Куртановиќ во конкуренција на помлади сениори беше европски првак во Кардиф (Велс) во 1993 година. Истата година беше прогласен и за најдобар спортист на Македонија. Во богатата кариера Куртановиќ беше европски студентски првак во 1995 година и учесник на три светски првенства

Елвир Куртановиќ (1)

Каратистите отсекогаш биле оние што носеле медали за нашата земја од големите приредби. Од времето кога почна да се развива овој спорт кај нас, а тоа беше периодот од втората половина на 60-тите години од минатиот век, почна да се создава една генерација што брзо навлезе во тајните на карате-вештините и почна да жнее успеси. За многумина ова беше големо изненадување, дури имаше и такви што се прашуваа „од каде, пак, сега, карате во Македонија“. Но, благодарение на големиот ентузијаст, професорот на Факултетот за физичка култура Атанас Кајчевски, заедно со Сејдо Теофиловски, беа удрени темелите на овој спорт.
Во интересирањето за каратето во почетокот се вклучија џудистите, зашто нивниот спорт всушност беше претходница на атрактивните источни спортови, кои од Азија почнаа да се пробиваат насекаде во светот, па така стигнаа и на европското тло. Салите од ден на ден беа сѐ пополни со млади момчиња и девојчиња што беа заинтересирани да се занимаваат со борбените вештини, што беше нешто ново меѓу многуте спортови што веќе егзистираа на нашите простори, а чиј развој беше особено забележителен во годините по Втората светска војна.
Во една ситуација кога имаше вистински наплив од млади спортисти, каратето почна да го отвора својот пат во вкупното спортско живеење во Македонија. И не само тоа туку најквалитетните каратисти од нашиве простори се најдоа и во составот на репрезентацијата на поранешна Југославија. Да се потсетиме на имињата на Димче Кичевски, Назим Куртовиќ и Луиза Гашева, кои во минатиот век беа вистински репрезенти на македонското карате. Секако, треба да се додадат уште имињата на каратистите што во еден пократок или подолг период постигнуваа врвни спортски резултати. Тука пред сѐ треба да се споменат Пашовски, Огненовски, Опеловски, Недев, Саздовски и уште неколкумина, кои во ерата на развојот на каратето, во втората половина од минатиот век, имаа голема заслуга овој спорт да стане омилен меѓу младите.

БЛЕСОК НА КУРТАНОВИЌ

Откако Македонија стана самостојна и независна држава, иако во новонастанатите услови беше тежок пробивот до европскиот и светскиот врв, сепак, поминувајќи низ многу премрежиња, македонските спортисти со несмален интензитет продолжуваа со своите активности и настојуваа да одржат чекор со најдобрите. Тоа беше карактеристично за сите спортови. Меѓутоа, во оваа пригода мора да споменам оти каратето беше спортот што ни го донесе и првиот медал од големите приредби. За сите нас што ги следиме состојбите во македонскиот спорт ќе остане незаборавна онаа 1993 година, кога во името на тогаш 21-годишниот Елвир Куртановиќ го добивме првиот европски шампион. Тој триумфира на ЕП во Кардиф (Велс) во конкуренција на помлади сениори, а да не биде осамен меѓу освојувачите на медали беа и Зоран Пејов, кој беше трет во истата конкуренција,и Ангел Георгиев, кој освои бронза во кадетска конкуренција. Овие резултати ја разгалија душата не само на љубителите на каратето, туку на сите вљубеници во спортот во првата година по прогласувањето на независноста на нашата држава.
– Тоа беа најубавите моменти во мојата кариера. Да се освои златен медал за својата држава на едно европско првенство беше голема работа. Радоста беше споделена со целата нација, а тоа ме правеше особено горд. Знаев оти тоа што го постигнав ги израдува сите, зашто тоа беше најава на еден нов почеток и етаблирање на Македонија како држава со големи амбиции на спортски план. Но, мора да кажам оти за она што како поединци го постигнавме во Кардиф голема заслуга имаше и тренерскиот тандем во состав Чедомир Саздовски и Живко Тасевски, првиот задолжен за настапите во борби, а вториот во кати. Без нивната стручна помош, тешко оти ќе дојдевме до овие резултати и медали – вели од оваа временска дистанца Елвир Куртановиќ.
Елвир Куртановиќ истата година во сите анкети што се спроведуваа од новинарите и од спортските асоцијации беше прогласен за најдобар спортист на Македонија. Сето ова беше едно финале на дотогаш сработеното. Но, да видиме како изгледаше спортскиот пат на Елвир Куртановиќ, почнувајќи од 1983 година, кога го имаше првиот контакт со каратето, кое подоцна ја исполнуваше неговата младост и му донесе многу радости.

