Во меѓународната политика, меѓународното право сѐ почесто се прекршува. Но, доколку државата има подршката од мнозинството држави во Организација на Обединетите нации (ООН), тогаш меѓународниот морал (особено етичката осуда на сите видови геноцид, па и културниот геноцид и етноцид) може да претставува и да донесе една движечка енергија за доследно да се испочитува меѓународната правда (или да се исправи меѓународната неправда), односно да се донесат правилни одлуки на меѓународен план

ИНТЕРВЈУ СО ПРОФЕСОРОТ ИГОР ЈАНЕВ ПО ПОВОД ОБЈАВУВАЊЕТО НЕГОВ ТРУД ВО ИНДЕКСИРАНО МЕЃУНАРОДНО СПИСАНИЕ ЗА ПРЕ СПАНСКИОТ ДОГОВОР И НЕГОВИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ВРЗ ПРОЦЕСОТ НА АСИМИЛАЦИЈА И БУГАРИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ

Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград Игор Јанев важи за еден од најголемите борци за заштита на државното име Република Македонија, како и за одбрана на националниот дигнитет во светлината на меѓународното право и неговото доследно почитување. Неодамна труд на професорот Јанев, во кој говори за Преспанската спогодба и последиците од тој договор врз процесот на асимилација во облик на „бугаризација“ на македонскиот идентитет, беше објавен во индексирано меѓународно списание. Тоа беше главниот повод да поразговараме со професорот Јанев за неговите постојани заложби да ги брани македонските позиции во светлина на почитувањето на меѓународното право.


Ваш труд неодамна беше објавен во индексирано меѓународно списание. Можете ли да ни кажете за кое меѓународно списание станува збор?
– Станува збор за реномираното светско американско списание „Глобален журнал на хуманистичко-општествените науки“ (Global Journal of Human Social Sciences). Оваа ревија/журнал е високоиндексирано меѓународно списание, со реномирани рецензенти од повеќе држави. Главниот уредник е секогаш експерт или професор од САД.


