Претпоставените опции за компромиси по изборите за Европскиот парламент пролетва, како да навестуваат променливи трилатерални или четирилатерални механизми за интеграција во ЕУ. Дали тоа би можело да биде почеток на Европа на концентрични центри?
За уставните измени во Македонија:
Довербата на македонската јавност спрема т.н. европска принципиелност, ветувањата, барањата и очекувањата на Европската Унија (во пакет со условите што ги поставува за почеток на преговорите за членство), има забележително опаѓачки тренд, по серијата вета од земјите членки на ЕУ, по потпишувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор…
Пет години по официјализирањето на Преспанскиот договор, со кој Македонија доби географска одредница како додавка во своето уставно име (за кој еврофункционерите низ годините на македонското чекање пред институциите на ЕУ велеа дека е „последниот услов“), земјата е соочена со тотално индискретен меѓународен притисок за спроведување уставни измени по барање на Бугарија, како уште еден вонстандардно-критериумски услов за почеток на преговорите за членство во Унијата.
И покрај декларативно официјалната реторика на лидерите од ЕУ-земјите за посветеност на идејата за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, конкретните одлуки и дејства на Советот на ЕУ испраќаат сосема поинакви сигнали до кандидатите од регионот (секако и до Македонија), од кои се бараат нови и нови отстапки, надвор од Копенхашките критериуми!?
Предизвиците на ЕУ со внатрешното реструктурирање и политичките наративи врзани со поединечните национални интереси
На 1 февруари, европските лидери едногласно го одобрија пакетот за помош и закрепнување од 50 милијарди евра за Украина, откако го убедија унгарскиот премиер Виктор Орбан да се откаже од претходното вето на средствата. Ова се случува по историската одлука на Европскиот совет во декември да ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија, и покрај апстиненцијата на Орбан за „пауза за кафе“.
Процените на политичките аналитичари се дека ваквите одлуки на Советот на ЕУ добиваат уште поголемо значење во време на борбата на администрацијата на Бајден да обезбеди повеќе американско финансирање за Киев, особено во контекст на можноста за потенцијално враќање на претседателот Трамп, по годинашните избори во САД. Како дел од нивното геополитичко будење од февруари 2022 година, европските лидери (26 од нив во секој случај) се чини дека ја сфатија стратегиската важност на проширувањето на Унијата кон исток. Дека исклучителниот самит на Советот овој месец беше неопходен, сепак, заедно со несигурностите генерирани од Трамп, укажуваат на поголем предизвик за проширената ЕУ: потребата за поголема внатрешна интеграција. Односно, на ЕУ ѝ се потребни политички поефикасни механизми за работа ако сака да опстане во светот на тешките тегови – свет што бара брзо донесување одлуки.
Сепак, особен предизвик за поголемата внатрешна интеграција во ЕУ и понатаму се политичките наративи на различните земји членки, кои сè уште се многу самореферентни и главно врзани за националните интереси. Се чини дека не постои голем европски дух „одоздола“ што може да помогне да се одржи силна одбранбена позиција во украинскиот контекст, со распоредување воени, економски и политички ресурси, а во исто време да развие нов нагон за интеграција.
Сепак, надежта е насочена, дека по фазата на поларизација поради изборните кампањи за Европскиот парламент оваа пролет, интеграцискиот пат да најде плодна почва за рестартирање на нова основа. Лидерите на петте најголеми европски земји се очекува да останат на функцијата во следните две-три години, што ќе им донесе време и безбедност да го решат овој императив. Францускиот и германскиот систем на управување ги смируваат Емануел Макрон и Олаф Шолц; Џорџија Мелони се чини дека нема внатрешни ривали и досега ја ослободува хроничната нестабилност на Италија. Во меѓувреме, Шпанецот Педро Санчез штотуку е повторно назначен, а Доналд Туск се чини дека ја води Полска назад кон покласичен европеизам.
Но компромисот што се очекува по изборите за Европскиот парламент нема тенденција да произведе силно лидерство на ниво на ЕУ, а оската меѓу Франција и Германија се чини дека не функционира како некогаш. Во овој вакуум може да се појават нови фигури и модели – а Мелони и Туск би можеле да играат важна улога. За некои прашања, Мелони зазеде антиевропски позиции, како што е одлуката да не се ратификува реформата на Европскиот механизам за стабилност. Но нејзината игра е различна од евроскептиците во духот на Орбан. Мелони се чини дека ја репозиционира својата партија Браќа на Италија како сила што работи за поинаква Европа, со повеќе простор за националистите; но како конструктивна сила, а не деструктивна.
Ваквите претпоставени опции за компромиси по изборите за Европскиот парламент, пролетва, како да навестува променливи трилатерални или четирилатерални механизми за интеграција (на пример со Шпанија или Полска). Дали тоа би можело да биде почеток на Европа на концентрични центри? Ова секако би било нешто поблиску до идејата на Мелони за Европа – и онаа на другите националисти или популисти, кои може да излезат засилени од претстојните европски избори.
„Брзоплетост“ (за неевропските услови на ЕУ) наспроти „бавноплетост“ (стрпливост за подобра преговарачка позиција) на Македонија
Условот за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, вграден во предлог-преговарачката рамка, т.н. „француски предлог“, од 19 јули 2022 година го поларизира македонскиот политички амбиент, но и јавното мислење. Анкетите за ова прашање, спроведувани во овој период од една и пол година, речиси континуирано покажуваат несогласување, повисоко од 70 отсто на испитаниците, со наметнувањето и уценувачкиот пристап за внесување на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав. Контроверзно принципиелната одлука на самитот на ЕУ, од декември, минатата година, со која на Украина и на Молдавија им беше одобрено да започнат преговори за членство, и начинот на кој тоа беше изведено (со „излез“ на унгарскиот премиер Орбан на кафе-пауза за време на гласањето), дополнително ги проблематизира неконструктивниот однос и непринципиелното условување на Македонија со вето за прашања од билатерален карактер и надвор од критериумите за проширување.
Целиот овој „европски контекст“ на самопреструктурирање, како и веќе создадениот амбиент во изборна година, во Македонија, но и во Европската Унија, па и во САД, го наметнуваат прашањето: Колку е воопшто политички мудро, во Македонија да се брза со спроведување на уставните измени за почеток на преговорите со Унијата?
– Спроведувањето на уставните измени за почеток на преговорите со Унијата принципиелно е погрешно поставено и е еден од чекорите за исполнување на бугарските услови вметнати во преговарачкиот процес, дури и предуслов за натамошни барања. Тоа ниту смееше, ниту треба да биде предмет на итност. Притисокот од странскиот фактор врз Македонија веројатно ќе се зголеми поради нашите избори. Меѓутоа, во година на избори во ЕУ и во САД со многу неизвесности, треба многу повнимателно да се постапува, имајќи ги предвид нашите долгорочни интереси – вели Малинка Ристевска–Јорданова, експертка со децениско искуство за евроинтегративните процеси на Македонија.