Крај на ерата на хегемонија

Шпанија беше првата глобална империја што го оствари тој статус во 16 век. Во периодот до 19 век, Британија беше таа што стана глобален хегемон. По завршувањето на Втората светска војна, САД ја презедоа функцијата на нов глобален хегемон. Сега, моќта на Америка исчезнува и некои Американци стравуваат дека Кина ќе биде следниот хегемон. Всушност, ние се движиме кон свет во кој повеќе нема да има хегемонија.
За да видиме зошто е тоа така, неопходно е да ги разбереме двигателите на геополитичките промени.
Во 1770-тите, Џејмс Ват, додека работел на Универзитетот во Глазгов, го создал мошне ефикасниот парен мотор. Британија ја искористила евтината енергија на пареата како и своите огромни резерви на јаглен за да ја изгради современата светска индустриска економија. Британската морнарица, користејќи ја моќта на пареата, владеела со морињата.
Иновациите ѝ овозможија предност на Британија од околу 75 години пред нејзините најблиски конкуренти – САД и Германија. До крајот на 19 век, САД и Германија, кои се богати со свои резерви на јаглен, ги прифатија, адаптираа и, во голем број случаи, ги надминаа индустриските иновации на Британија.
Во периодот помеѓу 1914 и 1945 година, Британската Империја беше смртно ранета поради две светски војни. САД, кои се заштитени со два океана, ја зголемија својата индустриска и технолошка моќ. До 1945 година, Британската Империја беше скршена, додека Америка засилено земаше замав. За да ја обезбедат својата хегемонија, САД воспоставија стотици прекуокеански воени бази во околу осумдесет земји во светот. ЦИА, која беше формирана во 1947 година, предводеше државни преврати, атентати и бунтови против оние влади што ѝ се спротивставија на моќта на САД.
Подемот на Кина во периодот помеѓу 1980 и 2020 година потсетува на подемот на Германија и САД што се случуваше кон крајот на 19 век, но со една голема разлика. Фаќањето чекор сега може да се случи многу побрзо отколку што тоа било случај во 19 и 20 век. Технологијата брзо се шири во земјите што се добро организирани, како што е денешна Кина, која успешно промовираше квалитетно образование и ширење на науката и технологијата.
Нема ништо лошо во брзото ширење на технологијата. Напротив – ширењето на технологијата го подобрува глобалниот животен стандард и поттикнува понатамошни иновации. Подемот на Кина беше добар не само за Кина туку и за целиот свет. Економскиот напредок е игра што има позитивен збир, а не борба со збир нула.
САД повеќе не доминираат во светската економија. Поопшто кажано, економската доминација на Северноатлантскиот Регион (Западна Европа, САД и Канада) се ближи кон својот крај. Уделот на САД во светското производство најверојатно ќе се намали од околу 15 проценти во 2023 година на околу 10 проценти во 2050 година.
Влегуваме во мултиполарен свет во кој не постои хегемон. Американските политичари стравуваат дека Кина ќе стане новиот хегемон, но нивната загриженост е неоснована. Во текот на својата долга историја од повеќе од 2.200 години како обединета држава, Кина никогаш не се стремела кон прекуокеанска империја. Ниту, пак, Кина би можела да стане новиот глобален хегемон дури и да сака – а не го прави тоа.
Постојат две главни причини за тоа. Првата е тоа што надградувањето на технологијата ја зајакнува не само Кина туку и поголемиот дел од светот. Индија, на пример, има приближен БДП по жител како и Кина пред 15 години, но сега расте побрзо од Кина. Веднаш зад Индија најверојатно ќе се случи и периодот на брз раст и подем на Африка.

Второ, кинеското население го достигна својот врв во 2023 година и сега почнува да се намалува. Поради претстојното намалување на бројноста на населението во Кина, уделот на оваа држава во светското производство (мерено според цените што се приспособени за куповната моќ, како и според податоците на ММФ) веројатно ќе го достигне својот максимум во следниве неколку години, со приближно 20 отсто од светското производство, и потоа ќе се намали на околу 17 проценти до 2050 година. Спротивно на тоа, глобалниот удел на Индија во БДП најверојатно ќе се зголеми од околу 7 проценти, колку што изнесува денес, на можеби 13 проценти во 2050 година.
Африка исто така најверојатно ќе стане многу поголем дел од светската економија до средината на овој век. Уделот на Африка во светското производство веројатно ќе се зголеми од околу 5 отсто во 2023 година на околу 20 отсто до 2050 година.
Хегемонистичките аспирации на Америка не се општоприфатени ниту од остатокот од светот, а не се ниту реални со оглед на намалената релативна моќ на Америка. Наместо бесполезно да се замислува за продолжување на хегемонската доминација, која повеќе и не постои, САД треба да се стремат кон постигнување глобален мир и соработка како основа за безбедноста на САД. Корисен чекор би бил затворањето на повеќето од нејзините воени бази во странство, бидејќи тие го исцрпија буџетот на САД, ги дестабилизираа земјите домаќини и ги втурнаа САД во многу непотребни војни во последниве децении.

Џефри Д.Сакс

(Республика.еду.мк)