Во еден допис од Белград, публикуван во весникот „Ден“, била изнесена констатацијата дека Кашина е „прелудиум на онаа грандиозно-страшна борба, која допрва ќе почне против сите оние чети, кои со своите национални стремежи сакаат да отворат уште една длабока рана на и онака многу страдалното тело на Македонија, кои сакаат да ја поделат Македонија и да ја онеспособат за борба против тиранот… Внатрешната организација смело им ја фрли ракaвицата на шовинистичките чети, безразлично од каде тие идат и безразлично какви се: бугарски, српски или грчки“
Повод: 119 години од битката што доби атрибут дека е прелудиум на грандиозната борба против сите оние што сакаат да ја поделат Македонија и да ја онеспособат за борба против тиранот
Годинава се одбележуваат 119 година од т.н. Кашински настан, кој останува запаметен во македонската историја како кулминација на македонската борба против врховизмот и бугарскиот шовинизам. Настанот се случил во близината на селото Кашина, во југозападните падини на Пирин Планина, и е симбол на некомпромисната политика на Македонската револуционерна организација (МРО) кон бугарскиот двор, врховистите и великобугарските средини во Софија. Настанот потврдил дека македонските револуционери нема да отстапат од македонските идеали за слобода и сопствена македонска држава.
Бугарски замешателства во македонското револуционерно движење
Основите на македонското револуционерно и националноослободително движење биле поставени во 1893 година со основањето на Македонската револуционерна организација (МРО), позната и како Внатрешна организација, во Солун. Но споменатата организација не била единствениот чинител во македонското движење, имено, во 1895 година доаѓа до организирање и обединување на македонската емиграција во Бугарија во рамките на Македонскиот комитет (познат и како Врховен македонски комитет или Врховен комитет) и врз принципите на автономна Македонија. Уште во самиот почеток двете организации започнале меѓусебни контакти стремејќи се кон соработка, но нивните односи биле комплексни.
Недоразбирањата и судирите помеѓу двете организации настанале поради постојаните активности на бугарскиот двор, бугарската влада и бугарските политички партии, кои настојувале да ја контролираат организацијата на македонската емиграција, а преку неа да воспостават и контрола врз Македонската револуционерна организација (МРО), односно врз целото македонско револуционерно движење. Агресивната политика кон Македонската револуционерна организација (МРО) е особено забележлива кога бугарскиот генерал Иван Цончев, близок човек до бугарскиот двор и бугарскиот кнез Фердинанд, успева да воспостави контрола врз Врховниот македонски комитет. Пред Илинденското востание, генералот Иван Цончев започнува да испраќа врховистички чети во Македонија, кои требало да воспостават контрола врз теренот и да го ослабат влијанието на внатрешните македонски револуционери.
Агресивната политика на бугарските политички кругови преку Врховниот македонски комитет ја образложува и весникот „Одрински глас“, кој нагласува дека револуционерното движење изникнало и се крепело врз почвата на незадоволството на масите и во „силата на историската инерција тоа се оформи, како сепаратистичко движење, целеше кон откинување на Македонија и Одринско од империскиот државен организам и да создаде од нив една автономна државичка“. Споменатиот весник исто така посочува дека „бугарската влада настојувала да ја има под свое влијание и диригентство Внатрешната организација, која била моќен фактор во Македонија и Одринско. Ете зошто таа никогаш не ја откажала својата морална и материјална поткрепа, но во замена на таа поткрепа секогаш се стремела да го диригира организацискиот живот во хармонија со својата бугарска државничка политика, политика која не произлегува од интересите на македоно-одринското население, туку од интересите на бугарската држава“.
Македонските револуционери не сакале Македонија да ги плаќа долговите на Бугарија
Агресивната врховистичка провокација ја достигнува својата кулминација по Илинденското востание, кога биле испратени многубројни врховистички чети во Македонија. Меѓутоа најголем проблем за врховистите претставувал Серскиот револуционерен округ предводен од Јане Сандански, еден од најзначајните и највлијателни македонски револуционерни водачи во овој период.
Генералот Иван Цончев и неговите приврзаници, со поддршка на бугарскиот кнез Фердинанд, презеле активности за освојување на Мелничкиот револуционерен реон и ликвидирање на Сандански. Мелничкиот револуционерен реон се наоѓал во рацете на Јане и неговите приврзаници, истовремено тој бил тврдина на серчани и имал стратегиско значење во Серскиот револуционерен округ. Врховистичката тенденција за ликвидирање на Јане произлегувала од надежта дека со отстранувањето на најопасниот и најогорчен противник на врховизмот ќе се постигнат две цели: создавање поволни услови за освојување на Серскиот револуционерен округ и обезглавување на македонската национална групација во Македонската револуционерна организација (МРО). Реализацијата на овој план му била доверена на капетанот Јордан Стојанов. Во април 1905 година, здружените врховистички чети под команда на капетанот го започнале походот во Мелничко. Стојанов тогаш изјавил: „Или главата на Сандански ќе падне, или мојата“.
