Масмедиумската симулација што секојдневно забрзано ја празни стварноста, особено нашата македонска, со информативно-репродукциски содржини, остави неверојатно голем празен простор во етерот. Неколку години странските играни серии и ентертејмент се продукции што го пополнуваат тој испразнет од содржина дел на медиумски обзор.
Според некои „медиумски авторитети“, силната наклонетост на гледалиштето кон овој продукциски повеќе од коректен програмски импорт е толкувана на различен начин, за жал честопати негативен.
Ако во минатото од турската кинематографија сме навикнале да очекуваме интересни, социјални пресеци, емигрантски сурови приказни, копродукции со силен етнобелег, филмови што освојуваа фестивалски престижни награди, признанија, кон крајот на минатиот век и на почетокот на овој, во турската кинематографија тоа силно се менува. Филмските и телевизиските продукции брзо ги капираат потенцијалот и интересот на гледалиштето за сопствена продукција, огледало и пресек на една епоха што ја обележила цивилизацијата со својот грандиозен опсег. Турските серии на раскошен начин прераскажуваат делoви од богатата и фасцинантна отоманска историја, но и приказни од секојдневието и современото живеење.
Според анализите, турските серии низ светот ги следи 350-милионско гледалиште. По американските и англиските продукции, тие се трети по гледаност во светот.
Да, тоа се сериите што го освоија и пленат гледалиштето последниве дваесетина години низ светот. Продукции, серии што на еден раскошен начин прераскажуваат дел од богатата и фасцинантна отоманска историја, која е сочувана во турските тефтери и архиви, во поново време и со приказни од современото живеење. По повод овој ненадеен медиумски пробив, се појавија анализи и коментари во „Вашингтон пост“ и други угледни весници и списанија низ светот. Со голем број анализи се огласија социолози, естетичари, па и политички аналитичари, кои во турските серии детектираа и препознаа скриена политичка агенда. На темата се огласи и контроверзниот и харизматичен турски лидер Ердоган, кој иако не се согласува со многу од прикажаното и покажаното, нема ништо против овој забревтан турски продукциски Балкан експрес. Сето наведено и уште долга низа асоцијации и дискурси се палета од реакции и доживувања, иако станува збор за фикција создадена врз историски факти и современост, што, се разбира, е во духот на жанрот според потребите на драмскиот тек, и можат слободно да се интерпретираат, идеализираат, дотеруваат…
Пред неколку години во Скопје дојде комплетна телевизиска екипа со силна современа техника во рамките на својот регионален информативен циклус насловен „Балкан експрес“ и реализира програма директно од нашиот главен град. Тој забревтан медиумски воз протатни и низ Софија, Тирана, Букурешт, Приштина и на еден елегантен драматуршки концепт виртуелно обедини и покажа содржини од целиот Балкан, места, споменици, артефакти од славното отоманско минато.
Убав пример на презентација на сопственото минато, сегашност, иднина, токму во време кога главните битки се водат во етерот и кога секој се обидува да изгради „концесија на небото“, што е цел и елементарна стратегија на секоја сериозна држава. Она што не минало низ медиумскиот продукциски хоризонт – не постои, тврдат и упорно нѐ потсетуваат теоретичарите. Во Скопје дојде и многубројна филмска екипа и ја реализира и веќе прикажа серијата насловена „Балканска приказна“.
Што ни се виновни Турците што ние сме биле петстотини години под нивно ропство, иронизира во свој стил мојот кумашин Братислав Димитров, драматург и познат колумнист, во маалската дебата што ја водиме по повод „смешна и неумесна“ изјава на министер за информатичко општество за виртуелното продолжување на петвековното турско ропство пред десетина години. Амбициозни (крвожедни) журналисти ја потфатија „несоодветната“ изјава и ја раширија темата до усвитеност. Потврда дека работата е сериозна и допре и во меѓународните односи е и изјавата на премиерот, кој оваа вербална несмасност ја прогласи за несоодветна и додаде: „Македонија има одлични пријателски односи со Турција. Турција е наш голем поддржувач, генерално и во меѓународните односи и во секаква смисла. Изјавата на министерот за информатичко општество и администрација е вадење од контекст, во смисла дека турските серии ќе бидат забранети. Никогаш не сме помислиле да забрануваме чии било серии и од која било држава да се тие“.
И покрај целата оваа мешаница, која ги допре и меѓународните односи, едно е сигурно, полека созрева свеста за деликатноста и важноста на домашната продукција во медиумското живеење. Се отвори тема што во извесна смисла е во доменот на идентитетските прашања.
А што се однесува на меѓународните односи, едно мало потсетување. На 14 април 1969 година, со воведувањето на првата информативна емисија на турски јазик на ТВ Скопје, првпат во етерот (редовно) се емитуваа вестите на турски јазик. Некоја година подоцна првпат токму на тогашната Македонска телевизија беше емитувана програма во боја на турски јазик. Така било тоа во минатото и можеби уште една од причините зошто македонското гледалиште ги сака турските серии, освен блискиот менталитет, традиција, навики.
Но да се вратиме на темата. Турците воопшто не се виновни што во македонскиот етер долго време нема сопствена играна продукција. Одвреме-навреме ќе се појави понекое репризно емитување на наслови како „Волшебното самарче“, „Наши години“, „Итар Пејо“ или култниот серијал во четири продолженија „Илинден“, колку да нѐ потсети за силата на домашната играна продукција. За снимањето на таа серија се носеа топови од Мостар, коњи и каскадери од Пула, костими од „Јадран филм“ од Загреб се вткаени во клучните масовни сцени на пресметка со Турците во Илинденското востание, на Мечкин Камен, во Крушево, Битола. Тоа се параметри што познавачите на филмската и телевизиската продукција знаат колку чинат, како и напорот и продукциската кондиција што се потребни за да се произведе. За волја на вистината, и тие филмски битки со Турците главно ги губевме…
А што се однесува на стравот од религиска и културна индоктринација, исламизација…, еве еден интересен пример од минатото. Црногорската радио-телевизија била обвинувана дека повремено на својата фреквенција вклучува одредени италијански ТВ-канали. На тоа се огласил претставник во сојузното собрание: „Ние во Црна Гора, не повремено, туку редовно дваесет години гледаме италијански програми. И не грижете се, ниеден Црногорец не станал католик“!
Со сопствена програма се штити етерот во медиумските напредни средини, „битка“ што се одвива од самиот почеток на појавата на телевизијата, тој моќен прозорец кон светот, продолжена реалност, зона во која секојдневно се движиме, механизам и извор што секојдневно го храни нашето спознание со онтолошката плуралност.
И за крај ќе цитирам дел од напис на почитуваниот колумнист Димитар Мирчев: „Ако пак тоа што му го нуди на регионот е мир во земјата, регионот и во светот, развој инвестиции трговија, ТВ-сулејманизацијата, солзите и воздишките не се никаков проблем, туку само поттик да се зафатиме за работа и да создадеме и понекоја наша играна серија“.
Аљоша Симјановски