Македонските политичари немаат право духовно и културно да ја разнебитат Македонија – ни вчера, ни денес, а најмалку утре. „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“ (Марко 9:24). Неверие, дека тие што предадоа и продадоа сè што е македонско, се тука и бараат наша поддршка. Од оружјето за борба против денешниве бесрамни владејачки манипулатори и лажговци, против моќните светски угнетувачи и управители на нашите животи, против духовите на злобата, ние ги имаме само вистината и правдата за Македонија. Во „Понижени и навредени“, Достоевски ќе рече: „Ако сакате да бидете почитувани од страна на другите, првенствена работа е да се почитувате себеси – на тој начин, со самопочит, ќе ги принудите другите да ве почитуваат“. Ние ќе се почитуваме себеси само ако тие – одговорните за македонскиот културен геноцид, еднаш и засекогаш заминат во политичка историја
Од оружјето Божјо за борба „против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефесјаните 6:11-12) – оружјето што се состои од појасот на вистината, оклопот на правдата, штитот на верата, шлемот на спасението и духовниот меч (Ефесјаните 6:14-17), во денешниов есеј ќе ги користам вистината и правдата (или праведноста). Во македонскиот превод на Библијата се користи зборот правда, додека во англискиот зборот праведност (righteousness).
Сите индоевропски јазици потекнуваат од еден праисториски јазик, лингвистички реконструиран како праиндоевропски, што се зборувал некаде во неолитот до раната бронзена доба. Во словенската група јазици зборот вистина потекнува од прасловенскиот корен *jьstina (од *jistъ). Зборот вистина тука не значи „верен, доверлив“, туку „во согласност со фактите“, спротивен на лагата. Праиндоевропскиот корен *wērə-o- значи „вистински, доверлив“. Хипотетички извор за неговото постоење обезбедуваат зборовите: латинскиот vērus (вистина), старословенскиот вера вѣра (вера) и староанглискиот wær (цврст). Во германската група јазици зборот вистина потекнува од коренот deru (или dreu) што значи „да се биде цврст, цврст, непоколеблив“, а негови деривати ги вклучуваат, ќе наведам само неколку примери, зборовите: дрво, вистина, доверба (tree, true, trust). Така зборот вистина – сообразност со фактите или со реалноста: вистина е тоа што е, се поврзува, во пошироко значење, со поимите вера, постојаност, исправност, лојалност, доверба, па оттука, вистината првично е морален концепт. Интересно, повеќето индоевропски јазици немаат изворен глагол за „зборувај вистината“, што е различно од лага и лаже.
Слично, зборот правда, во словенската група јазици и во германската група јазици потекнува од различни праиндоевропски корени, што имаат слично значење. Во словенската група јазици зборот правда потекнува од коренот per што се однесува на предлози и морфеми пред глаголот, а кои со глаголот формираат блиска семантичка единица, чии основни значења се „право напред“ и „преку“, но вклучува широк опсег на други значења: „пред, рано, прв, главен, близу, околу“. Од коренот со суфикс *prō-wo преку старословенскиот збор pravŭ во словенските јазици се појавува зборот правда. Во германската група јазици зборот правда потекнува од коренот reg што значи „да се движите по права линија“, а неговите деривати значат „да се насочи во права линија, води, владее“. Од основна форма *reg преку коренот со суфикс *reg-to се добиени зборовите: точно, право, исправно (right, just, correct, straight).
Кусиот лингвистички вовед за вистината и правдата има цел, по можност, да нѐ воведе во реалниот свет на вистината и правдата. Правдата и вистината само навидум се слични концепти. Правдата, за разлика од вистината, има онтолошки карактер, односно ја рефлектира реалноста на начин значаен за поединецот, во согласност со неговите морални категории и во таква комплетност, што е неопходна за вистинско разбирање и убедување, таа да дејствува. Оттука, ако вистината одговара на објективната реалност, тогаш правдата одговара на духовната реалност, па затоа не случајно во Библијата ќе прочитате: „Вистината ќе изникне од земјата, а правдата ќе се појави од небото“ (Псалми 84:11).
Во „Браќа Карамазови“, сите надежи на Достоевски за исцелување на човекот и светот се поврзани со Аљоша, поточно тие се на страната на вистинската православна вера. Ако Бог е мртов или ако Бог е протеран од нашиот свет, се отвора нерешливиот проблем на највисокиот и легитимен авторитет, па затоа, без Бог сè е дозволено. Двете синтагми: „ако нема Бог, сè е дозволено“ – централна тема во многу дела на Достоевски и психоаналитичката интерпретација на Лакан „ако постои Бог, тогаш сè е дозволено“ се круцијални теми во делата на повеќе современи мислители. Пишувајќи го денешниов есеј мене ми се постави прашањето: Зошто на македонските политичари сè им дозволено: затоа што постои Бог или затоа што не постои Бог?
Во изминатите шест години (од 2018 година), вистината за Македонија не изникна од земјата – тие што требаше да зборуваат за вистината – македонските владејачи челници, вклучувајќи го и претседателот на Македонија, тие бесрамно лажеа и манипулираа – тоа повеќе личеше на гротеска, рушење на државните темели, отколку на државнички одлуки. Примерите за нивните бесрамни манипулации и лаги се толку бројни и општопознати што нема потреба повторно да се спомнуваат. Правдата не се појави од небото – правдата не дојде од ЕУ, токму договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка се најнеправедните документи што некогаш, со посредство на меѓународната заедница, воопшто биле предложени. Меѓутоа, за чудење и неверување, прифаќајќи ги нив, прифаќајќи ја неправдата, македонските политичари извршија убиство врз Македонија (засега само духовно и културно, но крајот – физичкото убиство е на дофат).
Трагедијата на Раскољников е во тоа што тој не може да се реши: ниту за Бога ниту против. „Тој нема вера, кога би имал вера, барем во сопствената теорија дека има право да убие, оти е виш човек, тој би ја избегнувал правдата, не би се предал, би избегал, верувајќи во својата идеја дека Бог не постои и дека се е дозволено“ (Трајче Стојанов). Затоа иследникот Порфириј му вели: „Не, нема да побегнете. Селанецот би избегал, би избегал и подмолниот секташ – лакејот на туѓите мисли […] А вие веќе не верувате ни во вашата теорија – значи со што ќе избегате?“ Нашите политичари не веруваат во тоа што го прават: не веруваат дека духовно и културно ја убиваат Македонија или дека имаат право духовно и културно да ја убијат Македонија. Напротив, тие се убедени во исправноста на своите одлуки, не разбирајќи или не сакајќи да разберат, а водени од некои беспредметни повисоки цели, што е тоа духовно и културно опстојување.
Македонските политичари немаат право духовно и културно да ја разнебитат Македонија – ни вчера, ни денес, а најмалку утре. „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“ (Марко 9:24). Неверие, дека тие што предадоа и продадоа сè што е македонско, се тука и бараат наша поддршка. Од оружјето за борба против денешниве бесрамни владејачки манипулатори и лажговци, против моќните светски угнетувачи и управители на нашите животи, против духовите на злобата, ние ги имаме само вистината и правдата за Македонија. Во „Понижени и навредени“, Достоевски ќе рече: „Ако сакате да бидете почитувани од страна на другите, првенствена работа е да се почитувате себеси – на тој начин, со самопочит, ќе ги принудите другите да ве почитуваат“. Ние ќе се почитуваме себеси само ако тие – одговорните за македонскиот културен геноцид, еднаш и засекогаш заминат во политичка историја.