Вистински лидери се оние што имаат јасна визија кога станува збор за интересите на државата, кои ќе ги имаат предвид сите позитивни, но и негативни последици од некаковси договор што се склучува во името на нацијата и државата. Никогаш го немавме (но си го дозволивме), а сега уште помалку го имаме луксузот неодговорни за сопствениот национален идентитет и државен суверенитет да тргнеме во авантура за сопствената иднина, распродавајќи ги минатото и сегашноста, без процена на реалните (гео)политички состојби наспроти националните приоритети и вредности, со кои не се тргува
Беше прашање на време кога на сцената на билатералните односи на Македонија со соседите ќе се појават и отворат сите (промислено) вградени стапици за нашата држава и нација во асиметричниот Преспански договор. Аргументирајќи со членството во НАТО и молчеливоста на Грција, откако Франција и Бугарија ја презедоа „штафетата“ со вето, со која го блокираа напредокот на Македонија кон ЕУ, потписниците, поддржувачите и спроведувачите на Преспанскиот договор во земјава уверуваа дека „целосно се анестезирани опструктивните грчки политики кон Македонија и Македонците“ и дека „намерите и целите на овој договор се за доброто на Македонија“, иако и тогаш и сега е ноторен факт дека Договорот од Нивици е целосна негација на принципите на меѓународното право. И покрај зачестените „граматички логични“ прекршувања на Преспанскиот договор со „северизирање“ на македонскиот национален идентитет од претставниците на меѓународната заедница, ретко (речиси никогаш) официјалната македонска (надворешна) политика реагираше да им укаже да неправилното „подразбирање“ на одредбите од документот што на Македонија ѝ беше наметнат, контроверзно, неправедно и нелегитимно. Сите погазувања на принципите на меѓународното право, на основните вредности на кои се поставени меѓународните организации и демократскиот свет, кога стануваше збор за билатералните договори со тежина на непринципиелни уцени за Македонија, беа оправдувани со „потребите на реалполитиката“.
Креативноста на ЕУ-лидерите (Макрон) во изговорите веќе сѐ почесто оди во насока дека „Европа може да умре“ ако се придржува до веродостојноста на своите ветувања и принципите на демократијата, според кои сака да ги „превоспита“ земјите кандидати, особено Македонија. (?!)
Ерупцијата на вистинските грчки намери со Преспанскиот договор се случи во истиот миг кога претставниците на новоизбраните македонски власти (по изборите на 8 мај годинава) покажаа јасни намери за самопочит кон сопствениот македонски национален идентитет и задржување на правото на слобода на изразување. Оттогаш, грчките политичари гласно и отворено, секојдневно, без задршка повторуваат дека намерата на Преспанскиот договор (била) е да создаде нов идентитет на нацијата во Македонија, која тие ја нарекуваат секако – само не Македонци. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис категорично бара од Македонија и новите македонски власти да се придржуваат и да го спроведуваат Преспанскиот договор, иако тој нема намера да ги поднесе за ратификација во грчкиот парламент трите меморандуми (главно за соработка и поддршка на македонските евроинтеграции) што како минимална обврска за некаков привид на реципроцитет во договорот ѝ се поставени на Грција. Мицотакис дури не се ни воздржува да признае дека нема да ги поднесе за ратификација меморандумите, зашто не му се допаѓа што со нив „ќе им даде националност и јазик на соседите“. Навидум контрадикторно и ирационално, но аргументите за ратификација на меморандумите во грчкиот парламент од потписникот на Преспанскиот договор (кој вели и дека е негов креатор), Никос Коѕијас, се дека токму со него, „со еден договор успеал да избрише една држава и еден народ со целата негова историја, традиција, култура и вредности“. Политичката спротивставеност во Грција околу Преспанскиот договор е во процената дали со него е успешно избришан македонскиот национален идентитет или не, но никако не постојат разлики во размислувањето за целисходноста и намерите на договорот – дека тоа треба да се случи, да се креира нов идентитет во Македонија, просторно (територијално) и временски (историски) ограничен. Асиметријата на самиот договор е (о)смислено направена да ги реализира таквите грчки намери.
Политичката спротивставеност во Грција околу Преспанскиот договор е во процената дали со него е успешно избришан македонскиот национален идентитет или не, но никако не постојат разлики во размислувањето за целисходноста и намерите на договорот – дека тоа треба да се случи, да се креира нов идентитет во Македонија, просторно (територијално) и временски (историски) ограничен. Асиметријата на самиот договор е (о)смислено направена да ги реализира таквите грчки намери
Од македонска страна досега беше изразена практично целосна кооперативност во спроведувањето на асиметријата на договорот, направена во грчки интерес. Преспанскиот договор, на законски контроверзен начин, без легитимитет од македонските граѓани, кои не го поддржаа референдумот за негово прифаќање, беше имплементиран во Уставот. Во голема мера цинично, сега дури и грчкиот премиер ги повикува новите македонски власти да се придржуваат до македонскиот устав, прекроен според „шнитот“ на Преспанскиот договор. Од самиот почеток на реализацијата на идејата за Преспанскиот договор, на македонските граѓани, интелектуалната и научната јавност, на тогашната политичка опозиција… им беше јасно дека тој никако не е ниту во интерес на државата ниту ги афирмира македонските национални интереси. Денес (навистина и претходно) сите се согласуваат дека соседските договори (Преспанскиот и оној со Бугарија) се асиметрични, со таа разлика што оние што сѐ уште ги поддржуваат веруваат (или барем така велат) дека со таа асиметрија ќе ги надитриме Грците и Бугарите и „експресно“ ќе влеземе во ЕУ. По сите искуства на изневерени ветувања од ЕУ, уцени и неаргументирана каприциозност на соседите, најлегитимното прашање во македонската сегашност е – смее ли Македонија да си дозволи и понатаму таква наивност. Незначително е тоа што денес сите се согласуваат дека договорите се асиметрични, туку се покажува дека на таквите согледувања навремено требало да им се пристапи со сериозност од политичките лидери. Вистински лидери се оние што имаат јасна визија кога станува збор за интересите на државата, кои ќе ги имаат предвид сите позитивни, но и негативни последици од некој договор. И пред шест години беше неприфатливо и несоодветно што од македонска страна процесите околу Преспанскиот договор ги водеа два-тројца луѓе (речиси во тајност), додека на грчка страна работеше тим од четириесетина луѓе, сите стручни во својата област. Грците точно знаеја што добиваат, а што губат и затоа сега со сите сили го бранат Преспанскиот договор како обврска за Македонија, но не и за нив. Со сите неправди што ѝ се случија на Македонија со Преспанскиот договор, а во име на ЕУ, со сите изневерени ветувања за евроинтеграциите, уште поголема е одговорноста на политичките лидери да дејствуваат со визија и да се предвидат сите работи што можат да предизвикаат одредени потези, но пред сѐ со најголема одговорност спрема македонскиот национален интерес. Никогаш го немавме (но си го дозволивме), а сега уште помалку го имаме луксузот неодговорни за сопствениот национален идентитет и државен суверенитет да тргнеме во авантура за сопствената иднина, распродавајќи ги минатото и сегашноста, без процена на реалните (гео)политички состојби наспроти националните приоритети и вредности, со кои не се тргува.