Падот и поразот на социјалдемократите не се случајно пораз, изненадувачки настанат на денот на самите избори. Катастрофалниот резултат е епилог на долготрајната криза во определбите, автократското владеење од претпоследниот лидер, создавањето вештачки политички, судски и криминогени кризи од него. Сепак, едни од клучните фактори се оддалечувањето на партијата од историските аспекти на националното прашање на македонскиот народ, бегањето од патриотизмот како од ерес, потценувањето на укажувањата од граѓаните и погрешната процена на нивните емоции
Анализа: Долгото паѓање на социјалдемократите
Една мала ретроспектива може да донесе појасна слика зошто Социјалдемократскиот сојуз ги загуби убедливо последните собраниски избори. Дебаклот што го доживеа партијата не е толку резултат на силата на победникот ВМРО-ДПМНЕ, колку на слабоста, неспособноста и слепоста на носечките партиски кадри во подолг период.
Освен што резултатот изразен во бројки е понижувачки (18 пратеници), пострашно е што се изневерени очекувањата, урната е довербата, доведена е во прашање иднината. Во СДСМ се разочарани членовите и симпатизерите, надвор од него се револтирани независните гласачи, кои се јазичето на вагата што го одредува победникот, а бесни и одмаздољубиви се голем дел учесници на Шарената револуција, кои се почувствуваа лековерно измамени и злоупотребени.
Незапирливиот пад по денот Д
Во неколку поранешни текста објавувани во „Нова Македонија“ сум пишувал за несоодветната политика на СДС. Всушност, моите обиди беа мал прилог со кој сакав да му укажам на раководството на мојата бивша партија каде најмногу грешат, од кои причини народот не им верува и каде ги губат изворните принципи и интереси на партијата. Но попусто, хронична болест на СДСМ е своите критичари веднаш да ги прозива како вмровци и да ги оддалечува од своите редови.
Поразот на социјалдемократите не е случајно пораз, изненадувачки настанат на денот на самите избори. Катастрофалниот резултат е епилог на долготрајната криза во определбите, автократското владеење од претпоследниот лидер, создавањето вештачки политички, судски и криминогени кризи од него. Сепак, едни од клучните фактори се оддалечувањето на партијата од историските аспекти на националното прашање на македонскиот народ, бегањето од патриотизмот како од ерес, потценувањето на укажувањата од граѓаните и погрешната процена на нивните емоции.
Според моето длабоко убедување, 25 ноември 2020 е денот Д, историската пресвртница кога почна незапирливиот пад на партијата во очите на македонската јавност. Тоа е денот кога Зоран Заев, тогашниот претседател на Владата и на партијата, го објави телевизиското интервју за бугарската агенција БГНЕС, во кое соопшти дека Република Македонија испратила документ до Бугарија дека немаме територијални претензии, нема да се мешаме во внатрешните работи и немаме побарувања за малцинствата.
Интервју на Заев што ја упропасти партијата
Ќе цитирам делови од интервјуто за да биде појасно: „Немаме споделена историја. Имаме заедничка историја. Гоце Делчев е и македонски и бугарски револуционер, кој се борел за слободата на Македонија и Одринско. Наследивме време што не беше во прилог на пријателството меѓу нас. Југославија нѐ подели. Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да ја градиме иднината. Треба да создадеме позитивна атмосфера за младите да го користат ова минато како отскочна штица за подобра иднина во наредниот период. Бугарија не е фашистичка земја, Бугарија е наш пријател. Новите генерации не ја знаат целата оваа реалност и таа мора да нѐ обедини. И во Северна Македонија и во Бугарија ова влијае на луѓето на многу погрешен начин. Ако некој си дозволи да ја оцрни Бугарија со ПР-публикации низ светот, ќе преземе одговорност. Тоа нема да го дозволам“, изјави Зоран Заев.
