Албанија: Пионери во примената на вештачката интелигенција, но по која цена?

Премиерот Еди Рама објави во декември 2023 година дека Владата ќе го користи ЧетГПТ за да го забрза процесот на интеграција во ЕУ и, иако деталите за тоа се речиси непознати, „пипалата“ на вештачката интелигенција се шират и во другите делови на албанското општество и управување. ЧетГПТ е јазичен модел што користи вештачка интелигенција и кој е развиен од поранешната главна службеничка за технологии, а сега извршна директорка на „ОпенАИ“, Мира Мурати, и нејзиниот тим. Беше воведен во 2022 година и направи револуција во многу сектори, вклучувајќи и во новинарството, академската заедница, маркетингот, науката, математиката, како и во политиката, при што во исто време беше и блескаво фален, но и мошне критикуван. Мурати е Албанка родена во јужниот приморски град Валона, недалеку од местото од каде што потекнува мајката на Рама. Таа избегнува публицитет и генерално одбива да дава коментари за медиумите. Но, на почетокот на декември, премиерот изјави дека имал договорено телефонски разговор со Мурати каде што ја споделил со неа оваа нова идеја.
– Слушнав пријателски глас што го скрши мразот и се осмелив да побарам помош од неа со цел Албанија побрзо да се подготви за членство во ЕУ. Таа се насмеа и мислеше дека се шегувам – рече тој. На крајот, рече Рама, „таа се согласи“ и беше формиран заеднички тим помеѓу „ОпенАИ“ и Националната агенција за информатичко општество (АКСХИ).
Албанија е најпроевропски ориентирана земја во Европа. Поддршката за членство во ЕУ изнесува 97 отсто и покрај тоа е во чекалницата на ЕУ веќе 14 години.
Албанија аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година и е земја кандидат за членство од 2014 година. Еден дел од процесот на пристапување значи да се заврши огромна задача во смисла на преведување на законите на ЕУ на албански јазик, а потоа нивно транспонирање во локалното законодавство, со што ќе се обезбеди дека сè е усогласено – станува збор за процес што може да потрае неколку години за да биде завршен. Рама рече дека користењето на ЧетГПТ ќе ја елиминира потребата од регрутирање „армија од преведувачи и баталјон од адвокати, што би чинело милиони евра“ и ќе го забрза процесот. Премиерот додаде дека на 13 декември на самитот на ЕУ во Брисел ќе го претстави овој проект (и неговото успешно тестирање) за „Албански модел на вештачка интелигенција за транспонирање на законодавството, кое има вкупно 280.000 страници и ги содржи правните мерки на ЕУ“. Меѓутоа, оттогаш досега во јавноста не се појавија други вести во врска со идејата за ЧетГПТ, освен распишувањето тендер во вредност од 2,6 милиони евра за „Користење вештачка интелигенција во процесот на транспонирање на европското право со цел интеграција во ЕУ“.

Според документацијата од оваа постапка, „општата цел на проектот е имплементација на технологија за вештачка интелигенција во јавните институции за да се забрза процесот на транспонирање на актите на ЕУ. Обезбедувањето на оваа услуга преку користење на способностите на НЛП (Natural Language Processing) ќе овозможи автоматизација, агрегација и селекција на сите акти/закони донесени од ЕУ и пристап до нив во секое време и од кој било уред од страна на сите актери што се вклучени во овие процеси“.
Поточно, според АКСХИ, оваа автоматизација значи додавање на вештачката интелигенција, како технологија, кон јавните институции за цели на управување со барања и обезбедување на бараните информации од актите на ЕУ до сите корисници на платформата во текот на проектот. Во тендерот не се спомнуваат ЧетГПТ, „ОпенАИ“ или Мурати, а прашањата испратени до компанијата дали сè уште ќе работат со Владата на овој проект остануваат неодговорени.
Во август 2023 година, албанската влада објави дека ќе започне да користи вештачка интелигенција за креирање услуги што ќе ја дополнат јавната администрација, а сето тоа преку платформата за владини услуги „е-Албанија“. Системот има виртуелен оператор што користи вештачка интелигенција за да даде одговори во реално време. Рама, исто така, објави дека вештачката интелигенција ќе замени голем дел од услугите на локално и на национално ниво, особено во јавните набавки, во обид да се сузбие корупцијата.
– Без оглед на тоа колкав број корумпирани поединци ќе бидат казнети со оваа нова правда, корупцијата ќе продолжи да биде проблем сè додека модернизацијата и квалитетот на услугите не го достигнат степенот на трансформација. Но ова време ни го даде благословот на дигиталната технологија и вештачката интелигенција – рече тој. Опишувајќи ги постојните процеси за набавки како „архаични“ и како процеси што вклучуваат преголем број службени лица, тој рече во рамките на овој мандат „ќе воведеме набавки со користење вештачка интелигенција… бидејќи податоците ќе бидат преземени од вештачката интелигенција, а не од поединецот или компанијата, и тоа ќе биде транспарентно за сите“.
На последниот ден од 2023 година беше ставена во функција платформата Виртуелен асистент 1.0, која треба да биде „најновото технолошко решение осмислено да им помогне на граѓаните да добиваат јавни услуги преку рационализирање и забрзување на интеракцијата со државата и јавните институции“. Владата исто така соопшти дека во текот на 2024 година ќе биде ставен во функција и Виртуелниот асистент 2.0 – четбот активиран со глас и слика што самостојно ќе го обработува и ќе го комплетира целиот процес на аплицирање за секое барање од корисник во однос на документи и јавни услуги.

