Дејан Трајкоски, автор и новинар
„Тажен и прекрасен свет: филм 2005-2015“ e новата книга на Дејан Трајкоски, во која се опфатени интервјуа со реномирани имиња од светската кинематографија, оскаровци, како и рецензии на култни филмови, наградувани наслови. Тој зборува за блиските средби со афирмирани актери, режисери, продуценти, за најубавите и најзначајните моменти од неговата новинарска кариера.
Тешко ли беше да се направи селекцијата на текстови за овој обемен избор?
– Како и многу други работи во животот, беше и тешко и лесно во исто време. Оваа книга можеше да има 800 страници. А можеше да биде и помала од 200 страници. Се одлучив за материјалот што е во книгата како за најрепрезентативен. Ги избирав текстовите на кои сум работел по многу време, во кои сум ги премислувал, везел, прередувал и украсувал зборовите по мера. Во тие десет години работа како новинар, во тоа време кога новинарството беше на питачки стап, ние неколкумина имавме можност и среќа да ги фатиме последните искри на нешто вредно, да сме рамо до рамо со нашите колеги од странство. Тогаш мислевме дека новинарството е, и беше, на дното, од повеќе аспекти. Сега и дното е недостижна висина. Тоа доволно говори за државното, општественото и социјалното опкружување на една држава.
Опфативте ли сѐ што сакавте да добие подолг рок на траење и да биде зачувано на неопределено?
– Во најголем дел, да. Книгите се како кинотека, како библиотека. Чуваат историја, чуваат времиња. Се надевам дека кога некој ќе влезе во визбата на филмската историја ќе најде потребни информации за таа една декада, па и повеќе.
Зошто ви беше важно вашите разговори и критики од 2005 до 2015 г. да добијат корици?
– Зошто е важно да се стави што било меѓу корици? За да се спаси од заборавот? Или да се сподели со заинтересираното малцинство? Или… Не сум најсигурен кој е точниот одговор. Во секој случај, доколку барем еден студент прочита некое од интервјуата, па пред да работи и самиот интервју ако се инспирира да го изгледа целиот опус на авторот со кој разговара, ете, тоа би ја оправдало книгава.
Лесно ли се размотува муабетот со овие светски имиња?
– Зависи. Изненадувачки е што, во најголем дел од случаите, авторите не се брзаа, не беа надмени. Беа тука, и беа тука да ја завршат работата како што треба. Особено е лесно кога ќе видат дека навистина сте ги гледале и ги разбирате нивните филмови. На пример, со Семи Капланоглу, Кристијан Бергер, Вељко Булајиќ, Јан Харлан, го продолживме разговорот и по интервјуата. Се разбира, секогаш има и негативни отстапки. Особено е интересно кога интервјуата траат по многу време. Интервјуата со Менцел, Харлан, Зануси, Капланоглу… траеја по околу еден час. Во тоа време, мора да внимавате, можеби да ја олесните ситуацијата со едно „полесно“ прашање, да го изненадите соговорникот. Најдобро е што во најголем дел од интервјуата, соговорниците уживале во разговорот и се потрудиле да дадат добри одговори. На тоа сум горд.
Има ли интервју што и денес ве радува, што е дел од вашата „кратка биографија“?
– На ова прашање ќе одговорам како што одговарам на прашањето: „Кој ти е најомилен филм“, напоменувајќи повеќе интервјуа. Јиржи Менцел. Моето прво интервју со оскаровец. Човек чија уметност ја ценев и ја ценам бескрајно. Никогаш не ни помислував дека ќе го видам оддалеку, а не пак дека ќе работам интервју со него. На крајот, разговаравме цел час. Тогаш дознав дека и на славните уметници им е драго кога некој добро ја анализира нивната работа и возвраќаат со достојна почит. Семи Капланоглу. Бидејќи го изброив до секунда времетраењето на светлото од рударската капа, во клучна сцена од негов филм, па по интервјуто, уште сакавме да разговараме. Кжиштоф Зануси. Филмскиот филозоф. Бидејќи, како ретко претходно, разговарав со славен човек на мој, на наш јазик. И се разбиравме лесно.
Дали вистинскиот муабет почнува откако диктафонот ќе се исклучи, колку тогаш соговорниците се поотворени?
– Од повеќето можности за средби, најблиски беа тие на фестивалот „Кустендорф“. Таму сѐ се случува на едно место и сите се еднакви. Гаел Гарсија Бернал и Кустурица седат на масата до вас. Јадат исто што и вие. Пијат кафе. Дишат. Таквите моменти потсетуваат дека сите сме различни, но и сите сме исти. Бев изненаден од непосредноста на Жилиет Бинош. Кога во Сараево на мастерклас ја прашав за нејзината работа со Кишловски, се насмевна пријатно, направи мала пауза, и почна да одговара долго и убаво. На прес-конференција во Берлин видов дека Мерил Стрип е хиперинтелигентна и дека има прекрасна смисла за хумор. Имаше тотална доминација над сите други, во интелектуална смисла. Во Романија правев интервју со Самуел Маоз, режисер награден со „златен лав“. Филмот „Либан“ е за неговото искуство како војник, па тоа беше првпат да разговарам со човек што имаше убивано. Со Жоао Салавиза, единствениот режисер што пред да наполни 30 години добил „златна мечка“ и „златен лав“ за кратки филмови, останавме пријатели. И, секако, Џим Џармуш, со кого, во тие неколку минути во ист круг, стоевме и разговаравме за Џон Лури. Тоа беше најубавиот момент во мојата новинарска кариера. И тоа што син ми Давид има потписи од Џармуш, Џони Деп, Менцел, Дарен Аронофски…
Кога сме кај филмската критика, дали полесно се пишува за странски наслови отколку за домашни?
– Како прво, сега веќе речиси и никој не пишува. А за мене немаше некаква голема разлика. Освен тоа дека, со голема веројатност, во домашни продукции ги познавате авторите. Тогаш, секако, малку е потешко да критикувате. Но имало и случаи кога автори кажале дека негативната критика била добра. А имало и случаи кога се греши. Секако, критичарите не се богови. И тие, како и филмските автори, понекогаш се сопнуваат на запирки, извичници, движења на камерата.
Сите филмови заслужуваат филмска критика, но како филмовите ве избираат вас да им направите еден критичен осврт, како одлучувате на кој наслов да направите еден анатомски преглед?
– Во најголем дел од случаите пишував за филмови што разбудиле нешто во мене. Во кои имало вредни нешта за да се промислува и наполни страница. Интересно е дека за мене беше исто да пишувам за лош филм и за добар филм.
Денес речиси и да не постои филмска критика, на што го припишувате овој недостиг?
– Не само филмска туку денес не постои речиси никаква критика. На ова прашање може да се одговара од многу аспекти. Сепак, коренот на одговорот, како и за многу други нешта, лежи во образованието. Кога објавувањето вести на интернет стана реалност, тогаш во сета сила се виде интересот на генералната публика. Текст за кој биле потребни неколку дена за да се напише е кликан 50 пати, а текст за кој биле потребни неколку минути: 5.000 пати. Тоа не е изгубена битка, туку однапред изгубена војна. Секако, тоа значи само дека треба тврдоглаво да се продолжи војната. Бидејќи секоја критика е важна. Критиката е важна како вода за човек во пустина. Толку важна, што нема потреба да се објаснува зошто е важна.