Од ваквите настапи и пораки може да се извлече само еден и единствен заклучок, дека албанскиот политички блок во земјава се води исклучиво според насоките диктирани од Косово и од Албанија, а не според потребите на Македонија. Тоа практично ја претвора земјава во еден вид косовска губернија, а секојдневното „поклонение“ на овдешните политичари на консултации кај Курти, стратегиски или дневнополитички, сериозно ја фрустрира македонската јавност, која со право бара одговори на прашањето кој ја крои македонската судбина, дали ние самите или, пак, некој друг од соседството
Обиди во низа за надворешни замешателства и ставање во заложништво на власта во Македонија
Бурни реакции во македонската јавност предизвика завчерашната посета на буквално целиот албански политички блок во земјава на консултации во Приштина, каде што со косовскиот премиер Албин Курти се разговарало околу можните коалициски комбинаторики по изборите во Македонија.
Иако албанските политичари од земјава се обидуваат да ја релативизираат целата работа и консултациите да ги сведат на теми за пошироки регионални прашања, сепак искуството со сличните „консултации“ во Тирана пред пет години, од кои произлезе таканаречената тиранска платформа, покажа дека ваквите координации со соседните центри не се во насока на градење подобра и попросперитетна Македонија, туку повеќе водат кон нејзина деградација на сите нивоа.
Имено, додека партиите во земјава коваат планови и тактики како да го надмудрат политичкиот опонент во пресрет на изборите, добар дел од домашните политичари решенијата почна да ги бара на Косово, примајќи совети од тамошните власти.
Завчера целата албанска опозиција од земјава, дополнета со лидерот на владејачката Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, беше на средба со косовскиот премиер Албин Курти, за да утврдат стратегија за настап на претстојните избори во Македонија. Паралелно, и лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, отиде на Косово, каде што за тамошен медиум даде интервју во кое порача дека „сѐ уште не било дојдено времето за Албанец претседател во Македонија“.
Од ваквите настапи и пораки може да се извлече само еден и единствен заклучок, дека албанскиот политички блок во земјава се води исклучиво според насоките диктирани од Косово и од Албанија, а не според потребите на Македонија. Тоа практично ја претвора земјава во еден вид косовска губернија, а секојдневното поклонение на овдешните политичари на „баци рака“ кај Курти сериозно ја фрустрира македонската јавност, која со право бара одговори на прашањето кој ја крои македонската судбина, дали ние самите или, пак, некој друг од соседството.
Сето ова ги иритира обичните граѓани, кои сметаат дека политичарите треба да работат за доброто на Македонија, а на Косово и Албанија јасно да им стават на знаење дека македонските политики треба да се кројат во Македонија.
– Не беше толку одамна кога сите албански политичари од земјава отидоа кај Еди Рама во Тирана на консултации, па видовме потоа како целата држава се урниса, се смени името, се прифати францускиот предлог без оглед на противењето на граѓаните, едноставно се промени карактерот на државата. И сето тоа на штета на македонскиот народ. Оваа земја е узурпирана од една партија што 20 години е на власт и која функционира исклучиво преку уцени, за да не ја собори Владата добива што ќе посака, за сега да сме сведоци на спроведување апартхејд во државата, односно малцинство не да владее, туку буквално да се изживува врз мнозинството. Ако Косово и Албанија треба да им даваат совети, тогаш нека си ги регистрираат таму партиите и нека учествуваат на тамошните избори – вели револтирано Никола Петрушевски, правник.
Познавачите на надворешнополитичките состојби сметаат дека албанските политички субјекти во земјава се подготвени да одат докрај во своите планови што ги имаат поставено на регионален план.
– Одамна е јасно дека албанските политичари во земјава ги презедоа сите процеси во државата и тие ги водат орото. Користат разни методи да ги остварат сопствените цели, а сѐ покажува дека се решени да одат докрај. Еве, и во таа техничка влада поголем број претставници се Албанци отколку Македонци и нема што да очекуваме од таа влада. Тие постапуваат онака како што им диктираат од страна – вели Драган Јањатов, поранешен дипломат.
Според него, не постои држава во светот каде што домашните политичари одат во соседните земји да се консултираат за внатрешни прашања.
– Не познавам таква држава во светот, а уште помалку познавам каква било меѓународна практика некој да оди во друга држава да се консултира за прашања и политики дома. Ние ја загубивме контролата во оној момент кога ги исклучивме институциите при решавањето на проблемите, туку дозволивме поединци да се занимаваат со нив. Кога нема институции, работите ќе одат така, па ќе бидеме сведоци на консултации кај Курти или кај Рама. Курти не може да ги реши проблемите во сопствената држава, па ќе ги решавал кај нас. Ова во меѓународната практика е невидена работа, ни во историјата не е познат ваков пример. Оделе земји под туѓ патронат, но на друг начин, а не вака. Ова е класично киднапирање на власта од туѓ субјект. Нѐ обвинуваат нас за национализам затоа што си ја сакаме сопствената татковина. Каков национализам! Ако си ја сакаш татковината, не е национализам, туку национализам е да посегнуваш по туѓа територија. Не оди така работата. Имаме легитимно Собрание, Влада, институции, а работите ни се решаваат надвор од државата и од поединци. Оваа состојба на контролирана нестабилност целосно им одговара, нив мува не ги лази ниту за корупциските скандали, ниту за инцидентите, едноставно запоседнаа сѐ. Има и други мали земји, но сите имаат некое свое достоинство и се знае до каде може да се оди. Ние очигледно го немаме – заклучува Јањатов.