Меѓутоа Сандански навремено бил известен од страна на Љ. Харизанов, кој се наоѓал во Софија. Во Кашина (селото се наоѓа во југозападните падини на Пирин Планина) врховистите престојувале три дена. Храната ја плаќале за да создадат впечаток дека не се разбојници, туку луѓе што тргнале да ги заштитат интересите на народот. Во овој период Сандански се наоѓал во месноста Желава и бил одлично информиран за случувањата во Кашина, преку раководителот на месниот комитет – Христо Гуштеров.
Кашинчани, од врховистичките четници Димитар Филчев од Кашина и Златан од Игралиште, ги дознале времето и правецот на врховистичкото заминување. Оваа информација му помогнала на Јане навремено да ја постави заседата. Во ноќта помеѓу 6/7 април 1905 година, врховистите заминале од Кашина и се упатиле кон селото Ковачево. Во 23 часот и 30 минути, врховистите наишле на заседа поставена од Јане Сандански.
Во заседата учествувале четата на Јане во јачина од 30-35 души, четата на Таската Серски во јачина од 15 четника и четата Атанас Тешовалија со 15 четника и четири-пет селани, сѐ на сѐ околу 70 души. Врховистите биле 54 души. Во престрелката загинале седум врховисти, а шест биле ранети. Од заседата успеале да се извлечат Јордан Стојанов и Иван Господарев. Другите врховисти се предале и биле разоружени. Следниот ден, шестмина од врховистите што биле заробени биле изведени пред револуционерниот суд поради своите злосторства кон населението. Од нив, четворица биле осудени на смрт и на 8 април 1905 година биле ликвидирани. Другите двајца биле ослободени.
Веднаш по егзекуцијата, Јане Сандански одржал говор пред другите врховисти и остро ја осудил нивната дејност. Меѓу другото, рекол: „Дека сме иделе во Македонија само да си го поминеме времето и сме биле плаќани од кнезот и поддржувани од владата, дека нашата цел била да ја освоиме нивната татковина Македонија, и да го направиме кнезот крал, дека тие не сакале Македонија да ги плаќа долговите на Бугарија и сл. Им рекол дека се тие Внатрешна организација и дека нив не ги сака народот и дека немаат потреба од бугарски пушки, бугарска помош, од Егзархијата, пцуел (ругал) сѐ бугарско и сл.“.
Внатрешната организација им фрли нараквица на бугарски, српски и на грчки чети
Иван Цончев и неговите приврзаници просто биле запрепастени од настаните кај Кашина бидејќи не очекувале толку остра реакција од Јане Сандански. Кашинскиот настан бил само еден од многуте во долгата борба помеѓу двете организации, меѓутоа ново било тоа што овој пат имало повеќе жртви, а меѓу настраданите имало познати имиња. По Кашинскиот настан, бугарскиот весник „Народни права“ напишал: „Искрените дејци на таа Организација, длабоко ги презираат сите оние, кои си подигруваат со ослободителната кауза, безбожно ја експлоатираат за лични користи, амбиции, или ја употребуваат како кос во политиката на балканските државички. Тој говор (се однесува на говорот на Сандански б.н.), тоа дело, извршено на 7 април, внушува по невола респект кон македонските борци и ги гони државните мажи да се позамислат и еднаш засекогаш да го определат своето држење кон тоа општонародно дело. Безбожното експлоатирање на тоа прашање го очајало Македонецот и затоа ние го гледаме со меч во рака да ја пцуе Бугарија и бугарскиот кнез и бугарската влада и егзархот и сѐ што се почитува од сите Бугари“.
Кашинскиот настан придонел за пробив и зацврстување на вистината за македонската борба пред пошироката јавност. На страната на серчани застанале повеќе јавни гласила: бугарскиот весник „Ден“, рускиот „Син отечества“, бугарските „Народни права“, списанието „Ново време“, „Балкански новини“ и др. Во еден допис од Белград, публикуван во весникот „Ден“, била изнесена констатацијата дека Кашина е „прелудиум на онаа грандиозно-страшна борба, која допрва ќе почне против сите оние чети, кои со своите национални стремежи сакаат да отворат уште една длабока рана на и онака многу страдалното тело на Македонија, кои сакаат да ја поделат Македонија и да ја онеспособат за борба против тиранот… Внатрешната организација смело им ја фрли нараквицата на шовинистичките чети, безразлично од каде тие идат и безразлично какви се: бугарски, српски или грчки“. Д.Ст.