Премиерата на претставата „Писание“ беше изведена пред полната сала, од 200 гледачи, а раководителката на студиото „Словото“, Весна Димитрова–Бобевски, очекува да има уште изведби, како во Велес, но и гостувања на театарски фестивали во земјава за оваа возрасна категорија
Во саботата, 2 март, во салата на Општина Велес, беше изведена премиера на претставата „Писание“. Претставата, со пораки и сцени што бараа голема актерска умешност ја изведоа учениците од драмското студио „Словото“, под менторство на актерката Весна Димитрова–Бобевски, која ја направи и адаптацијата на текстовите што беа вкомпонирани со една сценска компилација, со заедничка нишка во пораката – што е тоа судбина?
Дали судбината ни е напишана од самото раѓање или сами си ја предизвикуваме и можеме да ја менуваме, е главниот лајтмотив на оваа претстава, која ја изведоа малите актери (со голема поддршка и учество и на сцената на нивната менторка, која ја нарекуваат „тетка Весна“), кои успешно се изборија со сложената актерска задача, полна со прашања и размисли, кои се достоен предизвик и за возрасните.
Во претставата се поврзани повеќе аспекти на третирање на животот, преку животните приказни на Александар Македонски, Филип Втори, Кочо Рацин, апостол Павле, но и на ликови од современата македонска литература, како судбината на Велика од романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски. Дилемата што им ја остава оваа претстава на гледачите е – дали сите овие ликови ја живееле неизбежната судбина или не…, како впрочем и сите ние.
Премиерата на претставата „Писание“ беше изведена пред полната сала, од 200 гледачи, а раководителката на студиото „Словото“, Весна Димитрова–Бобевски, очекува да има уште изведби, како во Велес, но и гостувања на театарски фестивали во оваа возрасна категорија. Ј.П.