Дали очекувате, имајќи ја предвид сета оваа меѓународна, но и домашна офанзива организирана во насока што поскоро да се бетонира Преспанската спогодба, како составен дел од македонската државност, Вашиот труд да го предизвика вниманието на пошироката меѓународна јавност?
– Дали трудот ќе го предизвика вниманието на пошироката меѓународна јавност допрва треба да видиме, но доколку нема пошироко разбирање во домашната јавност дека постои ургентната потреба националните проблеми да се решаваат, особено кај нашава политичка елита, нема да може да се очекува некој поголем импакт ниту надвор од Македонија. Грците, на пример, ваквите трудови ги прогласуваат како „националистички“ и не им даваат никаква „важност“. Сите трудови во областите на политичките науки со релевантност поврзана со локални теми, пред сѐ, треба да ги решаваат домашните политички актери и лидери, а за странците проблематиката од овој вид не е толку значајна. На пример, доколку ние не сакаме да реагираме на насилната асимилација или на националното пропаѓање на нашиот народ, тоа е наша работа, а не нивна! Се подразбира дека секој народ или политичка национална елита мора да води сметка за своите национални интереси (што кај нас не е случај). Доколку нашава политика, пред сѐ надворешната, ги игнорира или не ги разбира националните интереси, тоа е само наша работа! Сѐ што се однесува на нашето национално пропаѓање, странците не ги интересира. Тие молчеливо можат само да заклучат „ако ним не им е гајле за нивните национални и државни интереси, и нам не ни е гајле“!
Што се однесува на констатацијата дека Преспанскиот договор сака да ја „бетонира“ државноста, треба само да забележам дека со Договорот од Преспа не се етаблира „државноста“, бидејќи основниот елемент на поимот „државност“ е „суверенитетот“ (вклучувајќи го и културниот суверенитет), а овој елемент е де јуре поништен со Спогодбата од Преспа! Во врска со уставните промени (од 2019 година), во мојот труд е покажано како основните столбови на државноста се урнати, на пример „македонскиот народ“ веќе не е државотворен и основните елементи на културниот суверенитет се целосно укинати! Флагрантната модификација на Уставот и законите со задолжителен деноминатор („Северна“) на идентитетот докажува дека со имплементација на „идентификациските модификатори“ државата се става во зависност од друга држава и дека не е во состојбата независно и суверено да ја води ниту надворешната, па дури ниту внатрешната политика, која се става под идентитетската контрола. Најсилен доказ дека со Преспанската спогодба ние се откажавме од грижата за идентитетот на нашите малцинства во соседството (што е и право и обврска во меѓународното право), посебно е дефиниран за малцинството во Грција, но според принципот ерга омнес, применувајќи ги „идентификациските модификатори“ (пред сѐ „деноминаторот“ пред македонскиот идентитетот „Северна“), ние сe откажавме од националниот идентитет на целата наша дијаспора! Дури и во ООН националниот идентитет е деноминиран со „идентификациски модификатори“, така што од правна гледна точка нашиот досегашен идентитет е анулиран и на меѓународен план генерално! Консеквентно, според принципот ерга омнес, анихилитен е и на домашен план, каде што противправно се воведува деноминацијата на идентитетот. Имено, со забрана за категоријата „Македонија“ без деноминаторот, односно задолжителниот префикс „Северна“, вклучувајќи ги и дериватите на „македонски народ“ на меѓународен план, добивме нова национална идентитетска дефиниција „северномакедонска“ односно „северномакедонци“, како продукт на лимитација на националните категории и термини. За сите во ООН денес терминот „Македонија“ со Договорот од Преспа е „резервиран“ исклучиво за Грција, како „грчки термин“.
Во оваа смисла, во трудот спомнав и дека всушност „државноста“, поради идентитетската трансформација на претходната „Република Македонија“, е фундаментално срушена и дури спомнав дека ако до Преспанскиот акт „лажно се претставувавме“ (по Втората светска војна како Македонија), па поради ова лажно претставување во 1993 година бевме обврзани да го смениме идентитетот, доколку се има предвид наметнатиот карактер на Договорот од Преспа, може само да се заклучи дека пред овој културоциден акт (2018) ние всушност легитимно се претставуваме во меѓународната заедница, а по уставните промени во 2019 година и стапување во сила на Договорот од Преспа, денес можеме само да го тврдиме обратното: дека сега сме во фаза на национално лажно претставување. Тезата дека денес „лажно се претставуваме“ (како „трансформирани“) произлегува пред сѐ од фактот што новиот октроиран идентитет не е легитимен (не произлезе од изворната народна волја, туку е продукт на конструкција во форма на „компромис“). Во мојот труд објавен во меѓународното списание потсетив и на фактот дека држава што „лажно се претставува“ во меѓународното право е по дефиниција „лажна држава“, особено ако нема суверенитет врз сопствениот идентитет и способност за независно склучување на меѓународните договори и суверено и независно државно претставување. Ќе потсетам дека државноправниот идентитет (т.е. државното име) истовремено е националното и уставното име, и овој елемент на идентификацијата е фундаментален, суштински и есенцијален елемент на меѓународноправниот субјективитет на една држава. Кога имаме случај со есенцијално деградирана меѓународноправна личност (фалична правна личност), како состојбата „без идентитет“ (во ООН), ние не го поседуваме најосновниот елемент на „државноста“ односно немаме „држава“, бидејќи основен неприкосновен елемент на една држава е правната способност таа да биде и да функционира како независно меѓународноправно лице. Да заклучам, Преспанската спогодба не може „да се бетонира“ во „државноста“ бидејќи правните ефекти од овој акт ја поништуваат суштината на овој поим (поимот „држава“, како суверен субјект). Да потсетам, државното име е по дефиниција државноправен идентитет на државата како правно лице. Овој идентитет е основен неприкосновен и задолжителен правен атрибут со кој една држава се претставува како правно лице во меѓународното јавно право, но и во внатрешноправниот промет и сите правни односи. Државноправниот идентитет е основен суверен елемент на меѓународноправниот и внатрешноправниот субјективитет. Со овој суверен правен идентитет, државата правно функционира како меѓународноправно лице, со меѓународните права и обврски, а слично и како правното лице во внатрешноправниот промет каде што државата се појавува како правно лице пред домашните судови (или правните постапки).

