Анонимуси

По неколкумесечната сага околу изборот на нов републички јавен обвинител, откако мандатот на стариот му заврши без да му биде исполнета желбата да седне во судското столче во Уставниот суд, Македонија го доби новиот државен јавен обвинител.
Собранието со 62 гласа „за“ неодамна го избра Љупчо Коцевски, повторно човек пред пензија, кој наместо да се посвети на мирните пензионерски денови и прошетки се нафати да ја води институцијата што со своето неработење веќе со години е синоним за толеранција на криминалот и корупцијата, до која ниту допира глас, а уште помалку се постапува.
Во една таква девастирана институција, во која граѓаните веќе немаат никаква доверба, доаѓа човек што никој од фелата не го познава, а уште помалку е познат во јавноста.
Ама чудесна е оваа наша Македонија, во која првите работни места се премиерски, во кои седнаа млади луѓе на некои дваесетина години, токму во време кога се создаваше државата и кога многу процеси беа уште тогаш накриво насадени. Како и да е, тие барем беа познати, народот ги знаеше, им веруваше во она што го кажуваа, едноставно сакаа да веруваат во митовите што им ги раскажуваа, за Македонија како држава во која се остварени вековните идеали на Илинден и АСНОМ.
Сега на клучни функции доаѓаат анонимуси. Не толку одамна, на преговорите во Пржино, од нигде никаде се појави името на Катица Јанева како главна обвинителка на новоформираното специјално обвинителство, параинституција на државното обвинителство. Немаше човек во оваа држава што во тој момент не се запраша која е оваа жена. Арно ама, бидејќи народот не се прашува за ништо, некој така одлучил и почна сагата на „трите грации“, на повиците пред МВР пред полноќ „отвори ја капијата“, за на крајот сето ова наместо триумф над корупцијата и криминалот, да заврши со затворска казна за специјалната обвинителка по пресуда за сторен криминал од нејзина страна. Ги фрлија сите маичките на кои беа испечатени трите дами од СЈО, без да сфатат што се случило.
Се случува тоа што секому му е јасно. Да тргнеме од простата логика. Зошто Реал Мадрид, Барселона, Манчестер, Баерн или некој друг голем клуб не купуваат анонимни и непознати фудбалери? Затоа што сакаат нивниот тим да биде најдобар и не се подготвени да ризикуваат. (Сега понекогаш се случува и понекоја утка, ама можат веднаш да го стават на трансфер-листа и да го продадат.)
Тоа е во спортот, но така е и во сите работи. Ако сакаме резултати, изборот секогаш мора да биде од најдобрите кандидати. Сакаме ефикасна администрација, ќе ги избираме најдобрите, нема да се замараме со етнички квоти и слично. Сакаме квалитетно образование, здравство, сакаме модерна инфраструктура, повторно ќе ги избираме најспособните, луѓе со искуство, кои се докажале во својата дејност, а не се некакви партиски предлози.

Новиот републички јавен обвинител доаѓа во период кога Обвинителството е пред сериозен тест дали конечно ќе се одважи да работи или, пак, и натаму ќе биде обичен сервис на владејачките структури. Граѓаните немаат никаква доверба во судските институции, а Европа бара владеењето на правото и борбата со корупцијата и криминалот да бидат клучни. Затоа беа потребни докажани кадри, кај кои партиските телефонски броеви нема да ги има во именикот, каде што допрениот глас ќе биде повод за поведување истражна постапка, во кои јавноста ќе верува.
Неодамна и на претседателското место на Судскиот совет седна човек чија кариера исто така е непозната доволно за јавноста, која се прашува од каде излегуваат сите овие луѓе, како тие ќе одговорат на предизвиците, кои не се воопшто мали, особено сега кога земјава сака да преговара со ЕУ. Дотолку повеќе што една од земјите членки, Холандија, будно го следи секој чекор во делот на владеењето на правото, така што ако продолжат гротеските во судството, тогаш нема само уставните измени да бидат пречка за евроинтегративните процеси.
Како некој намерно да поставува функционери на круцијални позиции, кои политиката ги поставува без некој посебен професионален багаж, без изграден врвен авторитет како носители на тие функции, каде и да биле, наместо луѓе од фелата што ќе можат да се носат со бремето на функцијата преку искуството што го стекнале во досегашната кариера. Со оглед на тоа што станува збор за личности што не се издвоиле во својата работа, не оставиле некој посебен печат во нивната работа, допрва ќе треба да се обидат да го оправдаат нивниот избор.
Оттука и со право постои основаниот сомнеж и секојдневно се отвораат прашањата дали овие луѓе ќе можат да го кренат рејтингот на судството и дали воопшто ќе одговорат на предизвиците што им ги носи позицијата.
Допрва треба да видиме дали поставувањето на овие функции ќе биде оправдано, бидејќи доаѓаат во многу тежок период за Обвинителството, обременето со неефикасност, голем број случаи на застарувања на предметите, наводи за политички и бизнис-влијанија, а токму тоа и се причините за речиси нула довербата што граѓаните ја имаат и во Обвинителството и во судството.
Следниот период ќе треба да се докаже дали се подготвени да го внесат тој свеж воздух, кој на правосудството му треба како последна капка крв, да внесат ред, да се справат со лошиот имиџ и конечно да го исправат она што одамна и со години е искривено.

Да се биде јавен обвинител е одговорна задача, која бара познавање на состојбите и предизвиците со кои се соочува Обвинителството, искуство во кривичниот прогон, раководни и комуникациски вештини, професионален авторитет и доверба кај колегите. Новиот јавен обвинител, презентирајќи ја програмата, изрази верба дека може да одговори на предизвикот да го води Јавното обвинителство, а таква надеж имаат и сите граѓани во оваа држава, кои очекуваат конечно некој да се одважи и да почне сериозно да работи на спречување на корупцијата и криминалот во оваа држава и на тој начин да го оправда својот избор. Во спротивно, Македонија ќе остане губитнички тим со лоши играчи.

[email protected]