Фото: Пиксабеј

Медицински совет

Нервите во телото се одговорни за пренесување пораки до и од вашиот мозок. Кога се појавува вкочанетост, тоа обично се должи на компресија на нервите, оштетување или иритација. Една од најчестите состојби е вкочанетост на прстите, делумно или целосно губење на чувството во прстите. Може да почувствувате губење на чувството во прстите или дури и во целата рака ако заспиете на неа и несвесно извршите притисок врз нервот, но тоа чувство треба да исчезне набрзо откако ќе ја промените положбата. Но, ако вкочанетоста не исчезне или дури постепено се влошува, тоа може да биде знак за недијагностицирана состојба што може да бара третман.
Пецкање во прстите може да предизвикаат: синдромот на карпален тунел, цервикална радикулопатија (состојба позната и како приклештен нерв), дијабетес што може да доведе до оштетување на нервите на стапалата и рацете, Рејноов синдром (состојба што предизвикува пецкање кога малите артерии во прстите се стеснуваат), ревматичен артритис – автоимуно нарушување што предизвикува оток, осетливост и болка во зглобовите, а може да се јават и пецкање и чувство на печење во рацете Исто така некои инфекции може да предизвикаат вкочанетост во прстите, вклучувајќи ги лајмската болест, сифилисот, ХИВ и лепрата.
Кога треба да побарате лекарска помош за вкочанетост во прстите? Понекогаш пецкањето и вкочанетоста може да бидат симптоми што бараат итна медицинска помош, бидејќи пецкањето, меѓу другото, може да биде и симптом на мозочен удар или згрутчување на крвта. Ако пецкањето се појави со конфузија, отежнато дишење, вртоглавица, ненадејна слабост на раката, лицето или ногата, особено ако е само на едната страна од телото, ненадејна силна главоболка, тешкотии во зборувањето, слабост или парализа или проблеми со видот, задолжително побарајте итна медицинска помош. Ако вкочанетоста се јавува сама по себе, но се појавува често и ви пречи на секојдневните активности, посетете лекар што е можно поскоро. Врз основа на симптомите, лекарот ќе ве упати на дополнителни анализи за да ја открие точната причина за трпнењето во прстите, врз основа на што на крајот ќе може да ви даде терапија. Како да спречите трпнење во прстите и повреди на микронервите? Ако работите на компјутер или имате многу повторливи движења што би можеле да ги загрозат нервите, ова е одлична превенција: внимавајте на правилното држење на телото, правете кратка пауза на секои 30-60 минути, истегнете ги мускулите за да го намалите притисокот врз нервите.