Татарчев во Ресен, според кажувањето на ресенци, живеел мирен и повлечен живот, нагризан од животните премрежиња, од годините и од тешката болест. Колку што бил заштитен од бугарските власти, толку бил штитен и почитуван и од илегалната комунистичко-скоевска организација. Кон крајот на војната, по негова желба и барање на блиските од семејството, заминал во Бугарија. Воопшто не се точни тврдењата дека додека престојувал во Ресен бил малтретиран и измачуван од припадниците на партизанското движење
Чудни се животните патишта на луѓето што оставиле посебна трага во своето село, град или држава. Полна е светската историја, што значи и македонската, со необични биографии на луѓе што тргнувајќи уште од детските години од своите родни места се узвеличиле на разни меридијани во годините на својата младост или постара возраст.
Интересен факт е што нема толку мал град како што е Ресен што дал толку многу знаменити личности, и тоа во период од педесетина години. Петтемина ресенци што ги регистрира историографијата на крајот на деветнаесеттиот и во првата половина на дваесеттиот век се: Андреј Љапчев, Христо Татарчев, Симеон Радев, Трајко Китанчев и Наум Туфекџиев. Секој има свое место со своето политичко и професионално дејствување…
Во неговата куќа – првиот конгрес на организацијата
Секако дека во историјата на Македонија најинтересна личност е доктор Христо Татарчев (1869- 1952), еден од основачите и прв официјален претседател на ВМРО. Роден во Ресен, починал во Торино, Татарчев своето огниште го напуштил уште како дете од 12-13 години да се школува во Бугарија. Завршил гимназија во Пловдив. Иако сакал да студира филозофија, по желба на богатиот татко студирал и дипломирал медицина во Швајцарија, а докторирал во Берлин со дисертација на темата „Професионални неврози“. Се вработил како лекар во бугарската гимназија во Солун, каде што се сретнал со сите познати македонски револуционери што таму работеле или се школувале.
По раното заминување од Ресен, според неговите сведочења и други записи, во Македонија (територија во сегашните граници) престојувал само во четири наврати. Во 1893 година ги прошетал Гевгелија, Дојран, Струмица Радовиш, Штип, Кочани, Кратово, Куманово, Скопје и Велес, градови во таканаречената Европска Турција.
Вториот пат дошол во Ресен во август 1894 година, при осветувањето на „бугарската“ црква „Свети Кирил и Методиј“. Со него биле и некои од основачите на Организацијата, кои три дена во куќата на Татарчеви заседавале заедно со делегати на месни комитети. Самиот Татарчев во своите пишани спомени тие денови и тие средби ги назначува како – Прв конгрес на ВМОРО. Таканаречената „влашка црква“ била осветена педесет години пред „бугарската“.
Конгресот траел три дена. За претседател е избран Татарчев, за секретар и касиер Даме Груев. Оттогаш во организацијата веќе се и Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев и Христо Матов, сите големи имиња на ВМРО. Според Татарчев, по пишувањето на Уставот на организацијата во 1896 г., „сите сакавме да го прогласиме обединувањето на Македонија со Бугарија, но тогаш знаевме дека соседните држави, Грција, Србија, а и Турција и големите сили, нема да го дозволат тоа и решивме да бараме автономија на Македонија, според членот 23 од Берлинскиот договор, како прв чекор кон обединувањето“.
Третиот пат било на 2 август 1918, во Крушево, каде што по покана од крушевчани држел говор на еден „торжествен“ собир по повод 15-годишнината од Илинденското востание. Тука треба да се спомене дека Татарчев бил жесток поборник да се крене востанието и имал големи недоразбирања со оние што биле против прераното кревање.
Во Ресен за време на окупацијата
Секако, најинтересно и релативно контроверзно е неговото последно доаѓање во Ресен, каде што останува од есента 1941 до есента 1944 година, значи цело време додека во Македонија биле бугарската окупациска војска и администрација. Според неговиот став, тоа е време на радост кога „Македонија е ослободена од српското владеење и приклучена кон мајката Бугарија“.
Татарчев во Ресен, според кажувањето на ресенци, живеел мирен и повлечен живот, нагризан од животните премрежиња, од годините и од тешката болест. Колку што бил заштитен од бугарските власти, толку бил штитен и почитуван и од илегалната комунистичко-скоевска организација. Кон крајот на војната, по негова желба и барање на блиските од семејството, заминал во Бугарија. Воопшто не се точни тврдењата дека додека престојувал во Ресен бил малтретиран и измачуван од припадниците на партизанското движење.
Пред своето заминување, во август 1944 дал кратко интервју за весникот „Целокупна Бугарија“, кој излегуваше во Скопје, каде што го величи делото на ВМРО. И во интервјуто, како и во своите публицистички трудови и обраќања, се изјаснува како македонски Бугарин и како борец за автономна Македонија, но и за постигнување на конечната цел – обединета Бугарија со Македонија во неа.
