Деновиве целото македонско општество се крена на нозе за да обезбеди средства за рехабилитација на повредено дете бидејќи државата одби да го направи тоа, исто како што со години одбива да им помага на многу други очајни граѓани на кои единствена надеж за лекување им е хуманоста на граѓаните. Од тие причини, повторно се наметнува дилемата дали медиумските кампањи на партиите треба да се плаќаат со народни пари или, пак, партиите, кои сиве овие години добиваат пари од државата за предизборните кампањи, да се обидат сами да си го покријат медиумското претставување
Идеи за поодговорен пласман на народните пари наместо за негативно политичко рекламирање
Со години политичките партии во земјава добиваат милиони евра народни пари за рекламирање во пресрет на секои избори. За возврат граѓаните добиваат црна кампања, во која наместо да се говори за програми, проекти и идеи, слушаат само навреди, клевети и говор од најприземен тип меѓу одредени политички опоненти.
Можеби сето ова во овие времиња на целосно девалвирани вредности донекаде ќе можеше и да се разбере ако партиите самите си го финансираа рекламирањето во медиумите, но нерезонски е државата да ги финансира партиите тие да се препукуваат меѓу себе, а народот да ги плаќа нивните пресметки и да мора сето тоа да го гледа и да го слуша.
Со години политичките партии во земјава добиваат милиони евра народни пари за рекламирање во пресрет на секои избори. За возврат граѓаните добиваат црна кампања, во која наместо да се говори за програми, проекти и идеи, слушаат само навреди, клевети и говор од најприземен тип меѓу одредени политички опоненти.
Можеби сето ова во овие времиња на целосно девалвирани вредности донекаде ќе можеше и да се разбере ако партиите самите си го финансираа рекламирањето во медиумите, но нерезонски е државата да ги финансира партиите тие да се препукуваат меѓу себе, а народот да ги плаќа нивните пресметки и да мора сето тоа да го гледа и да го слуша.
Сите досегашни искуства говорат дека финансирањето на медиумските кампањи на политичките партии се попусто потрошени пари, наместо буџетските средства да се искористат одговорно, за многу пополезни нешта важни за граѓаните.
Контроверзно е за лекување деца државата пари да нема, за црни кампањи да има
Имено, деновиве буквално целото македонско општество се крена на нозе за да обезбеди средства за рехабилитација на повредено дете бидејќи државата одби да го направи тоа, исто како што со години одбива да им помага на многу други очајни граѓани на кои единствена надеж за лекување им е хуманоста на граѓаните и кои секој ден бараат донации поради маката што ги затекнала.
Од тие причини повторно се наметнува дилемата дали медиумските кампањи на партиите треба да се плаќаат со народни пари или, пак, партиите, кои сиве овие години станаа исклучително богати, можат сами да си го платат медиумското претставување.
Досегашните аргументи дека ако се дозволело партиите сами да се финансираат за рекламирање, ќе се овозможел влез на пари од непознати извори, едноставно повеќе не држат вода, бидејќи државата има инструменти целосно да го следи текот на парите и веднаш да утврди од каде и како завршиле на нечија сметка.
– Поголема глупост од тоа ние да го финансираме рекламирањето на партиите по медиумите не сум видел. Не знам дали вакво нешто постои во нормална држава. Па, нашиве најголеми партии изминативе три децении станаа толку моќни корпорации богатејќи се од разни тендери, анекси и какви ли не манипулации, што самите можат без проблем да си ги финансираат кампањите, нема зошто државата да им го плаќа рекламирањето. Нека трошат свои средства за плукање по медиумите, а не пари на граѓаните. И уште една работа, лично сметам дека треба да им се ограничи буџетот за рекламирање до одредена сума и тоа да важи за сите партии, со што кампањата ќе добие на квалитет, бидејќи никој нема да сака да потроши повеќе пари на спотови за плукање на противникот, а да му останат помалку за промоција на сопствената програма. Дополнително, така и помалите партии ќе добијат фер медиумски третман – вели Николче Стојчевски, финансиски консултант.
Партиите не сакаат промена на Изборниот законик
Со промена на Изборниот законик во 2018 година, буџетот преку Државната изборна комисија (ДИК) ги покрива сите трошоци за предизборна пропаганда на партиите, а со оглед дека станува збор за буџетски средства, значително пораснаа и партиските апетити за рекламирање.