Ако во 2001-та се случи воен бунт на Албанците преку ОНА (УЧК), во ноември 2020-та претседателот на Владата на Македонија го објави официјално почетокот на внатрешната антимакедонска борба, го промовира меѓумакедонскиот мирнодопски конфликт, ја изложи платформата за растурање на Македонија. Ја прогласи за погрешна македонската историја, сметајќи ја за вештачка и насилно напишана, ги поништи сите позитивни текови, ги подведе под сомнеж јазикот, писмото и целото културно наследство на македонскиот народ. Низ тие елементи очигледни беа бришењето на Народноослободителната борба и укинувањето на начелата на асномска Македонија, темели на кои почиваа слободата, рамноправноста, самостојноста и сувереноста на државата.
Истовремено го промовира правото на Бугарија и на Грција да вршат политичка, културолошка, образовна и секаква друга агресија врз Македонија и Македонците, им остави отворена врата за влез на сите странични сили што не гледаат со симпатични очи кон македонската држава.
Несреќата со Заевите наследници
Ако болеше Спогодбата за името со Грција, ако беше речиси совладан Договорот за пријателство со Бугарија, спомнатото интервју беше бомбата што експлодира посилно од тие два официјални документа. Од шрапнелите од таа бомба Република Македонија е поткопувана држава, разорувана однадвор и однатре. По тоа интервју произлегоа протоколите со Бугарија, таканаречениот француски предлог, насилничките, непристојни обиди за промена на Уставот и големата поделба меѓу Македонците.
Несреќата е што и наследниците на Заев, наместо да се извинат, влегоа во неговата смислена стапица, останаа заробени во францускиот записник, гугајќи во кафезот обидувајќи се да ги одбранат уставните амандмани иако тврдеа дека сите тие барања, документи и списи се на штета на сопствениот народ.
Нивните настојувања за отворање на патот за приближување кон членството во Европската Унија се истопија пред ставот на мнозинството граѓани на Македонија, кои својот револт од таквите политики масовно го изразија на последните собраниски избори и го доведоа СДСМ на работ, на чекор до уништување и исчезнување. Во име на небулозните европски ветувања, СДСМ застана против мислењето на над 70 отсто од јавното мислење, став што ниту беше логичен ниту корисен. Ништо од Европа, ништо од СДСМ.
ДУИ го уби СДСМ
Она што изгледаше идеално на крајот излезе фатално. Страсната повеќегодишна врска меѓу СДСМ и ДУИ заврши катастрофално. ДУИ го убиваше СДС, секојдневно и постојано. Албанската партија му имаше дадено улога на статист во политичкиот живот, го потисна на маргините на решавање на клучните македонски државни и национални прашања. ДУИ преку своето грубо, арогантно, нападно и не баш толерантно однесување му истопи илјадници гласа на СДСМ. Гласачите не ги заборавија ората, родендените, цигарите и играњето фудбал во канцелариите, манифестации видливо вперени „за инает на Македонците“.
Македонските владејачки претставници во Владата и во Собранието, членови на СДСМ и на неговата коалиција, станаа политичко малцинство немоќно да ги реши ниту основните проблеми во односите со соседите и во односите со меѓународната заедница. ДУИ ја преземаше иницијативата, СДСМ ја умртвуваше националната енергија на Македонците и придонесе да се стекне впечаток дека работи за туѓи интереси.
Форсирањето на доктрината „едно општество за сите“ Македонците го сфаќаа и примаа како ширење на сите други заедници, особено на албанската, а стеснување на македонските општи права, кадровски можности и пристап до државните институции. Балансерот, масовните вработувања на неквалификувани кадри, внесе метеж во административната апаратура, предизвикувајќи гнев во одредени средини, недоволно упатени во сензитивноста на меѓунационалните односи.
