Поради климатските промени на Земјата, ураганите може да изгледаат толку моќно што ќе треба да се воведе нова категорија за да се класифицираат таквите катастрофи. До овој заклучок дојдоа американски климатолози од националната лабораторија „Лоренс Беркли“. Студијата е објавена во научното списание „Просидингс оф д нешнл академи оф сајенсис“ (ПНАС).
Постојната скала на ураганите, Сафир-Симпсоновата скала, вклучува пет категории: од еден (33 – 42 метри во секунда) до пет (повеќе од 70 метри во секунда). Научниците од лабораторијата „Лоренс“ претставија хипотетичка категорија шест на скалата, која би вклучувала бури со ветрови поголеми од 85 метри во секунда.
Климатолозите забележаа дека антропогеното глобално затоплување предизвикало значително зголемување на температурите на површината на тропосферскиот воздух на океаните во регионите каде што се формираат урагани, тропски циклони и тајфуни.
Тимот ги анализираше историските податоци за ураганите од 1980 до 2021 година и откри пет урагани што може да се класифицираат како шеста категорија, а сите се случија во изминатите девет години.
Истражувачите направија и симулации за да видат како затоплувањето на климата ќе влијае на силата на ураганите. Нивните модели покажаа дека со глобалното затоплување за два степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, ризикот од бури од шеста категорија се зголемува за 50 отсто во близината на Филипините и двојно се зголемува во Мексиканскиот Залив, пишува рускиот сајт „Зен“.