Наметнувањето на ставот за „неменливост на договорите и неменливост на преговарачката рамка дадена од страна на ЕУ“, на мошне перфиден начин врз Македонија наложува и методи за уцена и експлоатација, какви што се практикуваат (и денес) во африканските (некогаш колонијални) земји. Иако навидум неспоредливо, но бездруго сосема е легитимна паралелата направена меѓу нас и реалноста во африканската држава Сенегал. Македонија (не) е Сенегал, колку што Сенегал (не) е Македонија. Но одлучноста на народот (нацијата) за репреговарање на договорите што се направени на штета на националниот интерес, на штета на граѓаните и на државата (од страна на некои поединци што биле носители на јавна власт), е обврска на секоја демократски избрана власт, да влезе во ревизија (или целосно отфрлање) на меѓународните договори во кои се дијагностицирани длабоки пропусти со „афтертејст на велепредавство“
Денеска веќе сѐ е појасно! Или сепак – не? Ако по завршувањето на парламентарните избори, сега можеби започнуваат партиските преговори и заплети за составот на Владата, за претседателските избори е извесно – Македонија да добие претседател со цел петгодишен мандат. Очекувањата на тие што ги гласале, секако, се исполнување на предизборните ветувања! Но и тие што не гласале на парламентарните и претседателски избори во Македонија, исто така имаат очекувања од новите избрани авторитети.
Пред одржувањето на вториот круг претседателски избори, заедно со парламентарните, портпаролката на Европската комисија за соседска политика и проширување, Ана Писонеро, ги искажа очекувањата на ЕУ, дека „Европската Унија верува дека сите политички сили во Македонија ќе го поддржат напредокот на земјата на европскиот пат“. Потенцирајќи дека Европската Унија внимателно го следи процесот на претседателските и парламентарните избори, Писонеро нагласи дека Европскиот совет во своите заклучоци даде јасни индиции за неговите очекувања од земјата, потсетувајќи децидно дека „Македонија се обврза да го измени Уставот“.
„Обврската“ за која говори портпаролката на Европската комисија за соседска политика и проширување е наведена во т.н. француски предлог на преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, како услов за отворање на поглавјата во преговарачкиот процес, но всушност не е изгласана од претходниот парламентарен состав. Реалната позиција на таа предложена преговарачка рамка е дека не е прифатена како обврска од највисокиот законодавен дом на државата, а измените на Уставот што се бараат за отворање на поглавјата во преговорите и понатаму имаат тежина на непринципиелна уцена, спротивна на самите Копенхашки критериуми на ЕУ за проширување. Позицијата од која се настојува на Македонија, односно на новоизбраната власт, да ѝ се наметне „обврската за менување на Уставот“ се аргументира главно со некаква „светост“ на меѓународните (билатерално-соседски) договори, вградени во предлог-преговарачката рамка. Инаку, и самото поставување билатерални договори во преговарачка рамка на ЕУ за една земја кандидат како Македонија е контроверзен преседан, непознат во искуствата од преговарачките процеси на сите сегашни земји членки. За апсурдноста да биде „целосна“, така конструираната преговарачка рамка, надвор од досегашните стандарди на ЕУ, на македонската јавност од претставниците на меѓународната заедница ѝ се претставува како „неменлива“, иако истовремено „во од“ се менуваат преговарачките рамки, а и критериумите на Унијата, за други земји кандидати. Некои дури добија статус на започнати преговори и без преговарачка рамка.
Наметнувањето на „аргументот за неменливост“ на договорите и преговарачката рамка од страна на ЕУ, на мошне перфиден начин врз Македонија наложува методи за уцена и експлоатација што се практикуваат во африканските (некогаш колонијални) земји. Иако навидум неспоредлива, сосема идентична е паралелата со една реалност во африканската држава Сенегал. Имено, новоизбраниот претседател на Сенегал, Басиру Диомаје Фаје, презеде чекори за да го спроведе својот план за повторно преговарање за рударските договори со западните компании. За време на својата претседателска кампања, тој вети дека ќе го реши прашањето за договорите за рударство и риболов. По неговата инаугурација на 2 април, претседателот Фаје објави дека неговата администрација има намера „да спроведе ревизија на секторите за нафта, гас и рударство“. Тој нагласи дека „експлоатацијата на природните ресурси, кои уставно му припаѓаат на народот, ќе добие особено внимание од неговата влада“. Ваквите намери на Фаје веднаш предизвикаа реакции на загриженост од австралиската компанија „Вудсајд енерџи“, која работи во нафтено поле Сангомар во централнозападен Сенегал, во соработка со „Петросен“, па ја повика сенегалската влада „да ја почитува светоста на договорот“.
Сенегалскиот претседател на тоа одговори дека „правата на инвеститорите ќе бидат заштитени, но и интересите на државата и на Сенегалецот!“ Според претседателот Фаје, за жал, повеќето од рударските договори потпишани меѓу африканските земји и западните компании „обично им даваат приоритет на правата на инвеститорите над интересите на народот, што не треба да биде така – затоа што, ресурсите сепак му припаѓаат на народот, а не на инвеститорите!“
Навидум далечната паралела меѓу Македонија и Сенегал „има заеднички именител“ во националниот интерес, во интересот на народот, на граѓаните на државата. Ресурсите на државата му припаѓаат на народот, но и правото на самоопределување, самоименување и суверенитетот над сопствената држава му припаѓаат на народот во демократијата каква што сите ја разбираме.
Предизвикот на преговарачката рамка, т.н. француски предлог, е во тоа што е неправеден за Македонија и Македонците, од кои се бара во текот на преговарачкиот процес да го редефинираат својот национален идентитет, историја, јазик…, под контрола и надзор (преку невообичаени протоколи во рамката) на соседна Бугарија. Еднонасочниот притисок (фактички на ЕУ) кон Македонија за внесување на Бугарите во македонскиот устав, додека официјална Софија со низа документи испратени до ЕУ официјално го оспорува македонското постоење, е флагрантно поништување на меѓународното право, на Универзалната декларација на човековите права на ОН, на принципот „јус когенс“ – перемторни (обичајни) норми, правила и принципи, посилни од диспозитивното, т.е. пишаното право, вклучувајќи ги и нормите содржани во уставите на државите, меѓународните договори и конвенциите. Едноставно, овие норми и принципи, за кои Македонија се принудува „доброволно да се откаже“ со билатерални договори вградени во преговарачката рамка на ЕУ – не се подложни на дерогирање.
Македонија (не) е Сенегал, колку што Сенегал (не) е Македонија. Но одлучноста за репреговарање на договорите што се на штета на националниот интерес, на штета на граѓаните и на државата, е обврска на секоја демократски избрана извршна власт. Националниот интерес е секогаш пред „светоста“ на нечесните и неправедни меѓународни договори, кои токму поради нечесноста и неправедноста се неприфатливи. Македонија заслужува чесна и праведна преговарачка рамка со ЕУ и тоа е најважниот меѓународен предизвик со кој треба да се зафати новоизбраната власт!