По седум години Работнички стана прволигаш. Карановиќ на 16- годишна возраст заедно со своите врсници стигна до првиот триумф на балканијадите. Незаборавни години во Работнички, петто место со Југославија на младинското ЕП во Франција
Зоран Карановиќ (2)
Почетокот на кариерата на одбојкарот Зоран Карановиќ помина како што впрочем поминуваа стартните години на сите млади спортисти во Македонија. Ентузијазмот и младешкиот занес ги потпалуваа нивните страсти и сите посакуваа преку спортот да се афирмираат и да бидат забележани во друштвото. Некои успеваа во тоа, други не. Карановиќ за негова среќа беше од онаа прва група. Тој, благодарејќи пред сѐ на талентот што го имаше, но и со својата голема настојчивост, уште од млади години најави оти во него се крие одбојкар со големи можности и убава иднина. Стручњаците, меѓу кои и тренерот Војче Синадиновски, кој беше создаден да создава врвни одбојкари, веднаш забележаа оти во ова момче се кријат големи потенцијали, кои може да го исфрлат на површина. И навистина во годините што доаѓаа, тоа и се покажа, па Карановиќ стана една од препознатливите фигури, што се појави на одбојкарската сцена во 70-тите години од минатиот век.
Овој пат ќе се обидам преку највпечатливите негови настапи да го обележам неговиот спортски живот.
Нов ден – нова авантура
За тоа како изгледаа почетоците на Карановиќ и неговите другари веќе пишував. Тој беше еден од главните играчи на Работнички, кој предводен од легендарниот тренер Војче Синадиновски, по седум години напорна работа, конечно, по Вардар, стана вториот одбојкарски прволигаш од Скопје.
– Поминавме низ многу неизвесности, но никогаш не се предававме. Одевме напред со единствена желба еден ден да станеме прволигаши. Но морам да кажам оти сето тоа не беше ни малку лесно. За да ја оствариме целта требаше да поминеме еден трнлив пат. Но кога ќе се успее, сите маки се забораваат. Така, откако пет години се калевме низ мечевите во Македонската лига, стигнавме и до Втората југословенска лига. Во посилната конкуренција рамноправно се носевме со противниците, но на првите квалификации во Нови Сад не успеавме да се пласираме во елитното друштво. Сепак, тие настапи за нас беа од голема корист. Ја чекавме втората шанса. Веќе следната година, овој пат во Шабац, повторно настапиме во квалификациите. Таму, покрај нас, учествуваа уште Јединство од Стара Пазова, Фужинар и Риека. Во почетокот загубивме од Јединство, кое во своите редови го имаше Елезовиќ, кој беше еден од најдобрите југословенски одбојкари. Но овој пораз како да нѐ мотивира и во решавачкиот дуел дури по пет исцрпувачки сета ја победивме Риека и станавме прволигаши. На радоста ѝ немаше крај, дури по седум години желбата ни се исполни. Нашиот успех беше со голема радост примен, не само во Скопје туку во цела Македонија. Тоа беа незаборавни моменти за славење, кои сите нѐ правеа многу горди. Најсреќен беше, сепак, кормиларот Војче Синадиновски, кој покажа и докажа оти е голем тренер. Многумина тогаш се уверија дека успехот со Вардар во 60-тите години не бил случаен. Од неговото време на сите ни остана во меморијата она неговото – „нов ден – нова авантура“. Тој со ова сакаше да каже оти тоа што било поминало, а сега треба да се свртиме кон она што нѐ очекува. Затоа и доколку доживееме пораз треба да бидеме силни и да гледаме напред и со желба за успех да влеземе во следната авантура – вели Карановиќ.
Во времето кога ОК Работнички ги доживуваше своите ѕвездени мигови претседател на клубот беше Владо Ковачев, кој беше директор на успешната фирма „Караорман“.
– Од аспект на финансиите немавме никакви проблеми, а нам ни остануваше само да тренираме и да се подготвуваме за новите битки – вели тој.
Победен и Партизан
Почетокот на прволигашките натпревари не беше ни малку охрабрувачки за Работнички. Во првите три меча беа претрпени исто толку порази, а следен противник во „Кале“, во Скопје, требаше да биде Партизан, кој беше многу силен и единствен учесник во сите шампионати на поранешната држава.
– Никому не требаше да му кажуваме оти ќе ни биде многу тешко, тоа сите го знаеја. Но прашање беше како и до која мера ќе може да му се спротивставиме на силниот ривал. Можеби токму фактот што сите нѐ сметаа за аутсајдери беше пресуден. Се заинативме и одигравме еден би рекол спектакуларен меч. По почетното разочарување и загубениот прв сет израмнивме, а потоа и поведовме. Но Партизан не се предаваше и израмни, па победникот се бараше во петтиот сет. Во него, потпомогнати од илјадната публика, се разигравме и го освоивме. На крајот и самите не можевме да веруваме што ни се случи. Го совладавме Партизан. Ваков исход малкумина се осмелуваа да прогнозираат, но, ете, чудото се случи. Така пооптимистички ги продолживме настапите во елитното друштво. Се уверивме дека може рамноправно да се носиме и да ги победуваме и најсилните ривали – рече Карановиќ.
