Клучната дилема што се наметнува кај јавноста е дали Атина ги прекрши воспоставените дипломатски протоколи, така што си дозволи да информира други земји за важноста, односно неважноста на документите што ги издава Македонија. Водејќи се по сета правна логика и дипломатските практики, нотата требаше да ја испрати македонската страна, како држава чии институции им ги издале личните документи на македонските државјани. Со ваквиот чин, Грција на некој начин се меша во внатрешните работи на соседната земја

Грција не губи време – со нота ги информирала сите земји за престанокот на важноста на македонските пасоши без „северна“

Измина петгодишниот „технички“ преоден рок од Преспанската спогодба, со кој се предвидува целосна замена на сите документи на кои пред името Македонија не стои географската одредница „северна“, а Грција уште пред истекот на рокот со нота ги информирала сите држави дека валидноста на македонските пасоши истекува на 12 февруари.
Потегот на грчките власти е на линија на она што претходно го најави шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис кога испрати циркуларно писмо до сите грчки министерства, во кое јасно посочува дека по 12 февруари ниту еден документ без „северна“ нема да важи, но и дека Грција будно ќе ја следи имплементацијата на Спогодбата од Нивици од македонска страна, без да каже кога грчката страна ќе ги имплементира трите меморандуми, кои и натаму стојат во фиоките во грчкиот парламент.
Сепак, клучната дилема што се наметнува кај јавноста е дали Атина ги прекрши воспоставените дипломатски протоколи, така што си дозволи да информира други земји за важноста, односно неважноста на документите што ги издава Македонија. Водејќи се по правната логика и дипломатските практики, нотата требаше да ја испрати македонската страна, како држава чии институции им ги издале личните документи на македонските државјани. Со ваквиот чин, Грција на некој начин се вмеша во внатрешните работи на соседната земја и го проблематизира функционирањето на илјадници македонски државјани во странство, кои сѐ уште поседуваат стара патна исправа.
– Според воспоставените дипломатски протоколи во рамките на Обединетите нации, валидноста на пасошите на една нација на меѓународната сцена може да биде доведена во прашање или пасошот да се смета за неважечки само преку формално известување од страна на земјата (во случајот македонското МНР), а не од страна на други земји, без разлика на билатерални договори. Поточно, единствено министерот за надворешни работи на Македонија може да испрати комуникација до сите земји членки на ОН со која ќе ги прогласи сите претходни верзии на нашите пасоши за неважечки од одреден датум. Ова е суверена работа, која спаѓа во јурисдикција на владеењето на Македонија и не е предмет на надворешна власт или интервенција – порачуваат од Обединетата македонска дијаспора, во писмо што го упатуваат до претседателот, техничкиот премиер и до министерот за надворешни работи на Македонија.
Според ОМД, билатералните договори, како што е Договорот од Преспа потпишан меѓу Грција и Македонија, не даваат никакво овластување на една нација еднострано да ги информира другите земји за статусот на патните документи на друга земја.

– Улогата на ОН е да бидат информирани за таквите договори, а не да спроведуваат промени врз земјите членки без експлицитна согласност и акција на директно инволвираната нација – се истакнува во писмото.
Понатаму од ОМД го повикуваат државниот врв да се воздржи од испраќање какво било писмо или известување до земјите членки на ОН во врска со неважење на претходно издадените македонски пасоши.
– Секое такво дејство не само што ќе го поткопа нашиот национален суверенитет туку и потенцијално ќе им нанесе непријатности на граѓаните што се потпираат на нивните тековни документи за меѓународно патување – нагласуваат од ОМД.
За нив, секој обид на Грција или на која било друга нација да шири информации за неважење на македонските пасоши врз основа на билатерални договори или од која било друга причина е неприфатливо кршење на дипломатскиот бонтон и навреда на суверенитетот на Македонија.
– Ваквите дејства, доколку се преземат, ќе се сметаат за директна навреда за нашата нација и нејзините граѓани, особено од дијаспората. Ја повикуваме меѓународната заедница да ги почитува воспоставените протоколи и суверенитетот на нациите во управувањето со сопствените работи, особено во однос на прашањата толку чувствителни како валидноста на патните исправи. Обединетата македонска дијаспора е подготвена да ги брани правата и достоинството на нашата нација и нејзините граѓани од какви било дејства што би ги поткопувале – се наведува во писмото на ОМД, апелирајќи да се почитуваат принципите на меѓународното право и дипломатскиот протокол. С.Т.