Можноста да се трошат огромни буџетски суми за предизборно рекламирање на партиите ја дава токму Изборниот законик, кој партиите упорно избегнуваат да го променат и покрај препораките на ОБСЕ/ОДИХР, кои инсистираат да се прекине практиката околу финансирањето на политичкото рекламирање.
Министерството за правда уште на 11 декември минатата година информираше дека измените на Изборниот законик во кои се вградени препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а со кои се предвидува платеното политичко рекламирање да не биде веќе на товар на државата, се готови и работната верзија ќе биде доставена до сите парламентарни партии во Собранието, но таму работата запна и нема никакви сигнали дека сега, на две месеца пред избори, ќе се чепка што било во Изборниот законик.
Инаку, измените предвидуваат да се избрише членот 76-д од Изборниот законик, односно се предлага напуштање на постојниот модел за финансирање на платеното политичко рекламирање со средства од буџетот на државата.
По последните избори, најмногу народни пари зедоа трите најголеми партии, кои освоија и најмногу гласови на последните избори, ВМРО-ДПМНЕ – 1.491.000 евра, СДСМ – 1.323.000 евра и ДУИ – 677.800 евра. Следуваат помалите партии, како на пример Левица, со вкупно 14.533.000 денари или 236 илјади евра, Беса добила 13.115.000 денари односно 213.000 евра, а по нив со помалку од 200 илјади евра, а повеќе од 100 илјади евра се ГРОМ, ЛДП, Социјалистичка партија, ВМРО-НП.
Тоа се пари што секоја година граѓаните ги даваат за партиите, кои, според Законот за финансирање партии, освоиле барем 1 отсто гласови од вкупно излезените гласачи. Но, според истиот закон, овие партии не добиваат исто пари бидејќи оние што освоиле повеќе гласови на последните избори, пропорционално добиваат и поголем дел од колачот. Така пропишува членот 10 од овој закон. За претстојните претседателски и парламентарни избори се оперира со бројка од 10 милиони евра народни пари што ќе бидат потрошени на политичко рекламирање на партиите.
Сето ова јасно говори дека додека народот тоне во сѐ подлабока сиромаштија, стопанството се соочува со невозможни услови за функционирање, политичките партии продолжуваат да се рекламираат врз грбот на граѓаните и компаниите.
Дојдено е време народните пари да се пренасочат на полезни работи
Политичкиот аналитичар и пиар-експерт Синиша Пекевски смета дека е апсурдно државата да ги финансира рекламните кампањи на политичките партии, но, од друга страна, додава дека има впечаток дека постои премолчен консензус работите да не се менуваат. Зошто?
– Професијата политичар се заштити со последните измени на Кривичниот закон, потпишани и одобрени од претседателот Стево Пендаровски. Па така, политичар е најдобра професија во која имаш само бенефиции без реперкусии. Тотално е политички неодговорно државата да финансира политички партии и тие да ги трошат парите како сакаат, ама ова е Македонија, каде што апсурдот е реалност – вели Пекевски.
Според него, навистина е дојдено времето државата да ги скрати парите за политичко предизборно рекламирање на партиите и да се однесува општествено и граѓански одговорно и тие средства да ги намени за многу пополезни цели.
– Сметам дека треба да се пренаменат законски овие средства што им се даваат на партиите (со кои, за жал, се плукаат по медиумите) и да се употребат за побитни нешта. За да почне и кај нас пред секои избори да имаме квалитетна позитивна кампања, потребно е да созрееме како општество, а позитивниот пристап ќе постои и кога ќе се воспостави вистинско владеење на правото, што подразбира казнување на криминалот – потенцира Пекевски.
Претставниците на граѓанскиот сектор со кои се консултиравме сметаат дека партиите нема лесно да се откажат од буџетските пари за рекламирање пред избори.
– Колку и да се препукуваат, партиите имаат консензус за работи што се од нивен интерес. Имаа консензус за покачување на платите, имаат консензус да не поминат измените на Изборниот законик и повторно државата да им го финансира рекламирањето во медиумите, но и да им ги полни партиските каси. Богати држави не го прават тоа, не знам зошто кај нас сѐ уште се прави тоа – заклучуваат некои од граѓанските активисти.