Деби со злато на Балканијадата
Ова беше време исполнето со одбојкарска возбуда, но и време во кое се случуваа многу интересни работи.
– За мене многу изненадувачки беше повикот да настапам за младинската репрезентација на Југославија. Бев среќен и просто не можев да поверувам оти со 16 години ќе станам репрезентативец. Првото патување на репрезентативниот собир во 1974 година посебно ми остана во сеќавањата. За да стигнам во закажаното време на собирот во Славонски Брод го фатив првиот воз од Скопје. Патував со втора класа, тоа не беше ни толку битно за мене, важно беше оти одам да играм за репрезентацијата. Пред салата во Славонски Брод стигнав уште во утринските часови. Тука ги очекував моите идни репрезентативни другари, кои кога ме видоа многу се изненадија, како да сакаа да прашаат „што правиш ти тука, уште од рано наутро“. Ги кренав рамениците и им одговорив дека нив ги чекам. Сите се насмеаја и веднаш ме прифатија во нивното друштво во кое бев најмлад. Инаку, се познавав со нив и од дуелите што ги имавме, кога настапувавме за своите репрезентации на Партизанската олимпијада во Фоча и на традиционалниот Куп на републиките и на покраините – вели Карановиќ.
Интересно е оти на Балканијадата во Славонски Брод младинската репрезентација на Југославија првпат триумфира и стигна до златниот медал. Дотогаш на лидерското место постојано се менуваа Бугарите и Романците.
– Овде, конечно беше прекината нивната доминација. Потоа во истиот состав, настапувавме во следните четири години. Тие натпревари многу ни помогнаа да го кренеме својот квалитет и рамноправно да се носиме со сите противници. Бугарите и Романците повеќе не беа толку доминантни, па и три години подоцна ги совладавме. Тогаш се подготвувавме и за настап на Европското младинско првенство во Монпелје, на кое го освоивме петтото место. Тренер ни беше Дарко Калајџиќ, а во стручниот штаб значајно место имаше и Таки Џиков. Подготовките често ги надгледуваше и првиот стручњак во Одбојкарскиот сојуз на Југославија, Лазар Гроздановиќ. Сето тоа најубаво покажува со колкава сериозност се работеше со нас, надежните одбојкари. Инаку, од тој состав подоцна излегоа многу познати имиња, па, еве, да споменам некои од нив: Вујовиќ, Терзиќ, Трифуновиќ, Митиќ, Филипанчиќ, Лечник, Ковачевиќ и други – вели Карановиќ.
Тренер и играч во Работнички Фершпед
Со оглед на тоа што беше далеку од центрите каде што се креираше одбојкарската политика Карановиќ почувствува оти сениорската репрезентација за него ќе биде само сон. Затоа, дојде во родната Струмица и таму ја доживеа својата играчка зрелост. Неговото задоволство, пак, беше уште поголемо кога во втората половина од 80-тите години струмичани се натпреваруваа во Првата југословенска лига. Така му се укажа шанса повторно, овој пат играјќи еден спроти друг, да се сретне со своите репрезентативни другари од младинските денови.
– Кога ќе се видевме секогаш се потсетувавме на она време, кога ги браневме боите на нашата поранешна држава. Тие моменти длабоко се врежани во мојата меморија и никогаш нема да избледнат. Пред залезот на мојата кариера отидов во велешки Борец, а кога веќе почувствував оти треба да се збогувам со активното играње, по мој предлог, а по иницијатива на одбојкарскиот судија Тодор Хаџи Бошков, му предложив на Фершпед да формираме одбојкарски клуб што ќе се вика Работнички Фершпед. Идејата веднаш беше прифатена од одговорната во овој ресор во фирмата „Фершпед“, Кираца Трајковска, и така заживеа новиот клуб, во кој во почетокот бев тренер и играч, а потоа се посветив само на тренерската работа. Направив една селекција од играчите што во тој момент беа слободни, меѓу кои беа Ангеловски, Поповски, Јовановски и други. Клубот успешно го продолжи својот пат, стана шампион на Македонија и даде многу репрезентативци. Кога почувствував оти е време да се повлечам, го сторив тоа во 1993 година. Но бидејќи сум човек што не може без одбојката останав во овој спорт и помагав, дури и во најтешки услови одбојката продолжи да вирее. Почнавме да постигнуваме добри резултати со сениорската репрезентација, а мојата радост беше уште поголема кога ја отворивме вратата и за настап на европските шампионати – вели Карановиќ.
Зоран Карановиќ со сето она што го има сторено во одбојкарскиот спорт, како активен играч, тренер, а подоцна и функционер, обезбеди место во македонската спортска историја.