Проблемист од светски ков: Никола Столев

Книгата е заеднички напишана од меѓународниот мајстор на проблемски шах Никола Столев и од велемајсторот на проблемски шах Живко Јаневски

ПРОБЛЕМСКИ ШАХ

Овој месец од печат излезе шаховската книга од областа на проблемскиот шах „Избрани композиции од Никола Столев“, напишана од македонскиот меѓународен мајстор на проблемски шах Никола Столев и од македонскиот велемајстор на проблемски шах Живко Јаневски. Првата нивна заедничка книга насловена „Современиот помошен мат во два потега“ излезе во 1989 година.
Во книгата „Избрани композиции од Никола Столев“, покрај кратката биографија на коавторот Столев, содржани се следниве теми: Избор од неговото творештво (205 композиции) од вкупно 432 објавени композиции, потоа неколку објавени написи со избор од 186 композиции, три индексни бази на теми и изрази, изворот на објавување и авторите на избраните композиции, како и неколку фотографии. Книгата е пишувана на англиски јазик и има вкупно 148 страници.
Творештвото на истакнатиот македонски проблемист Никола Столев започнува во 1971 година и досега тој има објавено 432 проблемски композиции. Во изминатиот период Столев ги објави своите композиции во целиот свет, освојувајќи 241 одликување, од кои 44 композиции се наградени. Негов најзначаен успех е второто место на Светското екипно првенство (СП), одржано во периодот 2001-2004. Г.И.