Како се доведовме во ситуација да ги губиме овие млади луѓе, деца на 21 век, кои се многу добро вмрежени на интернет и социјалните мрежи, кои знаат дека таму некаде, во белиот свет, вратите им се широко отворени, особено за нивната професија. И после се чудиме кога истите тие млади луѓе веќе размислуваат да си заминат во тој ист бел свет. Затоа што таму нема глуви министерства, кои меѓу себе не комуницираат или заради „повисок интерес“ не им ја качуваат платата на специјализантите иако тоа им е загарантирано со владини одлуки, како што слушаме деновиве. Таму нема изживување со младите луѓе што му се насушно потребни на националното здравство, во ситуација кога старите специјалисти забрзано си заминуваат во пензија или преминуваат во приватни клиники. Таму се цени работата на лекарите, како што се цени работата на инженерите, професорите, со еден збор, на професионалците во секој поглед. Само кај нас работите се поставени наопаку. И си тераме како да е тоа најнормална работа на светот
(или Перспективата на бесперспективноста)
Веќе станува мачно да се гледа телевизија. Тажни се сликите од нашето секојдневие, па цела среќа е што постојат илјадници канали и човек едноставно може да побегне од грдата слика. Но, за жал, од стварноста не може да побегне. Па така, додека се обидувате да го смените каналот, ќе слушнете потресна приказна за младите лекари специјализанти, кои штрајкуваат наместо да се обучуваат за работата што ги очекува во иднина. И притоа ќе добиете уште едно поразително сознание дека овие млади перспективни луѓе се судираат со крајна бесперспективност. Принудени се да живеат во Скопје со плата од 26 или 28 илјади денари, од кои, ако разбрав добро – дел плаќаат на клиниката, а оние што се од надворешноста се во уште полоша ситуација – да плаќаат дел за кирија и на крајот им останува само некој ситниш, колку за да се прехранат. Излегување и онака не им треба, за да не трошат многу пари, а време бездруго немаат, бидејќи патем и дежураат, а и зошто би се заморувале, кога утредента ги чека работа што бара комплетни личности.
Шегата настрана, прашањето што сериозно се надвиснува над сите нас повозрасните е како се доведовме во ситуација да ги губиме овие млади луѓе, деца на 21 век, кои се многу добро вмрежени на интернет и социјалните мрежи, кои знаат дека таму некаде, во белиот свет, вратите им се широко отворени, особено за нивната професија. И после се чудиме кога истите тие млади луѓе веќе размислуваат да си заминат во тој ист бел свет.
Затоа што таму нема глуви министерства, кои меѓу себе не комуницираат или заради „повисок интерес“ не им ја качуваат платата на специјализантите иако тоа им е загарантирано со владини одлуки, како што слушаме деновиве. Таму нема изживување со младите луѓе што му се насушно потребни на националното здравство, во ситуација кога старите специјалисти забрзано си заминуваат во пензија или преминуваат во приватни клиники. Таму се цени работата на лекарите, како што се цени работата на инженерите, професорите, со еден збор, на професионалците во секој поглед. Само кај нас работите се поставени наопаку. И си тераме како да е тоа најнормална работа на светот.
Ама, штрајкувале. Па, нека штрајкуваат, кој им е виновен. Како да одѕвонува ехото од владините одаи, во кои платата е сигурна и редовно добро дополнета со разни покачувања, промени на закони, на коефициенти… бифето, фала на прашање, е ептен добро пополнето, а цените во него се како пред 20 години по градските меани. И сега, во едно такво добро расположение, некој да му ја мисли за обичниот смртник…
Токму затоа, апелот, крикот на младите луѓе што си го бараат само она што им припаѓа, одекнува многу гласно и разорно, без разлика кој и како сака да го слушне или да се оглуши од него. Тоа е крик на Македонецот, воопшто на младиот човек што се родил во Македонија и сака да остане овде, да работи, да се надградува, да создава семејство.
Тоа е крикот на младиот лекар што сака да биде специјалист, крикот на младиот професор што сака да ја образова и да ја воспитува нацијата, бидејќи е свесен дека ни недостига не само образование туку и воспитание, дисциплина, која по малку сите ја забораваме залетани во трката по опстанок или пак по уште поголеми купишта пари, зависи кој од која страна гледа на нештата. Тоа е крик на младиот инженер, без чија стручност ќе нема кој да создава нови пронајдоци, иновации во науката, во техниката, во земјоделството…
Само тие и такви млади луѓе ќе можат утре да донесат развој, да создадат благосостојба, да создадат клима во која нивните деца нема да сакаат да си заминат одовде.
Затоа, нека биде ова поука и за оваа и за секоја следна влада – попусто ќе се удираме в гради кој е поголем патриот, попуста ни е борбата за името, за јазикот, за идентитетот, ако ги изгубиме младите луѓе. Ако си заминат, како што насила ги бркаме одовде, тогаш попусти ќе ни бидат вашите удирања в гради и ветувањата за патриотизам ако нема кој да ужива во плодовите од тој ваш патриотизам.