По правило, државноправниот идентитет е ист во меѓународноправното претставување и во домашноправното претставување. Истовремено, државноправниот идентитет, односно државното име го поседува својот изворен легитимитет во изворната суверена волја на народот и како легитимна волја овој идентитет е идентичен со државноправниот идентитет (односно името на држава). Трудот, кој го објавив, јасно објаснува дека покрај флагрантното прекршување на „државните суверени права“, поради приемот под дополнителните услови во ООН (односно како „безимена“ членка на ООН), со Преспанскиот акт се прекршуваат и основните колективни, па дури и индивидуалните човекови права (како на пример правото на националниот идентитет и правото на самоопределување на истиот тој, како неприкосновени суверени права). Македонија, како трансформирана во „Северна Македонија“ со имплицирано северномакедонско државјанство, посебно според меморандумот на МНР од РСМ до Грција пратен во 2019 година, правно претставува негација на идентитетот за нас, а атрибуција на „македонскиот“ идентитет на другата страна во Договорот – Грција. Во однос на државјанството (nationality), ние за нив сме новосоздадени „северномакедонци“ со различно етничко потекло. Имено, во 2019 година македонското МНР до Грција, па и до ОН, испрати посебен Меморандум (нота за објаснување), со кој изврши објаснување дека во Преспанската спогодба терминот „nationality“ се однесува исклучиво на „државјанството“, а оттаму фактички МНР потврди дека „македонска одредница“ за колективните права останува резервирана само за Грција.
Применувајќи го принципот на задолжителна деноминација добиваме и за националноста (во класичната смисла на поимот): „северномакедонско“ (односно се ускратува правото на националност, како колективно загарантирано меѓународно право). Оттаму, деноминаторот се однесува и на сите елементи на загарантираното меѓународно право на националноста, кое со Договорот од Преспа е ускратено! При деноминацијата на суверениот идентитет, односно суверениот културен идентитет, сите национални културни белези се ускратуваат, со тоа основните културни суверени права. Имено, деривативно добиваме:
1. Северномакедонски јазик,
2. Северномакедонска историја,
3. Северномакедонска култура и северномакедонска наука итн.
И нормално: северномакедонска нација и северномакедонски народ.
Со други зборови НАЦИОНАЛНОСТ (како колективното право во меѓународното јавно право) во „третата генерација меѓународни човекови права“ е поврзано и со сите културни права, па дури и со дефиниција на поимот „државјанство“, кој доби од контекстот исклучиво „граѓанска димензија“.
Имено, со Договорот од Нивици не е деноминирано само правото на државното име, туку и основното национално право на националниот идентитет и легитимен избор на истиот тој, кој е манифестиран пред сѐ преку:
1. Ускратено право на суверен национален идентитет и овде посебно се анулира и анихилира културниот национален македонски идентитет (кој добива само локално, условно и ограничено значење, односно нема универзален карактер, туку вештачки карактер, со што имплицитно се дефинира „вештачката нација“ создадена преку договорен компромис);
2. Со анулација на македонската националност (формално негирање на постоење на националност за Македонците, со лимитација што важи САМО за нас во меѓународната заедница, но не и за Грција), истовремено му се ускратува правниот идентитет на македонското малцинство во Грција, кое веќе по дефиниција НЕ Е МАКЕДОНСКО, а Грција добива право да го додефинира фактички како сака, со што се врши административна асимилација! Оттаму, Преспанската спогодба е НЕГАТОРСКИ (анулаторски) и АСИМИЛАТОРСКИ договор.


