Фото: „Нова Македонија“

Иако со години се заговара идејата за Македонија да биде една изборна единица, а кандидатските листи за пратеници да бидат отворени, поголемите партии и покрај декларативните заложби дека се согласни за такво нешто, во практика постојано ги одложуваат законските измени, бидејќи се свесни дека на тој начин би можеле да загубат понекое пратеничко место. Улогата на партискиот лидер и понатаму останува неприкосновена во креирање на кадровските решенија, а граѓаните останува и натаму неуспешно да трагаат за да препознаат докажани и успешни луѓе на листите за да го дадат својот глас за некој што е компетентен, одговорен, посветен, етичен и морален, патриот… со еден збор висококонкурентен на пазарот на пратеничките кандидати за македонското собрание

На полноќ пред ДИК ќе биде официјализирана кадровската понуда со која партиите ќе го бараат мандатот од граѓаните на претстојните парламентарни избори

Во согласност со роковникот за подготовка на изборите, на полноќ истекува рокот за поднесување на кандидатските листи за пратеници до Државната изборна комисија (ДИК), со што ќе биде официјализирана кадровската понуда со која партиите ќе го бараат мандатот од граѓаните на претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај.
И додека партиите на листите излегуваат со луѓе за кои тие сметаат дека се добитничка варијанта, граѓаните и натаму се оставени на маргините, без можност да одберат кандидат што го познаваат и за кого сметаат дека најдобро ќе ги застапува нивните интереси, а со тоа ќе биде и многу поодговорен кон оние што му ја дале довербата.
Иако со години се заговара идејата за Македонија да биде една изборна единица, а кандидатските листи за пратеници да бидат отворени, поголемите партии и покрај декларативните заложби дека се согласни за такво нешто, во практика постојано ги одложуваат законските измени, бидејќи се свесни дека на тој начин би можеле да загубат понекое пратеничко место. Дополнително, ваквиот модел ја намалува улогата на партискиот лидер да ги креира кадровските решенија, бидејќи граѓаните ќе бараат докажани и успешни луѓе на листите, а не анонимци што буквално се „шлепаат“ зад носителот на листата.
Досегашниот модел придонесува за намалениот демократски капацитет на партиите, кои многумина аналитичари ги нарекуваат „султан-партии“, бидејќи лидерот е тој што го има првиот и последниот збор околу тоа кој ќе биде пратеник, кој министер, кој директор, кој градоначалник и слично.
Тоа влијае и врз односот на пратениците кон функцијата, кои наместо да работат во интерес на граѓаните, работат во интерес на партијата. Затоа и никому не му полагаат никаква одговорност, бидејќи сметаат дека нивната евентуална одговорност може да ја побара само лидерот и никој друг. Од тие причини, за сите скандали што се случија во земјава изминатите години никој не презеде одговорност, туку партијата одлучуваше сама, најчесто под притисок на јавноста, дали некого ќе смени или не.
Несомнено, и овој изборен циклус ќе оди по старо, бидејќи партиите постојано одложуваат какви било промени на изборниот модел, но граѓаните со право го креваат својот глас и бараат конечно промени, со што би се создала можност за добивање поодговорни политичари и подемократски политички партии.
Клучното прашање што си го поставува македонската јавност е кога земјава ќе добие вистински народни пратеници што ќе ги застапуваат граѓанските наспроти партиските интереси и кои ќе бидат подготвени во секој момент да преземат одговорност доколку на некој начин ги изневериле граѓанските очекувања. Со сегашниот изборен модел, такво нешто е невозможно.

– Отворените листи на кандидати се добра можност граѓаните да ја изберат личноста за која сметаат дека е најдобро решение, но и обид за демократизација внатре во партиите. Со други зборови, тоа значи дека кога секој гласач ќе има пред себе отворени листи со кандидати што ги познава, ќе може соодветно да избере врз основа на својата лична процена за кандидатот, односно својата општа перцепција за тој човек, за неговиот карактер, за неговите постапки, достигнувања, капацитети. Еден од сегментите како се станува одговорен политичар е и тоа. Затоа што кога политичарот ќе знае дека секој граѓанин може да го избере него без разлика на која позиција на листата се наоѓа, ќе биде со различен принцип и во кампањата, но се разбира и потоа – коментираат повеќето аналитичари.
Според нив, отворените листи се добар модел кон промена на изборниот систем и несомнено ќе водат кон поголем квалитет на кандидатите што ќе бидат ставени на листите.
– Отворените листи подразбираат дека самите кандидати ќе бидат принудени да бидат поблиску до граѓаните во изборната кампања и да се изборат за нивната кандидатура и со тоа се обврзуваат да останат во контакт со нивните гласачи. Од друга страна, им се одзема ексклузивното право на партиските раководства да ги избираат кандидатите во изборната листа и со тоа да ја купуваат нивната лојалност кон партијата. Кога ќе се избира квалитет, тогаш и македонското собрание ќе биде вистински храм на демократијата, а не како што е сега, претворено во обичен театар во кој дискусијата е под секое ниво – посочуваат аналитичарите.


Што значат отворени листи

Отворена листа значи дека гласачите можат да гласаат за оној кандидат за пратеник или општински советник за кого тие сметаат дека е најдобар, без разлика на кое место на гласачкото ливче се наоѓа таквиот кандидат. Во сегашниот изборен систем постојат затворени листи, каде што гласачите гласаат за една партија или коалиција и со тоа немаат можност да преферираат одреден кандидат од истата партија. Тоа значи дека на крајот на изборниот процес, пратеници стануваат само оние кандидати што се највисоко на листата и во зависност од освоените гласови на партијата.
Во моделот со отворени листи, пак, пратеници стануваат оние кандидати што добиле најмногу поединечни гласови од гласачите. Тоа, според упатените, значи дека отворените листи се поддршка за личност, а затворените поддршка за партија.
Отворените листи значат и поголем простор да се слушне мислењето на секој гласач, а граѓаните би имале избор да гласаат токму за оној кандидат што ним им се допаѓа. На тој начин би се намалила улогата на партиските раководства во номинирањето на „сигурните“ пратенички места од врвот на листата.