Откако е активирана иницијативата за репроцесирање на хашките случаи, во македонската јавност се провлекува и една дефетистичка нишка дека по дваесетина години од случувањата, правдата за жртвите на овие злосторства е тешко остварливо сценарио поради објективни причини, пред сѐ недоволно докази за сторителите и недостиг од сведоци, па и „недостапност“ на жртвите. Но, предизвикот за Македонија со процесирањето на хашките случаи е многу поголем за да замижи пред него со дефетизмот дека „задоцнетата правда, всушност, не е правда“. Со процесирањето на хашките случаи, Македонија треба да ги докаже своите капацитети за да биде правна држава и да овозможи владеење на правото и дека правдата не е средство за политичка трговија
Приказната со македонските „хашки случаи“ не е завршена
Како најочигледна правна пречка за судско процесирање на т.н. хашки случаи, т.е. судските предмети со воени злосторства против човештвото од оружениот конфликт во Македонија во 2001 година, најчесто се наведува автентичното толкување на Законот за амнестија, донесен од македонското собрание во 2011 година. Тоа автентично толкување се чини дека е аргументот на актуелниот технички премиер Талат Џафери да каже дека „таа приказна е завршена, законите се донесени“, како реакција на препораката до македонската влада од комесарката за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, за обновување на судските процеси во македонското правосудство. Според Мијатовиќ, активирањето на овие судски процеси треба да се случи со укинување на автентичното толкување. Во дописот на комесарката за човекови права при Советот на Европа се нагласува дека таквите процеси претставуваат „клучни чекори што треба да се преземат, а кои ќе го подобрат почитувањето на правата на жртвите и ќе промовираат инклузивен пристап заснован на човекови права за справување со минатото во регионот“.
Автентичното толкување е неважечко и нема правна сила, зашто е во спротивност односно ги прекршува македонскиот устав и Женевската конвенција
Во нашите разговори со повеќе професори, правници, адвокати, судии и обвинители, во основа правни експерти, сите се согласуваат дека „автентичното толкување е неважечко и нема правна сила, зашто е во спротивност односно ги прекршува македонскиот устав и Женевската конвенција, со која се дефинира дека воените злосторства против цивилите не застаруваат“. Исто така, се цени дека автентичното толкување погрешно го толкува Законот за амнестија, зашто структурата на законот од 2002 година никако не ги „покрива“ злосторствата против цивили, ниту предметите испратени до Хашкиот трибунал. Со Законот за амнестија јасно се изземени овие четири случаи на злосторства против човештвото (подоцна наречени „хашки случаи), а со автентичното толкување несмасно се настојува да се покрие таквата правна празнина.
Професор Шкариќ: Законот за амнестија од 2002 година е неподобен за автентично толкување
Во јавноста не стивнува шумот, а правните експерти ги искажуваат своите гледишта за отстранување на правната пречка наречена автентично толкување на Законот за амнестија.
– Автентично толкување на законот е појаснување на веќе донесената норма, ако таа содржи празнина или ако е двосмислена и нејасна. Толкувањето мора да го следи духот на законот, да не му противречи и да не претставува нова норма. Само под тој услов толкувањето може да биде дел од законот и да има повратно дејство. Автентичното толкување од 2011 година претставува нова норма, различна од членот 1 од Законот за амнестија од 2002 година. Тоа е видливо за секој што сака да види. Јасно се гледа дека толкувањето се потпира врз минато време, а Законот за амнестија од 2002 година врз идно време. При оцената на уставноста на автентичното толкување на Уставниот суд нема да му биде тешко да го согледа конфликтот меѓу автентичното толкување такво какво што е објавено во „Службен весник“ на 22 јули 2011 година и Законот за амнестија од 2002 година. Потребно е само да се послужи со граматичко толкување на нормите, да се потпре на граматиката, а не врз политиката – изјави универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ за прашањата во врска со уставноста и законитоста на автентичното толкување.
Професорот Шкариќ е категоричен дека „Законот за амнестија од 2002 година е неподобен за автентично толкување“!
Автентичното толкување на Законот за амнестија
Врз основа на членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 19 јули 2011 година, даде АВТЕНТИЧНО ТОЛКУВАЊЕ НА ЧЛЕНОТ 1 ОД ЗАКОНОТ ЗА АМНЕСТИЈА („Службен весник на Република Македонија“ број 18/2002)
Членот 1 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ број 18/2002) гласи: Со овој закон се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната затвор (во натамошниот текст: амнестија), граѓани на Република Македонија, лица со законски престој, како и лица кои имаат имот или семејство во Република Македонија (во натамошниот текст: лица), за кои постои основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година. Амнестијата се однесува и на лица кои и пред 1 јануари 2001 година, подготвувале или сториле кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година. Со амнестијата од ставовите 1 и 2 на овој член: – се ослободуваат од гонење за кривично дело според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија лицата за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година; – се запираат кривичните постапки за кривични дела според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија против, лицата за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година; – потполно се ослободуваат од извршување на казната затвор за кривични дела според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија лицата кои подготвувале или извршиле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година; и – се определува бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата заклучно со 26 септември 2001 година. Одредбите од ставовите 1, 2 и 3 на овој член не се однесуваат на лицата кои извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година, кои се во надлежност и за кои Меѓународниот трибунал за гонење на лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година ќе поведе постапка. Членот 1 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ број 18/2002) треба да се толкува така што амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година, освен за лицата што извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година, а против кои Меѓународниот трибунал за гонење лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година, повел постапка.
Македонските судови можат веднаш да постапат по препораката на комесарката за човекови права при Советот на Европа
Откако е испратена препораката на Советот на Европа до македонската влада за укинување на автентичното толкување на Законот за амнестија, конкретна инцијатива до Уставниот суд поднесе Павле Трајанов, претседателот на партијата Демократски сојуз, во која се бара од судот да ги отстрани правните пречки за процесирање на судските случаи за воени злосторства против цивили извршени во 2001 година од учесници во паравоени формации. Тоа се предметите: „Мавровски работници“, „Водство на ОНА“, „Гробници во Непроштено“ (случај со 12-мина исчезнати и киднапирани лица во Тетовско и Кичевско), „Липковска брана“. Овие предмети беа вратени во 2008 година од Трибуналот во Хаг за гонење лица одговорни за тешко прекршување на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година, за да бидат процесирани во македонското правосудство. За водење таква сложена судска постапка за воени злосторства против човештвото, кои не застаруваат, македонски судии одеа на обуки во Трибуналот во Хаг, во затворските единици во Македонија беа подготвени т.н. хашки ќелии за да соодветствуваат на условите на затворениците, т.е. обвинетите од хашкиот трибунал… Според учесници во процесот на испраќање на овие судски предмети во Хаг, Трибуналот имал особен интерес самиот да поведе постапка за случајот „Мавровски работници“. Сепак, денешната состојба на овие предмети е дека по враќањето од Хаг на судските инстанци во Македонија, сите процеси се запрени со стапувањето во сила на автентичното толкување на Законот за амнестија во 2011 година.
Одредени правни експерти со долгогодишно судско-обвинителско искуство ценат дека македонските судови можат веднаш да постапат по препораката на комесарката за човекови права при Советот на Европа и да ги активираат хашките случаи по сила на Законот за кривичната постапка.