На министерот Бујар Османи му пречи она „Македонска“ пред Академијата на науките и уметностите, исто како што му пречи и пред името на јавниот медиумски сервис. За него нема ниту македонска влада, ниту македонски претседател, туку сѐ било на државата со географска одредница. По таа логика на Османи, како верен грчки чувар на Преспанската спогодба, нема ниту македонски јазик, нема ниту македонска култура, историја, идентитет, туку, во согласност со новото име на државата, произлегува дека има само „северномакедонско“ што и да е
Најдолговечниот министер во македонските влади, Бујар Османи, ги одбројува последните денови во министерската фотелја и наместо времето да го минува во преиспитување на себеси колку направил, дали можел повеќе, дали ѝ помогнал на својата држава да оди напред, а граѓаните да живеат подобро, тој продолжува со деструктивните политики на заштита на туѓите интереси, на штета на сето она што значи македонство.
Имено, шлагот на тортата беше последниот негов настап по Самитот на шефовите на држави и влади од земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кога во стилот на портпарол на грчката влада гордо истакна дека како што сме ја обвинувале Грција дека не го исполнила својот дел од обврските, исто и ние не сме го исполниле, на пример не сме ги смениле имињата на Македонската академија на науките и уметностите и на Македонската радио-телевизија. Наместо мудро да се држи исклучиво до тоа што Грција не го направила, тој прави паралели што ние не сме направиле, само за да ја оправда Грција. Уште и кажува дека тие во МНР детектирале точно што Грција не спровела од договорот, така што немало потреба новиот мандатар да прави посебни документи во врска со тоа прашање. Па ако имаше такви документи во МНР, што не реагираше министерот на тоа што Грција не ги исполнува обврските со години додека нашиве тука брусеа шахти и се натпреваруваа кој повеќе ќе каже „северна“ во една минута. Исто како на Грците, така и на нашиот министер за надворешни работи му пречи придавката македонски, па сака што поскоро да ја избрише од секоја институција, од секое можно место, за да прекине секаква врска меѓу македонскиот народ и неговата единствена држава. Му пречи она „Македонска“ пред академијата, исто како што му пречи и пред името на јавниот сервис. За него нема ниту македонска влада, ниту македонски претседател, туку сѐ било на државата со географска одредница. По таа логика на Османи, како верен грчки чувар на Преспанската спогодба, нема ниту македонски јазик, нема ниту македонска култура, историја, идентитет, туку, во согласност со новото име на државата, произлегува дека има само „северномакедонско“ што и да е.
Колку и да се правда дека целото време го трошел во одбрана на интересите на државата, со ова јасно покажува дека работи во спрега со сите оние што работат на деконструкција на македонскиот идентитет. Зошто инаку би му пречел терминот „македонски“, па и тој треба да се идентификува со тој термин бидејќи е дел од државата Македонија, како македонски Албанец, па дури и Македонец со албанско етничко потекло. Но тој не го прави тоа, исто како што не го правеше неговиот сопартиец и министер за економија во заминување, кој пред извесно време во Албанија исто велеше дека не бил македонски министер, туку Албанец од Македонија. Од една страна на Османи му е важна платата што ја зема од џебовите на македонските граѓани, оти, како што самиот изјави, ако еден месец не земе плата ќе мора да се задолжува, а од друга страна не постои ништо македонско, туку само граѓани, коса црта, на државата на која ѝ го нагрдија името.
Истиот тој министер за надворешни работи во заминување неодамна дал инструкции во ОН како да гласа Македонија во врска со Резолуцијата за Сребреница, на своја рака, без консултација со никого во државата, небаре Македонија е негов приватен имот, па ќе прави што сака, без никого да прашува. Тука не станува збор како гласала земјава, туку за процедурата, дека секоја одлука треба да помине низ еден поширок филтер за да се добие она што е најдобро за државата во дадена ситуација, да се зачуваат нејзините интереси, но и да не се нарушуваат односите со ниту една земја. Од една страна Османи вели дека не смеело да се нарушуваат односите со Грција и со Бугарија поради некакви наши „кавгаџиски“ политики, а од друга страна тој самиот може да ги нарушува односите со Србија оти така му одговара.
