моментот кога тој спремаше вето за искористување на „замрзнатите“ средства од Централната банка на Русија, за помош на Украина. Значи можело и без консензус кога се сака. Или потплатувањето на истата таа Унгарија со (нивните заробени) пари од над 60 милиони евра, за да се промени нејзиното „недемократско“ однесување во дебело разјадената демократија на ЕУ. И не е Унгарија единствен пример. Ги има многу. Замена на вето за пари или други погодности. Итар Пејо, вода да им носи. Се зборуваше за тоа дека правото на вето треба да се тргне, бидејќи Унијата станува неефикасна и заробена, но од тоа нема ништо. Засега останува сите карти да се стават на кафето. Дали ќе создадеме доволно моќни пријатели, кои засилените шефови на Бугарија и Грција ќе ги испратат на по едно еспресо, останува да видиме. Но и да работиме на тоа.
Односот на ЕУ кон Македонија е понижувачки, срамен, неправеден, за нас нивните декларирани принципи не важат и нашата разочараност треба јавно да ја демонстрираме. Не да ја кажеме, туку и да ја покажеме. Инаку ќе нѐ возат долго со фразите за тоа колку сме посакувани, колку едвај нѐ чекаат, а всушност не помислуваат на нас. Се сеќавам кога канцеларката Меркел, во пресрет на пропаднатиот референдум за промената на името, како среде Скопје ни ветуваше „брз колосек“. Малкумина наивни поверуваа (околу 34 отсто), а оние поумните (околу 66 отсто) знаеја дека таквата срамна трговија ќе роди мртвороденче. Тоа се случи, а ќе ни се случи повторно ако сме наивни и ако сме уплашени. Комплексот на инфериорност мора да се ампутира.
Старите велеа трпение – спасение. Јас велам да изработиме и ако треба самите да честиме едно до две кафиња.