Колку аргументите на меѓународното право имаат одглас во меѓународната политика, поточно, иако меѓународното право по сите основи е на страната на Македонија и во врска со договорот со Грција, но и тој со Бугарија, сепак се дозволува негово флагрантно прекршување. Како да се бориме против тоа?
– Според мене, прекршувањето на еден етноциден договор (од која било страна), каков што е Спогодбата од Преспа, е комплетно небитно и правно нерелевантно. Во нашата политичка елита, пред сѐ кај опозицијата, за жал не е сфатено дека Преспанската спогодба е нелегален договор и дека почитувањето на актот од таков вид е само по себе бесмислено давање легитимитет на овој етноциден акт, односно на културниот геноцид направен со таков инструмент. Актот како што е Преспанскиот договор треба да се раскине, а не да се почитува и третира како легитимен и легален акт.
Во меѓународната политика меѓународното право ретко се почитува, но може да се смета дека доколку државата има подршката од мнозинството држави во ООН, тогаш меѓународниот морал (особено етичката осуда на сите видови геноцид, па и културниот геноцид и етноцид) може да претставува и да донесе една придвижувачка енергија за да се испочитува правдата, односно да се донесат правилни одлуки на меѓународен план. Имено, доколку ние еднострано ја раскинеме Преспанската спогодба потпишана со Грција (преку дипломатската раскинувачка нота пратена од наша страна до грчката влада и со една нота до ОН, со која ќе ги известиме ООН за овој чекор), тогаш мнозинството во Генералното собрание на ООН (во кое ниту една држава не може да користи ВЕТО) може да изгласа користење на името со кое во 1992 година аплициравме во ООН: „Република Македонија“. Ваквата одлука на Генералното собрание на ООН се донесува со просто мнозинство од присутните (во сала на Собранието) и од тие што гласале. Во Генералното собрание на ООН можеме со правилен дипломатски пристап од наша страна да имаме „морален импакт“!
Што се однесува на Договорот со Бугарија, овој идентитетски акт треба да се откаже со дипломатска „Отказна нота“, како што е, впрочем, предвидено во последниот член на истиот Договор за пријателство и соработка (потпишан во 2018 година). Но треба да се има предвид, дека овој „Договор“ (кој инаку не е создаден според принципот bona fide, исто како што не е ни Преспанскиот) не би претставувал поголем „проблем“ да не беше подоцна склучена Спогодбата од Преспа (2019). Имајќи го во предвид ова, најприоритетно за една патриотска власт треба да биде раскинувањето на Спогодбата од Преспа (2019) бидејќи со враќање или воспоставување на името „Република Македонија“ во ООН, сите бугарски стратегии и планови за асимилацијата (односно „бугаризацијата“) „ќе паднат во вода“.

Откако ќе се раскине Преспанската спогодба и потоа ќе се воспостави името „Република Македонија“ во ООН, најлесно ќе биде откажувањето или раскинувањето на шовинистичкиот Бугарски договор од 2017 година. Бугарскиот договор исто така, како и Преспанскиот, мора да се смета за асимилаторски и како таков акт со кој се прекршува културниот суверенитет, флагрантно мешајќи се во внатрешната јурисдикција на државата, мора да биде откажан односно раскинат.
Да деривирам поопшт заклучок: Сите „идентитетски договори“ секогаш се нелегални акти, бидејќи со нив се врши нелегален обид од страна (друга држава) за модифицирање („ампутирање“ или „инпутирање“ (друг) идентитет). Со Преспанската спогодба е анихилиран македонскиот изворен национален идентитет (односно направен е етноцид со нелегално ограничување на основното право на национален идентитет), а со Бугарскиот договор (од 2017 година) е поставен правен темел односно правна основа за замена на поништениот идентитет со туѓ (односно нивен, бугарски) идентитет, претставувајќи го својот (бугарски) идентитет како наш!
Како и во врска со Преспанската спогодба, моралната обврска на секој лидер на власта е да го раскине Бугарскиот договор, како вид на идентитетско насилство без преседан во модерната историја (со исклучок на Преспанскиот договор, кој претставува најбрутален вид на насилство врз националниот идентитет, без преседан во севкупната историја на цивилизацијата).


