Книгата е наменета за предучилишна возраст и за учениците од одделенска настава што за првпат се запознаваат со азбуката. Песните се ритмични, имаат рима, ненаметлива, образовна и воспитна димензија и хумористична нота, а сето тоа ја прави оваа поезија уште поблиска до детската популација
Промовирана книгата поезија за деца „Мојата азбука“ од Мирјана Стојановска
Во општинското основно училиште „Св. Климент Охридски“ во Битола, на 21 март, првиот ден на пролетта, беше промовирана книгата поезија за деца „Мојата азбука“ од поетесата Мирјана Стојановска, наставничка по македонски јазик во ова училиште. Промоцијата ја изведоа ученици од шесто одделение, кои рецитираа песнички и сликовито ја претставуваа секоја буква од македонската азбука. Издавањето на книгата е поддржано од Министерството за култура.
Всушност недостигот од детска литература нагласено се чувствува во едукативниот простор во училиштата, така што овој вид литература е особено потребен за новите генерации ученици во нашата земја.
Ваков тип литература, блиска до современото дете, е токму книгата „Мојата азбука“, која содржи 31 песничка за секоја буква од македонската азбука – кирилицата. Книгата е наменета за предучилишна возраст и за учениците од одделенска настава што за првпат се запознаваат со азбуката. Песните се ритмични, имаат рима, ненаметлива, образовна и воспитна димензија и хумористична нота, а сето тоа ја прави оваа поезија уште поблиска до детската популација.
– Особена радост ми претставува денешната промоција на оваа моја 10. книга поезија, а прва книга наменета за најмладите. Се надевам дека оваа поезија ќе им помогне на полесен начин да ги совладаат буквите на кирилицата, да се стекнат со говорни вештини, а истовремено да ги развиваат патриотското чувство и љубовта кон својата земја, кон својата татковина – истакна поетесата Стојановска на промоцијата на книгата „Мојата азбука“.
Таа се надева дека песничките лесно ќе влезат во меморијата на децата затоа што имаат ритмичност и ненаметлива рима.
– Дидактичките и образовните компоненти во поезијата се испреплетуваат спонтано, со што поезијата наменета за деца си ја исполнува својата функција. Исто така, во поезијата е присутна извесна доза хумор, што верувам ќе ја прави оваа поезија уште поблиска до децата – дополни Стојановска.
Како што истакна директорката Гордана Анастасова, веќе неколку години во ова училиште е практика да се организираат промоции на книги на млади автори токму под водство на наставничката Мирјана, како што се книгите на ученичката Елена Силјановска, Мартина Костовска и трите зборници на песни од ученици со наслов „Мојата татковина, мој дом“, „Битола во стиховите на младите автори“ и зборникот „Еднакви“.
– Можеме да речеме дека нашето училиште живее во духот на поезијата и поетското творештво. Денешната промоција на најдобар начин ќе го одбележи Денот на поезијата во нашето училиште како расадник на млади поети во нашата земја – истакна директорката на ООУ „Св. Климент Охридски“, Гордана Анастасова.
Поетесата Мирјана Стојановска е професорка по македонски јазик, книжевна критичарка и есеистка. Родена е во Битола, во 1971 година. Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрира на Педагошкиот факултет во Битола. Работи како наставничка по македонски јазик во основното училиште „Св. Климент Охридски“ во Битола. Таа е членка на Друштвото на писателите на Македонија од 2007 година. Беше прв претседател на клубот на писателките „Даница Ручигај“ при Друштвото на писателите на Македонија во периодот од 2014 до 2018 година. Во три мандати беше членка на претседателството на ДПМ. Таа е актуелна секретарка на Битолскиот книжевен круг. Авторка е на девет книги поезија, приредувачка е на шест книги и две книги од областа на литературната теорија, методиката и критиката. Со песни и книжевни критики е застапена во македонски и меѓународни списанија и портали. Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, италијански, српски, хрватски, романски, албански и на турски јазик. Ф.Д.