Потоа, на почетокот на февруари, новиот Закон за јавни набавки помина на парламентарната Комисија за економски прашања. Овој закон се однесува на нов систем, кој автоматски ќе ги оценува понудувачите во тендерска постапка и ќе го избира победникот врз основа на критериумите и ситните букви на секоја понуда. Исто така, системот автоматски ќе ги исклучи операторите што немаат регистриран краен вистински сопственик или имале претходни прекршувања на законодавството за работни односи. Иако е веројатно дека ни претстои поголем степен на интеграција на вештачката интелигенција, прашањето за етика на вештачката интелигенција е прашање што сè уште не е решено.
Кога беше објавена идејата за ЧетГПТ-ЕУ, имаше некои засегнати страни, кои предупредија за опасноста од спроведувањето на еден таков проект без притоа да има донесено закони за вештачка интелигенција или стратегии на ниво на државата. Владата изјави за БИРН дека тие би користеле меѓународно регулиран модел и дека ги разгледала мерките во врска со етичката и одговорна употреба на вештачката интелигенција. Во коментарите дадени на платформата, засегнатите страни повторија дека таа само ќе користи јавни податоци и ќе има функција на помошна алатка, но нема да биде заменско решение, во обид да се зголемат продуктивноста и ефикасноста.
Кога станува збор за преведување и транспонирање закони, етичката употреба на вештачката интелигенција можеби не е проблем, но кога станува збор за други планови во перспектива, таа станува неопходност. Во однос на интеракцијата на вештачката интелигенција со граѓаните и постапувањето со лични податоци, како што е примерот со виртуелен асистент, прашањето во врска со непостоењето правни регулативи добива на актуелност, и тука се најгласни не само специјалистите по дигитални технологии и активистите од граѓанското општество туку и други.

Во меѓувреме, во февруари, земјите членки на Европската Унија постигнаа договор во врска со Законот за вештачка интелигенција, кој претставува значајна легислатива за ставање под надзор на оваа новоформирана област и со кој се поставуваат правила за нејзина употреба и имплементација во рамките на целиот блок. Иако конечното одобрување не се очекува да се случи барем до април, овој закон ќе реши голем број постојни сиви зони и ќе ги заштити компаниите и поединците од злоупотреба на нивните информации и податоци.
Кога станува збор за Албанија, државата се надева дека ќе ја користи вештачката интелигенција за да ѝ помогне да се приклучи на ЕУ, но загриженоста во врска со правилата и понатаму е присутна, а единствените сеопфатни правила што постојат денес се обврзувачки за блокот во кој се надева дека ќе стане членка. Без разлика дали станува збор за ЧетГПТ, „Мајкрософт“ или за некој трет понудувач, Албанија е категорична во тоа да стане регионален лидер во користењето на вештачката интелигенција. Но како и во однос на другите нешта, сè се сведува на спроведување и почитување на демократските вредности, човековите права и приватноста и интегритетот на податоците на граѓаните.

Алис Тејлор

(республика.еду.мк)