ФИЛИП ДИНЕВ, ЏЕЗ-ГИТАРИСТ

Вооружен со музиките од своите две албумски објави „Szvetlo“ и „Romann“, едниот продукт на деновите минати во Унгарија, а другиот со печат на времето од Германија, македонскиот џез-гитарист Филип Динев повторно е дома. Како што вели, „да го фати сонцето“ и да свири. Онака како што тој знае и умее. Едуцирано и без задршка. Со многу шарм и нестивлива свиречка енергија. И, згора, да ја пушти музиката што истекува од неговите трепети и прсти да ги радува сите оние што искрено ѝ приоѓаат. Овој млад и несомнено потентен музичар, изданок на семејството Диневи, чии корени слегуваат до легендарната македонска рок-група „Зијан“, од родната Гевгелија преку Џез-академијата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и студиите во Германија, свирките по европските клубови реши да ги замени со скопските.

Двапати во една недела настапивте, прво со Кирил Туфекчиевски, потоа со Мартин Џаконовски и Виктор Филиповски. Дали е ова само почеток на вашето „враќање дома“ или можеби продолжување на мисијата дека музиката треба да се свири секаде каде што постои интерес?
– Убаво сте забележале. И после – немало џез во Македонија. Се шегувам. Навистина ми беше чест и задоволство да свирам на двете места, особено со вакви фини музичари, пред таква внимателна публика. Двата концерта беа од различна природа – едниот акустичен, а промоцијата на албумот беше во трио-формат со електрична гитара, во појачало, се разбира. Големи пофалби до „Литература кафе“ и „Аудиокултура“ и имам само зборови за охрабрување до сите оние што се обидуваат во своите локали да ги претстават македонските музичари и да ја поддржат локалната сцена. Да се навратам на прашањето – и двете. Во последно време доста размислувам за тоа. И си велам зошто да се врзуваме за одредени ентитети, држава, јазик, националност, град, луѓе… Мора ли? Не знам, сега сум овде и свирам музика што ја носам со себе, колку што е можно повеќе.
Како се случи средбата со Мартин Џаконовски и Виктор Филиповски, дали можеби и во иднина ќе се најдете на иста сцена со нив, да оставите документ од соработката?
– Сѐ се случи спонтано, ама и нормално, по моја „вина“. Велат, не може сѐ од тебе или сѐ од универзумот (Бог), мора по малку и од двете. Мартин го запознав како чист синхронизитет. Седна точно до мене на концерт пред две години во Филхармонијата и веќе наредниот ден свиревме кај него, акустична гитара, контрабас, турско кафе и поглед на Вардар. Милина. За среќа, тој е често во Скопје, па имаме и контрабасист од светски ранг. Инаку, за Мартин – речиси нема џез-музичар во Германија што не го знае неговото име. Потврдено. А, со Виктор се знаеме од многу одамна. Брилијантен тапанар и генерално музичар. Последната заедничка свирка ни беше пред пет-шест години, па така, ова беше големо освежување за двајцата. Се надевам дека ќе снимиме нешто во иднина. Прво да ме фати малку сонцето, па ќе измислиме нешто.
Ако „Szvetlo“ со пет авторски теми само го навести вашиот композиторски потенцијал, актуелниот „Romann“ има шест нови композиции и само една обработка „Blackbird“ на „Битлси“. Која е приказната зад ова остварување?
– „Romann“ е своевиден антипод на „Szvetlo“, би рекол. Темпата се побрзи, повиртуозен е, пософистициран композиторски, но „Szvetlo“ има длабочина, мелодичност и трпение за кое не би знаел сега дали сум способен да го репродуцирам. Најверојатно не. Музиката се менува како што и вие се менувате, за среќа или несреќа. „Битлси“ и целата таа класична инспирирана хармонија ми е многу блиска, па така, се најде и овој аранжман на албумот. И двата албума не се правени функционално, во смисла „сега музиката ќе ми звучи вака или онака“, туку се многу органски креирани и лични. Е, сега, се поставува прашањето до каде ќе може вака. Не знам, и тоа ме мачи. Ќе мора да се движам малку пофункционално во иднина.
Двете обвивки на објавите ги красат одлични визуелни решенија на уметникот Ване Костуранов. Што беше она што ве спои?
