Фото: ЕПА

Тоа беше втор триумф на Ферстапен сезонава, а деветти во низа. Берман, кој го замени Саинц, со 18 години стана најмладиот британски возач во историјата на Ф1 и трет најмлад воопшто досега, а го освои седмото место

ФОРМУЛА 1 – ПО ПОБЕДАТА НА ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА САУДИСКА АРАБИЈА

Возачот на Ред Бул, Холанѓанецот Макс Ферстапен, победи на трката за големата награда на Саудиска Арабија во Формула 1, а Британецот Оливер Берман со Ферари освои поени на своето деби со пласманот на седмото место. Победата на Ферстапен беше негова втора во двете трки годинава (првата во Бахреин), негова деветта во низа, серија што датира од септември лани, а вкупно 56-та во кариерата.
Остварувајќи еден-два победа со тимскиот колега, Мексиканецот Серхио Перез (заостана 13,643 секунди), тој ја продолжи огромната супериорност во Формула 1 речиси две години. Британските медиуми потсетуваат дека ова е 30-та двојна победа за Ред Бул. Третото место го освои Шарл Леклер од Монако со Ферари, кој задоцни 18,639 секунди.
Берман, кој го замени Шпанецот Карлос Саинц поради операција на слепото црево, на 18 години стана најмладиот британски возач во историјата на Ф1 и трет најмлад воопшто досега. Тој возеше зрело за да го одбрани потенцијалниот предизвик од Британецот Ландо Норис од Мекларен и неговиот сонародник Луис Хамилтон од Мерцедес, додека тие се бореа по доцните застанувања во боксот за нови гуми. Берман, кој беше прогласен за возач на денот во гласањето на публиката, ја почна трката од 12-та позиција.
– Тој целосно го заслужува тоа. Во квалификациите заврши неверојатна работа. Да завршите седми на вашата прва трка во Ф1 со нов болид е неверојатно импресивно. Сите забележаа колку е талентиран и прашање на време е кога ќе биде во Ф1 – рече Леклер, пренесе „Би-би-си“.
По две трки, Ферстапен, кој 34-ти пат беше прв на стартната позиција, а ја оствари вкупно 56-та победа во кариерата, веќе има 15 поени предност во шампионатот пред Перез, во трка за четвртата шампионска титула кај возачите.
– Ова беше фантастичен викенд за целата екипа и за мене. Се чувствував многу добро во болидот, а истото беше и на трката – рече Ферстапен.
По две трки, Ферстапен води со 51 бод, а потоа се Перез со 36, Леклер со 28… Кај конструкторите прв е Ред Бул со 87 поени, пред Ферари со 49, Мекларен со 28…
Третата трка од 24-те сезонава е за големата награда на Австралија на 24 март, во Мелбурн. Г.И.