Може ли ваквите трудови, како овој што сега е објавен во меѓународното списание, да предизвикаат полемика и да сигнализираат на проблемот што сега го има Македонија, особено во обидите на Софија да наметне асимилаторски политики врз македонскиот народ?
– Полемиката во Македонија мора да се води пред сѐ во опозицијата, која има капацитет нешто да смени. Прво, челните луѓе на опозицијата, лидерите, мора да разберат дека меѓународната должност на една држава членка на ООН е раскинување или поништување на културоцидните и етноцидните договори, исто како што ова мора да се прави со сите нелегални и дискриминаторски акти. Второ, од фактот дека доминантните партии во Македонија не сфаќаат дека за „националниот идентитет“ не може да се преговара, ниту да се разговара, со цел промена на истиот тој, ме доведува до заклучок дека во академската и политичката елита не постои познавање дека „идентитетските договори се, по дефиниција, нелегални“. На пример, академската елита до вчера преговараше со Бугарите за Гоце Делчев, покажувајќи дека нема правно познавање за „предметите за кои не може да се преговара или разговара“, т.е. академски луѓе, научници немале познавање за поимот и дефиницијата на „културниот суверенитет“. Всушност, сите наши политички елити и дипломатијата од 1993 година до денес наивно, без познавање на основите на меѓународното право, преговараа за предмети(те) за кои не може и не смее да се преговара или разговара, како што е државноправниот идентитет (односно сувереното државно име, како суверениот национален идентитет). За државните имиња важат одредени општи и основни правни правила и принципи: (1) Државите немаат ексклузивни права на државните имиња;(2) Државните имиња не влијаат врз територијалните права и обврски на својата, како и на туѓа и друга држава, т.е. државното име во меѓународното право не може да се толкува како територијални претензии или иредентизам на една држава кон друга; (3) За државното име како правен идентитет и како елемент од меѓународноправниот субјективитет не е релевантна историјата или потеклото на народот, како ни физичките и популациските карактеристики на територијата за чијашто држава станува збор; (4) Спорови меѓу државите за државните имиња не (може да) постојат, бидејќи се работи за предмет што е во строга внатрешна надлежност на секоја држава, заштитена со Повелбата на ООН. Непризнавањето од една држава (во целина или елементите од субјективитетот) на друга поради какви и да е причини не може да се толкува како спор (или разлика) кога станува збор за инхерентните државни права. Во оваа смисла вмешувањето од страна на Организацијата на Обединетите нации или нејзина членка во ваквите основни права и надлежности (т.е. прекршувањето на јус когенс норми) не е дозволено според членот 2 од Повелбата на ООН.

Овие горенаведени правни принципи останаа „непознати“ за домашната академска, дипломатска и политичка елита, која поради незнаење или несакање „го туркаше прашањето за името под тепих“ и постојано сметаше дека може само да „разговара“, но не и да преговара. Поради ставањето на главата во песок (не сфаќајќи го фаличниот карактер на резолуциите со кои Македонија беше примена во ООН „како безимена“ delicto omissio), на крајот дојдовме до потпишување на Договорот од Преспа, со кој флагрантно се прекршува меѓународното право на суверените држави во ООН, како и основните колективни права на народот и особено неговиот национален идентитет. Треба посебно да забележам дека „признавањето на македонското национално малцинство во Грција“ е денес правно и административно оневозможено со Преспанската спогодба (како безидентитетно), бидејќи во Грција признавањето на „Македонци“ е спротивното со доминантната грчка политичка доктрина, која вели: „само Грците се Македонци!“, односно „во Грција нема Македонци!“ Имено, малцинството без идентитет нема правна спосoбност да се брани пред судот или другите управни или државни органи. Конечно, од наша страна и актуелниот вицепремиер Бојан Маричиќ јасно се изјасни по оваа прашање и објасни дека тој народ што живее преку граница е „грчка работа“ (односно потпаѓа под внатрешните работи на Грција, во кои ние не можеме да се мешаме).


