На прагот на изборите за Собранието на Македонија, повеќето политички партии се определуваат за создавање сојузи наместо за самостоен настап, еднакво убедени дека таквото коалицирање ќе им донесе подобри резултати. Синоними, слични зборови на именката сојуз се: коалиција, асоцијација, алијанса, унија, федерација, конзорциум, компанија, заедница, задруга, здружение, синдикат, дружина, група, еснаф, братство – единство. Можеби овие термини во нашиот јазик може да се објаснат најсоодветно и најразбирливо само со еден турцизам – тоа е зборот – ортаклак.
Откако постои Бог постојат и сојузите. Библијата зборува за седум различни сојузи. Од нив четири се на Бог само со народот на Израел, три се однесуваат на човештво. Сојузите на Јахве со Аврам, со Мојсеј, со Давид и палестинскиот сојуз важат само за Евреите, а сојузите на Бог со Адам, Ное и со Новиот не се ограничени на Евреите туку важат за други делови на човештво, посебно на христијанството. Според апостолот Павле, Господ го склучил Новиот сојуз со христијаните преку ликот и учењето на Исус Христос.
Освен сојузот со Господ, меѓу луѓето живее и суеверието за сојуз со ѓаволот. Тој сојуз се воспоставува кога некој му ја продава својата душа на ѓаволот во замена за некаква корист, за стекнување натприродни способности, богатства или скриени знаења. Или да му наштети на другиот, на блискиот или ривалот. И идејата за овој сојуз има корени во Библијата, но култот на ѓаволот се развил во четвртиот век и бил раширен во литературата.
Зошто се прават изборни коалиции? Што е коалиција, кои се нејзините основи и цели?
Нивното формирање е една од најважните работи во политиката, и тоа не само во локална смисла туку во далеку поголемата светска слика. Бидејќи политиката е умешност да се искористат можностите во реални услови, политичкото партнерство и способноста на партиите да прават компромиси се вбројуваат меѓу клучните елементи за водење успешна политика. Коалицирањето е едно од непишаните правила на модерната политичка игра, по тој модел главно се управувани европските држави.
Коалициските партнери сметаат дека на тој начин, по евентуалната заедничка победа, полесно ќе обезбедат мнозинство, ќе состават влада, ќе спроведат реформи, ќе создадат подобри демократски односи во општеството, ќе ја зацврстат правната држава. Нивно е да се борат за остварување на слободите на поединецот и на слободата за јавно изразување на мислењата и ставовите, да ја подобрат економијата, да го зголемат стандардот на граѓаните и така натаму, може да се нареди еден куп што ќе биде, ако биде.
Учесниците во коалицијата ги здружуваат своите ресурси (луѓе, пари, знаење, умеење) да ангажираат дополнителна енергија и да станат помоќни заедно отколку што би бил секој посебно. За да би била ефикасна и за да би имала смисла, коалицијата треба да исполнува неколку главни услови: учесниците да имаат блиски идеолошки и програмски определби, да имаат исти или слични цели, сите единки да бидат еднакво ангажирани и вклучени и да придонесуваат за што поголеми резултати. Особено е важно помалите коалициски партнери да не го губат својот идентитет, да не се одрекуваат од своите клучни програмски цели што јавно ги заговараат и да не дозволат да се претопат во големото политичко тело или во водечкиот партнер и да си ги изгубат своите поддржувачи.
Во нормални ситуации, важно е да се воспостави коалиција што меѓусебно е доволно компатибилна, а со тоа што постабилна и потрајна. Коалициските партнери секогаш меѓусебно се „пазарат“, прават заемни отстапки и компромиси, често и со отстапување од своите приоритети, ако е тоа општ интерес. Кога станува збор за коалиција составена од партии со различна идеолошка подлошка, со различна програма и со различни политички актери, обично се покажува дека цената на коалицијата е дупло повисока, носи повеќе штета од корист.
За да го одржат мнозинството, партнерите мора да се одрекуваат од преголем дел од своите начела. Ако коалициските партнери се програмски различни, сигурно е дека резултатите од нивното заедничко владеење ќе биде проследувано со постојани блокади, стагнирање и застои, по што следува разочараност кај народот од владеењето на водечката партија.
Во вонредни ситуации, во пресвртни периоди, во време на воено или друго загрозување, или при сериозни државно–правни и економски проблеми, повеќе нужни отколку пожелни се „концентрациски коалиции“, сојузи за „национален спас“, пред сѐ во форма на влади, заради заштита на националните и државните интереси. Тогаш теснопартиските интереси се оставаат настрана.
Низ историјата на државите и партиите, познати се широки коалиции (иако има и тесни) национални, не и емоционални, зашто ниту една не е заснована на емоции туку на интереси. Има непринципиелни коалиции, трули коалиции, се случувало да има коалиции меѓу екстремно десни со екстремно леви, радикали и демократи, пацифисти и фундаменталисти, ако немало некој друг поповолен излез од некоја подолга криза.
Познати се и коалиции на политички партии со граѓаните и со народот, но тие се формални, чисто пропагандни, траат исклучително кратко – само додека трае изборната кампања. Секако, треба да се додадат и колоритните коалиции, со име добиено според боите на партиски амблеми: црвени, црни, жолти, сини, зелени, и во разни комбинации од тие и од други бои. Граѓаните на Македонија не толку одамна беа сведоци на една шарена коалиција.
Од античката историја на Македонија, познати се сојузите на Филип Втори кога Халкидики потпадна под македонската држава и сојузот на Александар кога, откако ја победил Атина, постигнал компромис со Атињаните грчкиот јазик да биде службен и административен јазик на армијата и во новоосвоените територии.
Од поновата историја еден од клучните сојузи беше остварен во Втората светска војна, кога македонскиот народ се определи на страната на антихитлеровската коалиција што придонесе за национално и социјално ослободување и создавање на првата македонска држава. Соодветно на тој исход, Македонија беше во сојуз со другите словенски и несловенски народи за време на траењето на Титова Југославија, кога функционираше и еден друг моќен сојуз – Сојузот на комунистите.
Денеска најмоќен сојуз во светот и единствен од таков формат е НАТО-пактот, основан во 1949 година, брзо по Втората светска војна. Вид сојуз или коалиција на држави е и денешната Европска Унија. Република Македонија веќе е сојузник на најмоќната светска алијанса, додека, од друга страна, води тешка битка да стане членка на Унијата. А во трите локации и во сојузувањето, сегашно или идно, се замешани и Господ и ѓаволот.