– Во последен момент, пред принт, ми откажа една германска илустраторка. Ване Костуранов, или како што јас го викам, „бат Ване“, ми излезе во пресрет и ми даде дозвола за обвивката да користам едно од неговите фантастични дела. Неговата мала опсесија со цртање куќи некако ми беше логична, затоа што и јас само што се бев вратил од Германија. Емотивно ме допре.
Актуелното издание се најде во реномираниот американски магазин „Џезиз“, а на мартовската топ листа вашата музика е покрај онаа на легенди како Нина Симон, Алис Колтрејн… Што значи ова за еден млад музичар од Македонија што допрва треба да го покаже својот вистински потенцијал?
– Добро е што ме потсетивте на ова, јас немав поим што е „Џезиз“. Искрено, во ред е сето ова, меѓутоа не значи многу деновиве. Издавачките куќи, рекорд-компаниите денес имаат поинаква филозофија. Тие очекуваат дигитални бројки, следачи, слушатели на Спотифај и ред други работи, кои најголем дел од нас генерално не нѐ интересираат. Но, јас сум му многу благодарен на секој што ја чул мојата музика, во која било форма. Големо прашање е тоа – дали да се остане или да се оди пак со нови сили. Немам одговор. Само знам дека како некогаш „југословенски пасоши“ нема веќе, за жал ниту „македонски“, па така, не е лесно ни да се иселиш брзо од Македонија. Реалноста (донекаде) е – ако сакаш да свириш во Берлин, треба да си таму. Истото тоа важи и за Македонија. Искрено, се радувам што сум сега во Скопје и што свирам со македонски музичари.
Колку одовде можеби може да се биде видлив и присутен на глобалната сцена?
– Речиси е невозможно да се биде присутен на глобалната сцена одовде, оддома. Има и ретки примери што го покажуваат спротивното, но јас не познавам џез-музичар што живее во Македонија и е присутен на глобалната сцена. Џезот, како сегмент од музичката индустрија, е доста мал и локален. Сега за сега се фокусирам на локалната сцена, а и ако погледнете, барем во Европа, сите најмногу се фокусирани токму на локалната сцена. Проблем кај нас се овие средновековни физички граници, немање соодветни транспортни врски, финансии што ќе стимулираат нормална работа, продукција, интернационални турнеи и слично.
Кои се идните исчекори и ќе ја следите ли оваа динамика на година-две да нѐ радувате со своите нови музики?
– Ова е најверојатно прашањето што го мачи секој од нас што се занимава со музика. Кога ќе излезе следниот продукт? Ќе биде ли подобар од претходниот? Како ќе се издаде? Имам секако на ум еден до два проекта што би сакал да ги реализирам во (блиска) иднина. Па, и во малку подалечна да биде, не ми е проблем. Факт е дека сево ова бара време, енергија и посвета, а јас сум пресно преселен во Скопје. Не верувам во она дека можете да живеете капиталистички живот со работно време од 8 до 16 часот и да бидете уметник во слободно време. Така што најпрво ќе ми треба време да се стабилизирам, а потоа ќе видиме.
Форматот на дејствување со трио би сакал да го сменам, можеби да се фокусирам повеќе на акустична гитара. Ќе видиме…
И, за крај, имате ли разработена агенда за присуство на претстојните џез-фестивали, настапи по клубови?
– Културата или, ако сакате, музиката ја делам секогаш на „официјална“ (фестивали, Филхармонија, официјални концертни инфраструктури итн.) и онаа „урбана“, што подразбира помали места, алтернативни локали и слично. Здраво културно општество треба да ги развива двете димензии. Ако треба да одберам – би одел со четири џез-концерти во неделата во помали места, отколку со два фестивала во текот на годината, дефинитивно. Така што заинтересиран сум и за двете и ги поддржувам сите локали во кои може да се изведува џез-музика. Месецов неколкупати ќе свириме со Гоце Стевковски, а со триото есенва имам кратка турнеја во Германија. Кај нас и ретко се планира нешто многу однапред, така што следете нѐ. Имам и сајт каде што ги ставам договорените концерти и настапи по клубовите.

Љупчо Јолевски