Треба ли поголема активност во ваква насока и на домашните интелектуалци, и тие со свои трудови да го следат вашиот пример, да алармираат, да сигнализираат, да апелираат да се спречи една анахрона политика од страна на официјална Софија да стане основа за легално негирање и асимилирање на еден цел народ?
– Јас искрено не знам дали домашните интелектуалци имаат во Македонија капацитет да алармираат, но може евентуално да апелираат до раководството на опозицијата и на претседателскиот кандидат со најголемите шанси за победа проф. Гордана Силјановска-Давкова да вети во својата претседателска кампања еднострано раскинување на Преспанската спогодба со која флагрантно се поткопуваат државноста и суверенитетот, а посебно правната личност-субјективитетот на македонската држава, како и сите други чекори насочени кон делегитимизирање на нашиот македонски идентитет во ООН и меѓународните организации. Раскинување на Договорот може покрај влада или министер за надворешни работи да направи и претседателот на држава, со дипломатска нота за раскинување на договорот. Причина и основа за раскинување е докажаната етноцидна и културоцидна природа на Договорот, со кој се прекршува императивното право јус когенс. Според членот 53 од Конвенцијата за договорното право од 1969 година, кога договорот е склучен прекршувајќи ги јус когенс нормите, таков е ништовен (од моментот на создавање) и може да се раскине, дури и еднострано.
Но, познавајќи ги нашиве политичари, не очекувам многу од нив, а академската заедница, како што забележавме во претходните децении, ми се чини дека нема големо влијание врз донесување одлуки на политичките лидери. Останува да се апелира до лицата кои, како и досега, секогаш ваквите проблеми ги „туркале под килим“ и на крајот кога требало, под притисок од надвор, да ги решат т.н. „спорови“, тие ги „решавале“ на најштетен, па дури и нелегален начин, без свест дека прават нешто нелегално. Еве, денес и речиси сите лидери од опозицијата, поради сервилен однос или незнаење или, пак, несакање, не смеат или немаат капацитет да го класифицираат Преспанскиот договор како нелегален и јасно да се изјаснат за еднострано раскинување на истиот тој.
Основната претпоставка за запирање на процесот на бугаризација (поточно бугарска асимилација) и поврзано со ова воспоставување на името „Република Македонија“ (односно отстранување на сегашното, базирано врз Преспанскиот акт, „Република Северна Македонија“) е – раскинувањето на Преспанската спогодба! Како што кажа и поранешниот претседател Иванов, новиот Устав базиран врз Преспанскиот договор фигурира како „акт повисок од Уставот“, односно „Уставот се приспособува“.
По раскинувањето на оваа спогодба, неопходен чекор е да се извести генсекот на ООН. Потоа, државата мора да поведе акција преку предлог-резолуција на Генералното собрание на ООН за продолжување на членството на државата под името „Република Македонија“.
Се разбира дека Грција нема да седи со скрстени раце и ќе ги повика САД, Франција и Велика Британија да свикаат седница на Советот за безбедност на ООН бидејќи „Република Северна Македонија“ еднострано го раскинала Преспанскиот договор, со што ќе се обиде да ја наметне перцепцијата дека со тој чин „се загрозуваат регионалниот мир и безбедноста“.

Понатаму, во таа насока, Грција ќе бара од СБ да донесе препорака и одлука со која ќе ѝ наложи на Македонија дека мора повторно да се обврзе со истиот акт (Преспанската спогодба) или да седне на маса и да започне со нови преговори за идентитетот базирани врз договорот. Доколку Македонија цврсто застане на позицијата дека нема намера повторно да го склучи раскинатиот акт (што е суверена одлука на секоја држава или, пак, да преговара за новото име), маневарскиот простор на СБ на ООН е практично нула!
Имено, во споредба со 1993 година, Советот за безбедност на ООН нема да може да донесе:
1. Резолуција со која ќе ја наметне (повторно) привремена референца од каков било вид или да ја врати претходната референца БЈРМ (односно нема да може да ја воспостави „претходната состојба“ со наметната референца, бидејќи сега ги немаме истите околности – проблемот со референцата БЈРМ не заврши во СБ на ОН, туку во регистарот на ОН како спогодба од небезбедносен, поточно административен/несуштински карактер), а и нема да има консензус меѓу големите сили со различни доктрини околу суверенитетот на државите, особено Русија и Кина нема да бидат индиферентни и да допуштат „интерферирање во внатрешните работи“ (се разбира водени од своите интереси);
2. Резолуција со која ќе се бара „оваа држава“ (РСМ) повторно да ја склучи истата спогодба, бидејќи СБ нема надлежност за овие суверени домашни (уставни) прашања и нема да има минимум консензус меѓу големите сили, од кои двете (Русија и Кина) ја базираат својата надворешна доктрина врз основа на апсолутен суверенитет за секоја држава членка на ООН. Имено, суверено право на секоја држава е да склучува и да раскинува договори и суверено да го определува или менува своето државно име, а органите на ООН немаат надлежност да се мешаат во тие одлуки, кои се во строга внатрешна надлежност на секоја држава;
3. Резолуција со која ќе наметне нови преговори околу државното име (ова е практично невозможно), освен ако самата држава имплицитно или експлицитно не даде некаков вид согласност за преговори или (ре)преговарање околу истата (апсолвирана) материја, за што и самата Грција нема да се согласи, како што и Македонија не смее да даде никаква согласност, од каков било вид (ниту „премолчено“) дека ќе го репреговара новото име на државата. Македонија мора да инсистира на име со кое аплицираше во ООН во 1993 г., како единствено легитимно име на нацијата и државата (за кое народот дал согласност и кое не беше резултат на надворешното интерферирање или надворешен договор).