По заминувањето од Македонија, Татарчев се вратил во Бугарија, која веќе била под комунистичка власт. Судбината пак си поиграла со него. Не бил прифатен од новите просоветски власти и повторно заминал за Италија, во Торино. Таму тој имал свој дом, емигрирал во раните дваесетти години на дваесеттиот век, принуден да го повлече тој бегалски чекор од страв пред заканите за ликвидација од страна на Тодор Александров, негов прогонувач. Обидувајќи се да се заштити од Александров, во Италија станал многу близок со Ванчо Михајлов.
Бракот со богатата Гркинка
Еден од куриозитетите на неговиот живот е женидбата со Софија Логотети, ќерка на бивш грчки конзул во Софија, семејство на далечни потомци на византиски владетели. Тој чин предизвикал бура и во бугарските и во грчките кругови. Некои грчки националисти ја нападнале куќата на сопругата во Солун, сакајќи да ја запалат зашто една угледна Гркинка се мажи за неугледен Бугарин. Ниту во македонските емиграциски и бугарските кругови бракот не бил примен благопријатно. Тој брак придонел кон Татарчев да се гледа со сомничавост дека докторот приклонува кон Грците, болка што младоженецот ја чувствувал преку заладениот однос кон него.
Христо и Софија Татарчеви немале пород. Пред својата смрт во 1952 година во Торино докторот оставил тестамент напишан своерачно, на три страници. Во него целиот недвижен имот, идеалната половина од куќата во Софија и сите парични суми, кои се наоѓале во бугарските и италијанските банки, ѝ ги препишал на сопругата. Ако остане нешто по нејзината смрт, „идеален дел од гореспоменатата куќа да биде даден по еднаков дел на општините кукушка и ресенска – Македонија, за просветно-културни цели, но ако последните општини се во пределите на голема Бугарија; во спротивен случај да се даде за просветителни културни цели на општините на кој и да е македонски град што останал под бугарска власт“… Така гласи дел од тестаментот.
Заборавен, па вратен во бугарската историографија
Негова желба била да биде погребан во Солун, но бил погребан во Торино. Во 2010 година неговите мошти од Торино се пренесени и погребани на централните гробишта во Софија, по иницијатива на партијата ВМРО-БНД, а не по иницијатива на бугарската држава или со државни почести. Полагањето на моштите на д-р Христо Татарчев се извршило на 23 октомври 2010, на денот кога се одбележувале 117 години од формирањето на револуционерната организација.
Во сама Бугарија, во бугарската историографија Христо Татарчев нема некое посебно место, не е вброен меѓу хероите на нацијата. Беше заборавен, речиси избришан, повеќе од седумдесетина години. На бугарската политичка сцена го врати партијата ВМРО на Красимир Каракачанов, а голем придонес за делумната политичка рехабилитација има публицистот Цоцо Билјарски, кој ги собра во една книга спомените, статиите, говорите и писмата на Татарчев и ги објави во почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Така оживеа Татарчев во бугарската историографија и публицистика.
За разлика од Бугарија, името на Христо Татарчев во Македонија е на политички, партиски и национален пиедестал. Во Ресен и Преспа доктор Христо Татарчев не е третиран ниту како херој ниту како предавник. На неговото семејство и на неговите блиски од лозата, секогаш и од сите во градот, без разлика кој владеел со котлината, се гледало со голема чест и почит.
Најинтересно и релативно контроверзно е неговото последно доаѓање во Ресен, каде што останува од есента 1941 до есента 1944 година, значи цело време додека во Македонија биле бугарската окупациска војска и администрација
Родната куќа – од руина до музеј
Во Ресен има неколку семејства што го носат (носеа) презимето Татарчеви. Семејството на Христо Татарчев спаѓаше меѓу побогатите семејства во турско време. Се занимаваа со трговија, банкарство и градинарство, татко му работеше во Истанбул.
Колку што беше сложена судбината на првиот претседател на ВМРО, толку беше сложена и состојбата околу неговата родна куќа во центарот на Ресен, на една од главните крстосници.
Вистина е дека по војната и доаѓањето на комунистите на власт семејната куќа и имотите беа национализирани, но не како одмазда туку во рамките на тогашните закони, како што беа национализирани повеќе куќи и имоти на ресенци. Некои поимотни граѓани беа затворани како „воени богаташи“, а имало и случаи на стрелани за една скриена вреќа брашно.
Во време на подоцнежните години на социјализмот, по иницијатива на Драги Тозија, ресенец на високи републички позиции, почитувач на македонската национална историја, куќата на Татарчеви беше ставена под заштита на државата. За волја на вистината, плочата беше без неговото име и, како соломонско решение, беше поставена од задната страна на зградата. Во 2004 година куќата се урна од старост, запуштеност и поради некои несогласувања за поделба на оставината.
По иницијатива на власта на ВМРО-ДПМНЕ што ја предводеше Никола Груевски, изградена е модерна реплика како спомен-куќа на Христо Татарчев, почната во мај 2014, а отворена во април 2016 година.
Објектот има музејски поставки, со мурали и сликарски портрети на дел од македонските револуционери, и простор за прием на посетители и за одржување разновидни културни настани.