Во центарот на Гевгелија се наоѓа народната библиотека „Гоце Делчев“. Зградата е изградена од некој способен мајстор во 1912 година, по нарачка на непознат Турчин. Се верува дека мајсторот од Дебар бил баран и од други чорбаџии, па така, Гевгелија ја красат неколку конаци (Сеизов конак, Андреев конак, Владев конак итн.). Исто така, во Гевгелија се наоѓа амам (турска бања) од 19 век. Владовиот конак бил изграден во 1906 година, а во 1992 година бил пренаменет во Народен музеј. Во него се сместени повеќе одделенија од прaисторијата, античкиот период, но и етнолошка и историска збиркa. Огромен број раритети што потекнуваат од 8 до 4 век пред нашата ера се најдени на наоѓалиштата: Сува Река, Милци, Бишов Јавор и Парагон, а некои од нив нашле свое место во депоата на гевгелискиот музеј.
Знаменитостите на Македонија
„Свети Димитриј“ – главна селска црква во Смоквица
Црквата се наоѓа во крајниот западен дел во гевгелиското село Смоквица. Црквата е изградена во првата половина на 19 век, односно околу 1830 година, а била обновена во 1905 година од страна на градителската дружина на познатиот неимар, резбар и зограф Андон Китанов.
Градбата на црквата е трикорабна, со дрвени тавани. Средишниот кораб е поизвишен од страничните и е покриен со квадратни полиња изведени со тенки летвички. Во средината на главниот кораб е насликана икона на платно на која е претставен ликот на Исус Христос Седржител. Покривната конструкција е изградена на две води и е потпрена на осум столба, распоредени во два реда со по четири на јужната и северната страна. Иконостасот во внатрешноста на храмот е исполнет со вредни икони и царски двери изработени од страна на Андон Китанов. Дверите биле изработени во 1863 година во резба со мотиви од растителниот свет. Црквата била зографисана во 1846 година, што може да се забележи и од натписот над главната влезна врата на јужниот ѕид, од внатрешната страна.
Во дворот на црквата се сместени селските гробишта, камбанаријата и помошен објект. Камбанаријата има квадратна основа и се состои од четири дела, при што основата на секој следен дел е помала. На секоја од страните на првите три дела има по една монофора, додека последниот дел е со повеќе отвори од страните. Камбанаријата е покриена со пирамидален лимен покрив над кој има крст.
Вила Тина – стара зграда во Гевгелија
Вилата се наоѓа на главната улица на Гевгелија близу железничката станица. Објектот е подигнат помеѓу Првата и Втората светска војна, најверојатно во 1924 година. Проектот бил на архитектот Борис Дутов од Белград, кој бил автор на повеќе објекти во Скопје од тој период. Објектот е во приватна сопственост. Вилата се разликува од она што како негово дело е изведено во Скопје. Овој тип на градба е со сутеренско приземје и кат. Објектот бил предвиден како градска вила со дворна површина во предниот дел. Челната фасада е решена на тој начин што особено е нагласен катот, со оглед на тоа што приземјето е сутеренско, на кој од десната страна има пространа тераса до која водат ѕидани скали.
Ветка црква – археолошко наоѓалиште во селото Прдејци
Ветка црква претставува сакрален објект од римско време. На североисточната периферија на селото, во непосредната близина на пругата Скопје-Гевгелија, се среќаваат грамади од градежен камен и фрагменти од мермерна архитектонска пластика со различна профилација. Тука е најдено и мермерно торзо со претстава на облечена машка фигура во природна големина. Наодите се чуваат во Музејот во Гевгелија. Наоѓалиштето е прогласено за културно наследство на Македонија.
Кангов конак
Кангов конак (Камгов конак) е стара станбена зграда во градот Гевгелија, прогласена за културно наследство на Македонија. Зградата се наоѓа во средишниот дел на градот Гевгелија, на улицата Димитар Влахов бр. 5, јужно од зградата на Општина Гевгелија и спроти Андреевиот конак. Канговиот конак е изграден во почетокот на 20 век. Денес конакот е во приватна сопственост, но како објект со висока амбиентална вредност бил прогласен за споменик на културата. Во долниот кат на објектот работат услужни дејности. Конакот е аголен станбен објект, на приземје и кат. Делот што излегува на аголот на двете улици е засечен, така што прави челна фасада профилирана како и другите две. Д.Ст.