Французите покажуваат висока почит кон секој автор, а нивната љубезност и префинетост освојуваат. Овде за уметноста се зборува секогаш и секаде, споделува Билјана Билбилоска, која е на резиденцијален престој во Париз
Билјана Билбилоска, уметница
Изложба на слики „Андрпеинтинг“ од Билјана Билбилоска е отворена во резиденцијалниот комплекс „Меѓународен град на уметностите“ во Париз. Таа ќе се претстави со дела изработени во акрилна техника.
Главниот белег на оваа изложба е насочен кон истражувањето на палетата бои на Леонардо да Винчи, на неговите три капитални дела во „Лувр“, како и истражување на неговата специфична техника на работа, универзално позната како андрпеинтинг, или сликање во неколку слоја боја, при што главниот хроматски призвук е диктиран од првото обоено ниво.
Билјана Билбилоска изминатите неколку седмици престојува во познатата куќа на уметниците во Париз, во квартот Лу Маре (Le Marais).
Проектот е поддржан од Министерството за култура.
Како се поттикна, како се создаде „Андрпеинтинг“?
– Мојата изложба се случи во резиденцијалниот комплекс „Cité Internationale des Arts“ во Париз, познат како Меѓународниот град на уметностите, кој се состои од две локации, едната е во Маре, каде што престојувам, а другата на Монмартр.
Овој проект беше поддржан од Министерството за култура, од каде што и почна приказната. Едноставно се пријавив на конкурсот за оваа година. Изложбата носи категорија на отворено студио, што конкретно објаснува дека делата се изложуваат во самото студио каде што се работени и тоа претставува многу интересен концепт, затоа што авторот не носи обврска да ги заврши делата до отворањето на изложбата, туку остава простор, преку интензивните дискусии на поставената тема, кои вообичаено се одвиваат на самото отворање на изложбата, помеѓу другите автори резиденти и публиката – да ги доврши откако дискусијата ќе се разгледа од сите аспекти и, што е најважно, да ги примени новите заклучоци во пракса.
Како се случи моментот Вашите акрилни слики да бидат изложени пред париската публика?
– Откако авторот ќе го добие престојот во оваа резиденција и ќе почне со работа, тамошните куратори контактираат со него и му предлагаат термин за изложба, таканаречен „spot“. Секоја среда од 18 до 21 часот се одвиваат изложбите на пријавените резиденти. Така се случи и мојата изложба. Да појасниме, во „Меѓународниот град на уметностите“ престојуваат уметници од сите можни пракси, но најмногубројни се музичарите, па оттаму, секоја среда, париската публика има можност да присуствува на изложба, концерт, филмска проекција, театарска претстава итн.
Главниот белег на оваа изложба е насочен кон истражувањето на палетата бои на Леонардо да Винчи… Што особено Ви е инспиративно од неговото творештво?
– Изложбата ја подготвував два месеца. Изминатиот период ја истражував палетата бои на Леонардо да Винчи, како и неговата сликарска техника позната како андрпеинтинг, која се обидов да ја применам во конкретни слики. Техниката подразбира сликање во слоеви, при што првиот слој боја и хроматската доминантна што ја носи ја афектира самата површина на сликата од вториот слој. Се работи за еден вид колор-филтер, кој претставува предизвик да се долови во една мануелна и аналогна форма, без користење технологии.
Какви впечатоци собравте од Париз, од изложбата, од импресиите на публиката…?
– Париз е град што е жив 24 часа, но по природа не е брз и напорен како многуте светски метрополи. Изобилува со многубројни настани од областа на културата, кои ги има буквално на секој чекор. Овде се случува да тргнете до продавница по основни продукти, а попатно да посетите три изложби и најмалку една промоција на книга.
Во овој период се случува интензивен тренд на изложби на оптичка уметност (optical art) со нагласено влијание од американската популарна уметност (поп-арт).
Пријатно ме изненади високиот интерес на париската публика да посетува изложби. Речиси не постои човек што одбива покана за изложба. Но она што најмногу ме израдува е љубопитноста кај посетителите да дознаат сè што е поврзано со изложените дела, а нивниот искрен интерес секогаш продолжува со заемна долга и длабока анализа на изложените дела, по која се чувствував полна со ентузијазам. Французите покажуваат висока почит кон секој автор, а нивната љубезност и префинетост освојуваат. Овде за уметноста се зборува секогаш и секаде, а особено на приватните забави и коктели, каде што се неизбежни пријатните и долги дискусии за уметноста и книжевноста, и каде што интимните концерти на квалитетна музика се редовна завршница на таквите вечери.
Сместена сте во познатата куќа на уметниците во Париз, во квартот Лу Маре. Како го опишувате сето ова доживување?
– Во резиденцијата „Меѓународен град на уметностите“ престојуваат автори од целиот свет. Сместена во самиот центар на градот, на 15 минути одење пешки од „Лувр“ и од музејот „Пикасо“, и веднаш зад „Нотр Дам“, навистина претставува резиденција од соништата. Секојдневието овде е исполнето со многу голем број активности, разменување мислења, соработки, дружења… Ова е добар начин авторот да се соочи со себе преку праксите на другите резиденти, да ги примени новите влијанија, да отвори нови творечки хоризонти и добар дел да понесе со себе во неговотo идно творештво.