ОХРАБРУВАЧКИ СТАРТ

Првиот допир со каратето Куртановиќ го имаше во спортската сала во Чаир, која во тоа време беше најпривлечниот и единствен затворен спортски објект во населбата. Таа едноставно беше собиралиште за младите, кои спортувајќи во неколкуте секции и клубови тука го минуваа слободното време.
– Во салата секогаш беше живо. Тука тренираа кошаркарите, одбојкарите, гимнастичарите, борачите, џудистите и каратистите. Навистина во овој објект имаше многу активности, а во него се одржуваа, како што е впрочем и сега, натпревари од републички карактер. Јас, како и сите мои врсници, уште од раното детство ќе навратев во салата да видам што се случува. Така беше сѐ до оној момент кога почнав и јас да спортувам. За мој спорт го одбрав каратето, кое беше во голем подем, зашто навистина многу ме привлекуваше. Некако кај мене се роди голема желба да го облечам кимоното и да излезам на татамите. Кога се случи тоа, веднаш почувствував оти сум го одбрал вистинскиот спорт. Почнав со секојдневни тренинзи во КК Цветан Димов, под будното око на тренерите Јован Лазаров и Бранко Радовановиќ. Од нив ги научив основните елементи во каратето, а подоцна под нивна контрола почнав да ги реализирам и посериозните тренинзи. Двајцата уште во почетокот забележаа оти во мене има скриен потенцијал, кој доколку се искористи, ќе може да постигнувам добри резултати. И навистина беше така. Нивната прогноза се оствари и јас по тригодишно усовршување и редовно тренирање, почнав да се појавувам на официјалните натпревари. Почетоците беа охрабрувачки. Уште во почетокот почнав да бележам добри резултати. Кога се случи тоа и кога веќе почнав да се искачувам на скалилата кон врвот, си реков: Елвир, веќе нема бегање, ова е спортот со кој сериозно ќе се занимаваш – вели Куртановиќ.

ПОЧЕТОК СО ВТОРО МЕСТО МЕЃУ КАДЕТИТЕ

Редовните тренинзи, особено со повозрасните клупски другари, кои имаа акумулирано големо искуство, ги дадоа и првите резултати. Веќе на првиот натпревар на првенството на Македонија, во конкуренција на кадети Елвир Куртановиќ се искачи на пиедесталот.
– Тоа беше голем стимул за мене. Во силната конкуренција, каде што за противници имав и многу каратисти со поголем стаж, го освоив второто место. Пред тој прв настап, да бидам искрен, имав трема, што впрочем е вообичаено кога на официјален натпревар првпат се зачекорува на татамите. Но брзо го надминав сето тоа, тремата ја снема, максимално се концентрирав на борбите и така стигнав до вицешампионската титула. Тој успех уште повеќе ме инспирира да продолжам со тренинзите со несмалено темпо, зашто во моментите кога се искачив на пиедесталот се почувствував некако гордо. Тоа беше првиот прекрасен момент во мојата кариера на кој вечно ќе се сеќавам – вели Елвир за тој прв настап на кој го освои првиот медал.
Од тие моменти Елвир Куртановиќ не беше само она момче од кое се очекуваше добар резултат на татамите туку тој веќе го потврди тоа. Сега остануваше со напорна работа да чекори понатаму кон нови остварувања.
– Младешкиот живот доби нова содржина. Станав посериозен и, за разлика од многу мои врсници, кои бесцелно го трошеа времето, јас се занимавав со корисна работа. Амбициите ми пораснаа и целев кон нешто големо – вели Куртановиќ.
За тоа кои беа следните постигнувања на Елвир Куртановиќ во каратето и за патот до европската титула ќе читате идната недела.


Елвир Куртановиќ

Роден: во 1972 година во Скопје
Кариера: Карате-клуб Цветан Димов, репрезентација на Македонија
Успеси: Европски првак за помлади сениори во Кардиф во 1993 година, европски студентски првак во Бањска Бистрица во 1995 година, второ место на ЕП во Вадо рју во Париз во 1996 година, второ место на ЕП во Луксембург во 1997 година, многу победи на меѓународни турнири, повеќе титули во сите возрасни категории во Македонија, три учества со пласмани меѓу осмото и 16-то место на светските првенства во Шпанија, Малезија и во Јужна Африка