Ова се само дел од дипломатските гафови што министерот успеа да ги направи додека е во технички мандат, но ако се навратиме малку поназад, на деструкциите во македонската надворешна политика им нема крај.
Исто како со резолуцијата за Сребреница, така и во преговорите со Бугарија си ја зеде сета слобода да преговара инкогнито, без да ја информира домашната јавност. Немаше ама баш никаква транспарентност, колку и да го тврди спротивното. Македонските граѓани за она што се случува во преговорите за надминување на бугарското вето во најголем дел дознаваа од бугарските медиуми, а министерот се занимаваше со тајна дипломатија од која го видовме резултатот. А тој резултат беше „францускиот предлог“, спакуван по мера на Софија. И повторно, министерот излезе со изјава дека ќе имало широка дебата во јавноста околу овој предлог и дека ќе се слушнеле сите страни, така што ако оцените се дека предлогот е неприфатлив, тогаш ќе се одбие. Лично бев присутен на една од тие дебати во Клубот на пратениците, која траеше точно 53 минути. Прво со медиумите, па со невладините исто еден час и толку беше од широката дебата. За неполни два часа завршија дебатата и запознавањето со редуцираната верзија на „францускиот предлог“, наместо како во секоја нормална држава предлогот да се продискутира добри четири-пет месеци, без брзање, во консултации со експерти, но и со граѓаните.
За жал, немаше ни експерти (кои противењето јавно го искажуваа на телевизиски емисии), ни ѓаволи, ни врагови. И по неколку дена го прифатија тој предлог, со кој македонската преговарачка рамка со ЕУ се трансформираше со преговарачка рамка со Бугарија. Прво Бугарите ќе одобрат, потоа ЕУ ќе дава согласност за отворање поглавја. Попусто и цртањето по табли и објаснувањата од министерот Османи, кој буквално ја навреди интелигенцијата на македонските граѓани, кажувајќи им дека тие ништо не разбираат. Тој си ја тераше работата само колку да им угоди на странците, тоа му беше важно, оти се отвораат повремено слободни места на некои од функциите надвор, па секогаш е добредојден оној што беспоговорно испорачува. Впрочем, во „францускиот предлог“ не се работеше за идентитет на етничката заедница на која ѝ припаѓа шефот на дипломатијата. А кога тој или неговата етничка заедница треба да се откаже од некоја работа, е тоа не може, било враќање назад. Зошто, ако и самиот две години ги заговараше уставните измени, не го прифати предлогот македонскиот устав да се промени според теркот на хрватскиот устав? Сака да каже дека Хрватска не е демократска земја? Ќе го направевме тоа уште пред година и половина и Македонија ќе почнеше преговори со ЕУ, ама вистински, со отворање поглавја. Убаво кажал нашиот народ, по туѓ грб сто стапа удри, не болат.
Да не зборувам колку жолчно истиот министер шеташе низ Европа на трошок на македонските граѓани, не за да лобира за Македонија, туку да притиска да се забрза признавањето на Косово. Па косовскиот министер за надворешни работи не беше растрчан толку многу колку нашиов. А впрочем, зошто да трча, кога друг министер од соседството му ја врши работата на туѓ трошок.
Единствена добра работа во приказната со Османи е што за некој ден му завршува мандатот и конечно ќе му го препушти местото некому кому државните интереси ќе му бидат во прв план, кој ќе го брани дигнитетот на сите граѓани што живеат во оваа земја, без оглед на нивната етничка припадност, кој ќе внимава на сечие чувство, ќе се труди во ниту еден момент тие да не бидат загрозени по некоја основа, најмалку од некој однадвор. Ако внатре се држиме сплотено, нема некој што ќе нѐ скрши. Дојде времето кога македонската дипломатија мора да се врати на вистинскиот колосек, колосек што значи достоинствена надворешна политика, политика базирана на заемно почитување, соработка, пријателство и отворен пристап за сите прашања, низ дијалог, но само како еднакви партнери. Дојде времето на лојалност кон сопствената држава.
А Османи ќе остане запаметен како човек со најдолг министерски стаж кому најмалку му беа важни македонските интереси, заедно со сите оние што се сликаа изнасмеани во Нивици кога се откажаа од својата вековна татковина – Македонија!