Ако хипотетички се поставува прашањето дали СДСМ имаше корист или штета од коалицирањето со ДУИ, ако се разгледаат повеќе параметри, може да се дојде до заклучок дека имаше корист за Владата, немаше за партијата. Нивната вештачки одржуваната коалиција ја спасуваше Владата преку минималното просто мнозинство, но ја парализираше државата. Владата беше спасена до избори, но и тоа одложување на изборите придонесе за срамниот пораз на двете партии, посебно на Социјалдемократскиот сојуз.
Пораз од 78 отсто
Два социјални удара минатата година развија комплетно непријатна и неповолна клима за Владата и партијата. Цела Македонија крена глас на бунт и незадоволство во март лани, кога Уставниот суд донесе одлука да се укинат два члена од Законот за функционерските плати, со што тие беа покачени за 78 отсто. На тој список се најдоа министрите и нивните заменици, собраниските пратеници, директори и нивни заменици, судии и сите други избрани функционери. Колкав што беше шокот од тоа вртоглаво зголемување толкава беше потресеноста од измамите што следуваа од страна на функционерите.
Речиси сите од ред, вклучувајќи го и претседателот на државата, лицемерно изјавуваа дека тоа ќе се исправи, беа спомнувани некакви намалени коефициенти, некои дури изјавуваа дека платите нема да ги примат или ќе ја донираат разликата меѓу старата и новата плата. Ништо од тој филм не видоа граѓаните. Лагата остана да живее, се чекаше само граѓанската одмазда, која стигна на изборите.
Од СДСМ не сфатија дека одлуката на Уставен доаѓа во многу лошо време, кога Владата одбиваше да покачи плати во јавниот сектор, кога како на лента се менуваа штрајкови и други изрази на граѓанско социјално незадоволство. Укажувањата дека таквата постапка не е фер, дури е и безобразна, не допираа до дебелата функционерска кожа. Незадоволни беа административци, доктори, културни работници, полицајци, војници. Бројката од 78 отсто на зголемените плати е еквивалент на процентот пратеници што ги загубија социјалдемократите и нивните коалициски изборни партнери. Слободно може да се рече дека со таа разлика СДСМ е дотолчен и себепонижен.
Власта во удобни фотелји, пензионерите на улица
Вториот социјален удар по носот на голем дел од граѓаните беше зададен со инаетот на Владата разумно и смирено да разговара за зголемување на износот на пензиите. Попусти беа пензионерските протести, попусти беа барањата за линеарно зголемување. Упорно и арогантно одбиваше Министерството за труд и социјала и се правдаше со некакви буџетски математики без да се има предвид реалноста. А реалноста се совпадна токму со зголемувањето од 78 отсто, што му даде дополнителна доза на пензионерското незадоволство. И во време кога беше раширено мислењето дека повеќе пари се крадат отколку што би бил пензионерскиот износ, дека во приватни џебови оди половина годишен буџет.
Се покажа на видело дека сит на гладен не му верува, додека власта измислуваше триста причини да заведе и превесла над 300 илјади пензионери, многумина од нив со нетрпение го чекаа денот да го добијат гласачкото ливче и да му кажат збогум на СДСМ.
Не е новост партијата да има лошо искуство со пензионерите. Првпат тоа се случи во 1998 година, во изборната година, кога владата предводена од Бранко Црвенковски ги намали пензиите за осум отсто, со образложение да се зачува ликвидноста на буџетот. Буџетот се зачува, СДСМ не се зачува, изгуби убедливо, не доби гласови дури и од своите дотогашни верни приврзаници и гласачи. И овој пат империјата на пензионерите го врати ударот.
Ги наведов, според мене, трите главни причини за дебаклот на СДСМ на собраниските избори во 2024-та. Некој друг новинар, коментатор или аналитичар сигурно има други поинакви анализи, различни од моите. Сигурно дека и јас можев да ги наведувам аферите со тендерите, непочитувањето на законите, беззаконието, криминалот, корупцијата, состојбите во економијата, во здравството, во образованието, состојби за кои се пишува безмалку секој ден.